Бакојани си бара работа во Брисел
Бакојани се споменува како можен кандидат за наследник на Хавиер Солана
Од нашиот дописник Слободанка Јовановска
Брисел - Грчката шефица на дипломатијата, Дора Бакојани, според неофицијални информации, си бара функција во Брисел, и иако засега е во втор план, нејзиното име циркулира како можен кандидат за наследник на Хавиер Солана, односно прв министер за надворешни работи на ЕУ. Нејзина најголема препорака е доминантната позиција на Групата на народните партии на која и' припаѓа Нова демократија, и очекувањето нејзината партија да ги изгуби изборите, па како жена-кандидат да и' се најде функција на која ќе биде згрижена.
На „шаховската табла“ во Брисел распоредот на функциите се' уште е недефиниран, но кога ќе се стават во игра партиската припадност, полот, тежината на земјите од кои доаѓаат кандидатите, географската распореденост и кој кого сака, а кого не, обично на функција не доаѓаат најдобрите, туку најкомпромисните. Она што е извесно е дека новиот шеф на дипломатијата и претседателот на ЕУ, ако пројде Лисабонскиот договор, ќе бидат именувани на самитот на крајот на октомври, а неофицијално најдобри шанси да стане нов Солана има шведскиот министер Карл Билт. Негов хендикеп, сепак, е што не го посакуваат Франција и Германија, првата поради силната протурска позиција, а втората поради силната антируска реторика, додека еврокомесарот Оли Рен, кој исто така се бори за оваа функција, важи за добар кандидат, но од резервниот ешалон, бидејќи групата на либералите нема силна позиција во Брисел. Како можен ривал се споменува и Австријката Урсула Пласник, но проблем е што социјалистите ја бараат оваа функција, а сите споменати освен Рен се од редот на народните партии.
Иако Македонија последните години излезе од описот на функцијата на еврофункционерот Солана, кој главно се фокусираше на кризни региони надвор од Европа, последните најави се дека министерот за надворешни работи на ЕУ во својот ресор ќе контролира и важни прашања околу проширувањето, па не е јасно се' уште дали ќе постои воопшто еврокомесар за проширување и каде ќе се концентрира моќта околу ова прашање. Кој ќе и' ја крои иднината на ЕУ, а со тоа и на Македонија, треба да се знае идниот месец, иако ратификацијата на Лисабонскиот договор во Ирска не е последниот чин, бидејќи тој е заглавен процедурално и во Чешка, Полска и Германија.
Прв кој треба да биде реизбран е претседателот на ЕК, Жозе Мануел Баросо, кој неделава поминува низ вистинска политичка тортура во Европскиот парламент, среќавајќи се со сите политички групи за да ги убеди да му дадат поддршка, а пред се' да се согласат неговиот избор да се најде на гласање идната недела во Стразбур. Притоа, речиси секојдневно Баросо трпи политички удари дури и од неговата група на народните партии, иако едногласно беше именуван за кандидат и упорно се тврди дека нема алтернатива за оваа функција. Самодовербата најмногу му ја разнишаа политичките игри во Франција, од каде што стигнаа изјави дека премиерот Франсоа Фијон е подготвен, ако не успее Баросо, да ја прифати таа функција, што сугерираше дека Париз има поголеми амбиции од тоа да го поддржи актуелниот претседател на ЕК. Пинг-понг со неговата кандидатура си играат и социјалистите кои еден ден пред средбата со Баросо објавија дека не е кредибилен кандидат за кризни времиња, дека програмата му е 95 отсто препишана од претходната и дека за вакви историско тешки периоди кога осум милиони луѓе загубија работа во ЕУ, тој предлага политика без визија. Денес, сепак, ќе биде многу појасно дали Баросо ќе го помине парламентарниот филтер и ќе добие доволно гласови да биде избран идната недела, откако ќе се сретне со трите најголеми опозициони групи во ЕП. |