Интервју
Не сум задоволен од сработеното, но не губам надеж, ќе надополнам
Владимир Тодоровиќ, градоначалник на Општина Центар
Деспина Трајковска
Како што го трошите мандатот оставате впечаток дека сте сервис на Владата наместо на граѓаните, дека Ви е побитно да градите споменици отколку да асфалтирате улици. Каков е Вашиот коментар?
Апсолутно не сметам дека е така, таквата атмосфера ја создаваат медиумите. Чувството на граѓаните дека Општината работи само за Владата се базира на недоволното информирање од страна на медиумите за нашите тековни инфраструктурни активности. На пример, асфалтиравме десетина улици, но никој не најде простор и време да каже дека целосно нов лик добија улиците „Славејко Арсов“, „Герман“, „Рајко Жинзифов“, „Петар Поп Арсов“, а тотален информативен мрак има и за низа други активности. Речиси 100 отсто ја реализиравме програмата за работа за оваа година што ја донесе Советот. Нормално е истовремено да ги реализираме и активностите кои се практично дел од владината политика. Но, невкусно е кажано дека сме нејзин сервис. Мораме да донесуваме урбанистички планови, мораме да даваме одобренија, независно дали инвеститор е Министерство за култура или кој било друг.
Дали Општината е консултирана во врска со проектот „Скопје 2014“ гледано од секој аспект?
Ако се има предвид дека проектот содржи од 10 до 15 објекти на наше подрачје, секако дека сме биле консултирани со самата идеја. Идејата каде да се изгради одреден објект ја дале нашите урбанисти, тоа автоматски значи дека сме инволвирани во целиот проект. Општината не само што е консултирана туку е соучесник во плановите, во проектот. Апсолутно е неточно дека во Центар се цртаат згради по нечија желба или сон, тие добиваат виза од нашите служби единствено ако се целосно издржани.
Кое е Вашето лично мислење за владиниот проект, гледано од позиција на обичен граѓанин?
Мое лично мислење е дека проектот е многу добар, со можеби мал дел дискутабилни градби. На пример, фонтаните во Вардар, во смисла на тоа дали проектот ќе биде издржан, пред се', од аспект на променливост на водостојот. Не дека водата би била пресудна за издржливоста на градбите, туку дека може да влијае на визуелниот ефект. Сепак, убеден сум дека максимално ефектот ќе се достигне кога ќе се изгради системот за одржливост на нивото, на кој веќе работат надлежните институции. Генерално, убеден сум дека најмногу по осум години „Скопје 2014“ ќе докаже дека е оправдан проект. Ќе спласнат емоциите кои сега се поделени меѓу јавноста, слично како што беше со изградбата на Плаошник. Убеден сум дека сите ќе се воодушевуваме, на пример, на објектот на Уставен суд.
Нели сметате дека неоправдано на државата и' простивте милионски суми за комуналии, кои треба да се главен извор за полнење на општинскиот буџет. Колку точно простивте?
Не ја знам точната цифра, но факт е дека станува збор за милионски значителни суми. Но, ако се има предвид дека им ги простуваме комуналиите, а тие за возврат ќе ја градат потребната инфраструктура, нема потреба од негативна клима. На пример, подземните улици што ќе треба да се изградат за новите објекти ќе ги градат токму инвеститорите.
Што се случува со проектот црква на градскиот плоштад. Дали МПЦ има побарано дозвола за градба?
Ништо не се работи на тоа поле. МПЦ нема преземено никакви активности. Воопшто се нема обратено кај нас. Зошто е тоа така, навистина не знам. Немам ниту сознанија дали проектот е на стенд бај, или можеби целосно се откажале од причини познати за нив.
И по една и пол година од мандатот, на терен нема ни трага од проектот монтажен паркинг во Капиштец, едно од гл��вните Ваши изборни ветувања. Зошто?
Точно е дека измина доволно период и можеби досега проектот требаше да биде веќе реализиран. Но, јавната набавка неколку пати се поништуваше. Сега веќе е избрана фирма и тече рокот за жалби. Тоа значи дека брзо ќе почнеме да градиме. Освен во Капиштец, размислуваме идентичен паркинг да изградиме и во кругот зад „Мекдоналдс“. Сакам да кажам дека во интерес на обезбедување паркинг место веќе започнавме со акција за уредување на подземните гаражи на дваесетина локации, претежно во реонот на Градски ѕид.
Планира ли Општината да зема кредити за некои други проекти?
Засега не. Кредитирањето за катната гаража, всушност, ќе биде прво наше задолжување и засега не гледам друг проект од интерес на граѓаните за Општината да земе кредит. Од друга страна, се' зависи и од расположението на Советот. Ако заеднички оцениме дека има битен проект за граѓаните, би се обиделе. Не ми паѓа на ум да земеме кредит за изградба на нова административна зграда.
Го решавате ли проблемот на маџирмаалци? Нели е крајно нехумано во 21 век граѓаните да жив��ат со септички јами, а се на чекор од центар?
Ќе бидам искрен и ќе речам дека нерешавањето на тој проблем ќе го сметам за најголем неуспех во својот мандат. Да бидам појасен, дури би поднел оставка доколку не го донесам ДУП-от, но, сепак, не сум зацртал рокови за таа работа. Работиме на проблемот. Постојано сме во комуникација со граѓаните. Тоа е заштитено јадро како амбиентална целина. Лично сметам дека не треба да има заштитени зони во Маџир Маало од страна на Управата за заштита на културно наследство. Сметам дека не смееме да браниме амбиентална целина на товар на граѓаните. И покрај се', се надевам дека активностите водат кон конечно решение.
Дали и кога ќе се реши проблемот со објектите „Кермес“ и „Езерце“, кои наместо да се репрезентативен дел од Градски парк, со години го нагрдуваат?
И двата објекта ги снајде несреќна околност. Неодамна слушнав дека инвеститорот на „Кермес“ ќе поднесувал тужба за отштета. Искрено не мислам дека е во право. Од неодамна постои судска пресуда со која се бара тој да ја обнови постапката за градежна дозвола, што сметам дека треба да го оствари. Во секој случај, искрено се надевам дека може договорно да го решиме проблемот. За објектот „Езерце“, пак, наскоро ќе изготвиме проект и ќе го понудиме на заинтересиран закупец или Општината ќе го претвори објектот во културно-информативен центар. Во наредниот период ќе одлучиме за неговата судбина како в година конечно би се обновил и би заличил.
Градоначалнику, задоволен ли сте од сработеното досега?
Да бидам искрен, не сум. Едно си замислував пред да седнам во градоначалничката фотелја, ама нештата на самото место се поинаку. Уште не сум сигурен дали бев премногу амбициозен, а системот на работа во локалната власт ги покоси моите идеи. Овде се работи за систем кој е неопходен заради транспарентност, отчетност на работите. Си наметнав едно темпо на работа, но фактичката состојба налага тоа да е побавно од моите проекции. Колку и да е градоначалничката функција менаџерска, а такво нешто работам речиси цел живот, слободно можам да кажам дека менаџирање Општина и менаџирање бизнис се суштинско различни работи. Сепак, не губам надеж. Се надевам дека до крајот на мандатот ќе надополнам за несработеното.
Дали некој Ве опструира, раководи со Вашата функција од сенка?
Не, никако. Немам никакви опструкции, ниту, пак, некој ми дише во врат, како што мислат многумина. Меѓутоа, едно знам. Иако е рано, не ни размислувам да барам втор мандат од граѓаните. |