Расмусен планира средба со Иванов
Брисел - Генералниот секретар на НАТО, Андерс фог Расмусен, планира средба со македонските функционери на Генералното собрание на Обединетите нации, а според подготовките, годинава таму ќе бидат претседателот Ѓорѓи Иванов и шефот на дипломатијата, Антонио Милошоски. Расмусен сака да ги потурне настаните околу Македонија, бидејќи ако во догледна иднина нема нов развој околу нашата покана за членство, ситуацијата ќе стане проблем и за Алијансата. Нашата Влада наскоро треба да го достави во НАТО новиот Годишен акционен план за членство, а пораката од Брисел е годинава да им испратиме потенок документ, но со поконкретни планови и најави за остварувања. Минатогодишниот план во НАТО го оценуваат како преоптоварен со празна содржина, односно многу текст место листа на приоритети и рок кога ќе се остварат. Меѓу редови, тоа значи дека од НАТО очекуваат конкретни најави кога ќе ги оствариме реформите што се бараат од нас, кои и натаму важат иако поканата е дефинирана и засега неповратна. Според извори од Алијансата, забелешките се исти како и тие на ЕУ, т.е. реформи во судството, реформи во полицијата и администрацијата, но и реформи во одбраната, кои се забавени поради економската криза во земјата. (С.Ј.) |