Дипломатската штафета од Друцас кај Ламбринидис
Европратеникот стана министер, министерот европратеник
Од нашиот дописник Миркица Поповиќ
Атина - Европратеник станува шеф на дипломатијата, шефот на дипломатијата станува европратеник. Јоргос Папандреу со новата реконструкција на грчката влада реши да го проветри и Министерството за надворешни ��аботи. Го замени досегашниот министер Димитрис Друцас со европарламентарецот Ставрос Ламбринидис, долгогодишен соработник и уште едно од златните момчиња на Папандреу. Како истомисленик и човек од доверба на Папандреу, од него се очекува глатко пловење по истиот курс на познатите грчки црвени линии за надворешната политика. Друцас со замената заминува од министерскиот кабинет во Европскиот парламент на местото на Ламбринидис.
Ламбринидис доаѓа на шеф на дипломатијата по неговата позиција како европратеник и лидер на пратеничката група на ПАСОК во Европскиот парламент. Неговото име се вртеше како потенцијален кандидат за министер за надворешни работи и при претходната реконструкција на владата во септември 2010 година. Сепак, тогаш изборот падна на неговиот претходник и десната рака на Папандреу, Друцас, кој две години одеше по трнлив пат од алтернативен министер до шеф на дипломатијата. Ламбринидис, конечно, седнува на министерското место по долги години работа во грчкото МНР. Во периодот 1994-2004 година, Ламбринидис бил специјален советник и генерален секретар на МНР, советник на Папандреу како министер за образование и заменик-министер за надворешни, како и шеф на кабинетот на Пангалос кога беше шеф на дипломатијата.
Гласиштата дека Друцас нема да биде дел од новата влада започнаа во истиот момент кога Папандреу објави реконструкција. Веста беше изненадувачка особено затоа што Друцас немаше утки на дипломатски план и цврсто се држеше до политиката и идеологијата на Папандреу во врска со грчката надворешна политика. Од самиот почеток кога беше поставен за алтернативен министер за надворешни, односно десна рака на Папандреу, кој до септември 2010 година имаше двојна функција, премиер и шеф на дипломатијата, за Друцас се говореше дека нема да прави големи бранувања и ќе ги слуша инструкциите на премиерот. Релативно непознат на грчката политичка сцена, во Грција Друцас важеше за вториот најмлад министер за надворешни работи, по Адонис Самарас, кој на 38 години беше поставен на истата функција во владата на Константинос Мицотакис.
Причината за неговото менување, според многумина, не е поврзана со проблеми во неговата политика. Некои аналитичари ја објаснуваат промената како очекувана поради потребата од нови лица кои ќе продолжат со борбата за спас на државата. Меѓутоа, Друцас и пред и по влегувањето во грчкото МНР беше трн во окото на голем број членови и пратеници на ПАСОК. Главните забелешки за Друцас беа дека тој едноставно „стрчи“ и се мота во дворот на државниот врв само затоа што е близок соработник на Папандреу, без воопшто да има пратенички мандат или изгласана доверба од народот. Незадоволството кон Друцас ескалираше пред само неколку недели кога тој јавно во парламентот предложи да бидат укинати некои пратенички привилегии, како посебно возило за пратениците, ограничување на пратеничкиот мандат на само осум години, и ред други работи за кои беше жестоко критикуван од грчките парламентарци. „Нека си гледа Друцас во сопствениот двор и сопственото министерство“, коментираа дел од пратениците. Токму оваа последна кавга со пратениците според многумина е поводот за менување на шефот на грчката дипломатија.
Ламбринидис и Друцас се слични по тоа што и двајцата имаат посмирен, потивок политички профил и, пред се', се блиски соработници и луѓе од доверба на Папандреу. Она по кое се разликува Ламбиринидис е неговото поголемо политичко искуство и дома и во ЕУ. Се смета дека има политичка тежина и одлични врски со ЕУ и меѓународната заедница кои значително ќе му помогнат во улогата што треба да ја одигра за спасот на државата од економската криза преку нејзино достојно претставување во странство. Покрај одлично познавање на европската политика и односи, Ламбринидис се смета за добар познавач и на грчко-американските врски. Важи за умерен, рационален и сериозен политичар без какви било екстремно националистички дамки во неговите ставови.
Ламбринидис не се очекува да направи некакви големи отстапки или промени во црвените линии на грчката дипломатија. Се претпоставува дека, како и Друцас, ќе ги следи советите и ќе биде во постојана координација со грчкиот премиер. Од него повеќе се очекува напорна работа на меѓународен план и подобрување на врските и сликата на Грција во моментите на политичка ослабеност и катастрофална економска криза.
Новиот шеф на грчката дипломатија е роден во Атина во 1962 година. Студирал економија и политички науки на „Амхерст“ и правни науки на „Јеи��“. Од јуни 2004 година бил избран за европратеник на ПАСОК, а од 2005 како лидер на пратеничката група на ПАСОК во ЕП. Ја вршел улогата на потпретседател на ЕП, одговорен за бирото за трансатлантски односи и комуникација со меѓународни организации, а ја водел групата за визи и имиграција во ЕП.
|