Судовите инсистираат на финансиска независност
Судските пресуди и одлуки на веб-страниците на судовите
Љубиша Станковиќ
Судовите инсистираат на финансиска независност, поефикасно работење, односно судење во разумен рок и транспарентност. Ова, меѓу другото, беше нагласено на вчерашната работна средба во Врховниот суд на Македонија, на на која присуствуваа претседателите на сите основни и апелациони судови, министерот за правда, Михајло Маневски, и претседателот на Судскиот совет, Васил Грчев.
Претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски, нагласи дека судските пресуди и одлуки треба да се презентираат на веб-страниците на судовите, објавите на електронски табли, а на граѓаните да им се одговара со користење на Интернет. Тој смета дека е потребно поголемо присуство на судовите во јавноста, а во прв ред меѓу медиумите. „Судењето во разумен рок е една од главните определници на реформите што се спроведуваат во судството“, нагласи првиот човек на Врховниот суд. Вангеловски ја нагласи потребата од скратување на роковите за судење и додаде дека зачестиле претставките на граѓаните кои реагираат на долгите судски постапки.
Говорејќи за судскиот буџет, Вангеловски рече дека состојбите се загрижувачки. Според него, судиите не смеат да дозволат судскиот буџет да падне под два отсто од износот на централниот буџет, односно дека тој треба да расте правопропорционално со Буџетот.
Во дебатата се побара функционирање на посебна прес-служба на Врховниот суд. Претседателот на скопска Апелација, Јордан Митриновски, рече дека и тој суд ќе има потреба од лице кое ќе може да ја покрива работата на судовите кои се на територијата на Апелациониот суд во Скопје.
Министерот за правда појасни дека во тек се работни активности во десет судови кои ќе бидат осовремени со нова електронска опрема, мебел и архиви, а најави и изградба на нова судска зграда со површина од 8.200 квадратни метри. Маневски се заложи за обезбедување канцеларија за јавноста во секој суд. |