„Мен фешн“ уплати 750.000 евра за трговски центар во Карпош
За две години на 113.000 квадрати ќе никне голем шопинг-мол вреден 110 милиони евра
Деспина Трајковска
На заградениот простор меѓу салата „Партизан“ и булеварот „Партизански одреди“ во Карпош наскоро ќе почне изградбата на ексклузивниот трговски центар вреден речиси 110 милиони евра, инвестиција на австриска компанија во соработка со фирмата „Мен фешн“ од Македонија. Инвеститорите платиле дел од комуналиите, што е последниот неопходен чекор за добивање одобрение за градба. Градоначалникот Стевчо Јакимовски вчера информираше дека на сметка на Општината „легнале“ 750.000 евра од вкупно пресметаните 2,5 милиони евра за комуналии колку што и' следуваат на Карпош. Според неговите сознанија, инвеститорот ги уплатил комуналиите и на Град Скопје.
„Со оглед на извршената уплата, веќе е во постапка процедурата да го издадеме одобрението за градба, што ќе се случи во скоро време. Уплатени се 750.000 евра, а останатите од вкупно 2,5 милиони евра инвеститорите ќе ги отплаќаат на 11 рати, за што потпишавме и протокол. Значи, градежните активности на терен ќе почнат наскоро, односно во зависност од желбата на инвеститорот. Инаку, земјиштето е оградено, бидејќи пред неколку месеци ги издадовме локациските услови“, изјави вчера Јакимовски, кој оваа инвестиција ја посочи како една од поголемите што се очекуваат годинава во општината Карпош.
Од „Мен фешн“ вчера не беа достапни да информираат за евентуалниот прецизен термин за почеток на изградбата и дали воопшто таа ќе биде свечено официјализирана. Неодамна инвеститорите информираа дека ќе градат ексклузивен трговски центар на површина од 113.000 квадратни метри, на приземје и два ката. Паркирањето ќе биде решено странично и подземно, со капацитет до 2.000 места. Објектот ќе се гради според проект на американска архитектонска компанија, која има искуство во изградба на вакви објекти низ светот, од кои педесетина се во Европа.
Трговскиот центар ќе располага исклучиво со комерцијален простор и освен бутици со ексклузивни брендови, но и марки достапни за нашиот стандард, во центарот ќе има и кафетерии, место за забава, содржини за деца и, воопшто, катчиња како во сите светски шопинг-молови.
Рокот за изведба на објектот е две години, а ќе го гради македонска компанија. Според ДУП, во овој реон освен изградба на трговски центар има маркички за изградба на ексклузивен хотел, градинка, пазар, пензионерски дом, пошта и црква. За црквата постои маркичка во непосредна близина на еден од главните влезови на трговскиот центар, а за нејзината изградба планира средства да донира и инвеститорот на ексклузивниот шопинг-мол.
|