Брoj 2765  понеделник, 18 август 2008
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Македонија
Економија
Хроника
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Време
Хороскоп
Што прават денеска

Претходен број


Site Meter
Култура

Замина големиот југословенски снимател Томислав Пинтер

Пинтер работеше на култните „Собирачи на пердуви“, „Петриниот венец“..., но и на нашиот „Контакт“

Во петокот по долго и тешко боледување на 83-годишна возраст почина големиот хрватски снимател Томислав Пинтер, еден од бардовите на југословенската кинематографија. Пинтер работеше исклучително многу во втората половина на 20 век и тој ја потпишува фотографијата на многу култни дела кои во тоа време ја одбележаа југословенската кинематографија. Меѓу нив се: „Собирачи на пердуви“ (1967) на А. Петровиќ, „Битка на Неретва“ (1969) на В. Булаиќ, „Само еднаш се сака“ (1981) и „Во челустите на животот“ (1984) на Р. Грлиќ, „Петриниот венец“ (1980) на С. Карановиќ и многу други.

Во својата биографија Пинтер има над стотина филмови. Тој е еден од најплодните југословенски сниматели кој работеше со многу големи авторски имиња на домашната, но и на светската филмска сцена. Со Роберт Олдрич работеше на „Дванаесеттемина жигосани“, со Орсон Велс на „Млетачкиот трговец“, а со Макс фон Сидов и Доминик Санда на „Степскиот волк“. Соработуваше и со големиот шведски режисер Арне Матсон и со унгарскиот Миклош Јанчо, а неколку проекти со Винсент Минели, Хју Хадсон и Џон Хјустон не се реализираа поради стек на околности.

Томислав Пинтер е роден 1926 година и од почеток бил вљубен во сликарството. Можеби токму затоа и имаше особен однос кон фотографијата успевајќи од своите кадри честопати да создаде автономни визуелни вредности. Пинтер е познат по своето експериментирање, и по особената употреба на боја, ленти, објектив. Во својата работа секогаш тежнееше кон високи професионални критериуми, а она што е интересно е дека секогаш на филмовите работеше со свој авторски ангажман, втиснувајќи им свој личен печат. Меѓу нив се и: „Бреза“ (1967) А. Бабаја, „Манифест“ (1988) на Д. Макавеев, „Сутјеска“ (1973) на Стипе Делиќ, „Новинар“ (1979) на Фадил Хаџиќ, „Бал на вода“ (1986) на Јован Ачин па се' до нашиот „Контакт“ од 2004 на Сергеј Станојковски.

Како што ни кажа во нашето интервју за време на снимањето на филмот „Контакт“, тоа му беше второ доаѓање во Македонија. Првиот филм кој го работел овде бил документарецот за земјотресот во Скопје заедно со Вељко Булаиќ. А она што само пред четири години одушевуваше кај Пинтер, беше неговата желба да работи со млади луѓе полни со ентузијазам, „кои не работат за нешто да сработат, туку гризат“, како што ни рече тогаш. И покрај големите продукции на кои работеше, Пинтер до самиот крај ги сакаше нискобуџетните филмови и малите интимистички арт драми. И веројатно поради тоа, поради едноставноста, поради вистинскиот однос кон суштественото во сликата и поради ентузијазмот со кој работеше и после цел половина век, успеа да биде витален и неуморен истражувач до последниот филм. (С.У.)

 


Статијата е прочитана 243 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Барај со НАБУ
Култура
Велестово е скромно, но планетарно поетско место

Соопштение
Поради годишни одмори, од 25 август до 15 септември, ќе се објавуваат само коментарите пристигнати до 17 ч.