Мислења
Знаењето е сила, знаењето е моќ
Ана Павловска - Данева
Оваа учебна година со секторот образование раководи нов министер, кој наследи толкав хаос во секој сегмент на образованието што очекувањата од него се огромни
За многумина, првата асоцијација што возникнува при спомнувањето на септември е образованието. Тоа е месец со кој започнува училишната година за основците, средношколците, сега веќе и академската година за студентите, месец кој означува ново искуство дури и за нашите најмали – дечињата во градинките. Оваа учебна година со секторот образование раководи нов министер, кој наследи толкав хаос во секој сегмент на образованието што очекувањата од него се огромни, па доколку не се преземат итни мерки, тие ќе се претворат во разочарувања.
Кога веќе ги спомнав, ќе започнам од детските градинки. Да, тоа се установи чија работа е во надлежност на Министерството за труд и социјална работа, но во нив се остваруваат и едукативни процеси за кои наставните планови ги подготвува Бирото за развој на образованието. Оваа година се направени измени во програмата. Така, децата на четиригодишна возраст од оваа година ќе учат броење до три! Да, да, добро прочитавте – броење до три. Инаку, не треба да се биде никаков експерт од областа на образованието, туку здраворазумски да се размисли и ќе се дојде до следново: на денот на своите родендени, овие деца веќе знаат да бројат (најмалку) до четири, од едноставна причина што на роденденската торта имаат четири свеќички; или една свеќичка во форма на бројот четири. Но, изгледа не чинело ние родителите да ги амбицираме толку децата и да ги учиме многу да бројат (на пример, до пет или, страв ми е да изговорам, но некои дома скришум ги учеле дури и до десет). Треба да ги препуштиме на образовните програми во градинките каде што ќе научат да бројат до три! А за да не им биде пренапорно уште веднаш во септември четиригодишниците да се судрат со страшната математика, надлежните одлучиле наставата по броење до три да се изведува во второто полугодие – од февруари до јуни, кога децата ќе бидат поголеми и ќе наближат накај петгодишна возраст. Ова го пишувам, бидејќи мислам дека се' уште има време да се размисли за враќање на старата програма во градинките за да не се случи овие генерации дечиња да послужат само како експерименти кои на крајот ќе дадат лош резултат.
Што се однесува до основното образование, мора да се признае дека воведувањето деветтолетка е новина што соодветствува на европските стандарди. Компјутеризацијата на училиштата, исто така. Но, веронауката, е тоа веќе нема врска со ЕУ-стандарди, со реформи во образованието што водат кон поголемо знаењ�� и сл., туку тоа е изум на нашата Влада. Причините и мотивите за нејзиното воведување нема да бидат предмет на оваа анализа. Нема да биде анализирана ни чудната желба на Владата за пренагласување на потребата од религиозна идентификација на граѓаните, наспроти потребата за заштита на индивидуалните права и слободи на секој граѓанин. Во оваа анализа би сакала да истакнам дека уставноста на законската одредба, особено законитоста на подзаконските акти на Министерството за образование со кои се операционализира новиот Закон за основното образование, не се тема за дискусија на свештеници-колумнисти, видни филозофи, советници и пишувачи на програмата на партијата на власт, туку се прашања исклучиво од правен карактер кои треба да им бидат препуштени на решавање на оние чија работа е да го прават тоа. Уставниот суд по долго тактизирање се произнесе за стариот Закон, но наскоро најверојатно ќе треба да го каже својот суд и во однос на новата законска одредба, т.е. дали е таа во спротивност со секуларниот карактер на државава, како и со уставната забрана за верско организирање и дејствување во училиштето. Законот за основно образование содржи одредба според која наставниот план за основното училиште содржи задолжителни и изборни предмети (чл. 25). Ниту еден изборен предмет не е утврден со закон, тоа прашање се остава да се регулира со наставните планови и програми што ги донесува министерот за образование. Затоа зачудува содржината на чл. 26 од Законот: „Во основното училиште може да се остварува и верско образование како изборен предмет“. Зошто само овој изборен предмет е издвоен од сите други? Зошто е ова ставено во Закон? Кои се другите изборни предмети? Што ако овогодинешното искуство го наведе министерот на заклучок дека верското образование во идните наставни планови и програми повеќе нема потреба да им се нуди како изборен предмет на учениците? Што ќе ни е тогаш членот 26 од Законот? Зошто сите изборни предмети не се наброени во Законот? Ако овој или некој нов министер за образование, по неколку години, по предлог на Бирото утврди потреба танцување да се воведе како нов изборен предмет за основците (што сметам дека е одлична идеја), и тоа ли ќе треба да се внесе во Законот за основно образование? Ми се чини дека во Министерството се двоумеле околу уставноста на одлуката да воведат веронаука во училиштата, дури и како изборен предмет, па „се осигурале“ преку „озаконување“ на оваа идеја? Во меѓувреме, се сетиле дека може да имаат проблем со уставноста на одредбата, па решиле на хартија да го стават зборот „може“ како помека варијанта и аргумент пред уставните судии, а во практиката што ќе се случува, тоа е веќе друго прашање.
Во областа на средното образование воведувањето државна матура е вистинско олеснување за високообразовните институции од големиот баласт што го носеа со постоењето приемни испити. Сега на Министерството за образование му претстојат анализи и презентација на успехот постигнат со воведување задолжително средно образование. Надлежните ни должат одговор за колкав процент се зголеми бројот на деца што продолжуваат со школување по завршување на основното училиште сега во споредба со минатите години кога немавме таков закон. Ако резултатот е непроменет, тие ќе треба да се запрашаат за ефикасноста на новодонесените закони, како и за скапоплатените рекламни соопштенија.
На крајот, би сакала да ги поздравам последните измени на Законот за високото образование, чиј квалитет може да се процени и од фактот што уште пред да стапи во сила мораше да биде изменет. Со овие измени, малку од малку се подобри содржината на основниот законски текст. Така, се предвидуваат финансиски стимуланси за универзитетските кадри да изработуваат научни трудови и да ги објавуваат во странски еминентни изданија. Притоа, прв пат оваа Влада направи дистинкција во полза на универзитетските професори од државните универзитети, утврдувајќи дека овие финансиски награди (кои, нормално, ќе се исплаќаат од буџетот) се однесуваат само за кадрите во јавните високообразовни установи. Понатаму, измените на Законот предвидуваат напуштање на категоријата асистенти и помлади асистенти, што соодветствува на западноевропските (уште повеќе на американските) стандарди, оставајќи сосема доволно време за овие млади истражувачи да преминат во категоријата професори. Последната клучна законска измена се состои во утврдувањето обврска одреден дел од студиите да бидат изведувани низ практична или клиничка настава, што навистина им недостигаше на нашите студенти. Сепак, не можело да се одолее на желбата за власт и моќ, па одеднаш се појавува сосема непотребна и неоснована одредба, според која министерот за образование лично ќе определува во кои институции ќе се врши практичната настава. Небаре постојат подобни и неподобни институции кои политичките функционери ќе можат да ги категоризираат подобро од самите професори.
Прерано е да се зборува за тоа како и колку овие норми ќе бидат оживотворени во реалниот живот, но не е рано да се забележи катастрофалниот резултат од имплементацијата на Законот во делот на дисперзираните студии. Пред да започнат уписите, од сите засегнати страни и' беше укажувано на Владата на погрешноста и неодржливоста на идејата „секое село - универзитетски град“. Реагираше цела стручна и поширока јавност, но реакциите наидоа на тврдоглавост и неприфаќање критика. Сега, еве и по вториот уписен рок, повеќето дисперзирани факултети останаа без студенти, па наместо да се инаети со реалноста, најдобро би било Владата да го смени својот тврдокорен став и онаму каде што нема услови за студирање или доволен број студенти, пријавените кандидати да ги смести во матичните високообразовни установи во Скопје (УКИМ), односно Битола (УКО).
Се надевам дека овие сугестии и забелешки ќе претставуваат предизвик за новиот министер за образование зашто, како што може да се види, проблемите во неговиот ресор се големи, а очекувањата од него уште поголеми.
(Авторката е доцент на Правен факултет) |