Рудниците имаат век на траење
Резервите од рудниците што се во работна состојба еден ден ќе бидат целосно потрошени, предупредува професорот Тодор Серафимовски
Иван Бојаџиски
ШТИП – „Македонија мора целосно да го либерализира доделувањето концесии за геолошки истражувања, бидејќи во рудните потенцијали се кријат значајни ресурси од значење за нашата економија. Ова е неопходно од две причини. Прво, државата нема доволно пари сама да финансира во геолошки истражувања. Второ, интересот на странски компании што се подготвени да вложат во истражувањата на потенцијалите на минералните суровини и развој на рударството во светот е се' поголем“, вели професорот Тодор Серафимовски. Тој е годинашен добитник на наградата „Гоце Делчев“ од областа на науката за капиталниот труд „Генеза на рудни наоѓалишта“. За оваа област Серафимовски предава цели 28 години, најнапред на рударскиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, а од пред три години на Факултетот за природни и технички науки при штипскиот универзитет „Гоце Делчев“.
„Мора да бидеме свесни дека секој рудник има свој век на трае��е и дека не се обновува. Притоа мора да ги користиме поуките од минатото кога Македонија затвори три значајни рудници за железо, хром и за антимон „Тајмиште“, „Дамјан“ и рудникот кај Демир Хисар. И потенцијалот од рудниците што се во работна состојба еден ден ќе биде целосно потрошен. Најдолг век ќе имаат рудниците за олово и за цинк. Тој факт пред нас како држава ја поставува историската одговорност упорно да работиме на откривањето на новите рудни потенцијали, кои во Македонија несомнено ги има. Но, за да дојдеме до една таква фаза мора целосно да го либерализираме издавањето концесиски дозволи за истражување на минерални суровини. За ова бев голем поборник во времето кога се работеше на содржината на новиот Закон за минерални суровини“, потенцира Серафимовски.
Тој оценува дека државата има обврска да наоѓа нови рудни наоѓалишта, пред се', поради сознанијата за нејзиниот значаен руден потенцијал. „На теренот на источниот дел од државата, во реонот на Иловица кај Струмица, Казан Дол кај Валандово и во близина на Пехчево, компанијата ’Фелпс Доџ‘ од САД вложува два милиона долари во истражување на рудните потенцијали на бакар и на злато. Нивните досегашни резултати само ги потврдуваат претпоставките дека Македонија е земја со солидно рудно богатство. Во централниот, а посебно во западниот дел од државата, покрај мермерот, постојат значајни потенцијали на бакар, злато, олово, цинк, молибден. Кога постапката за добивање концесии за рудни истражувања би се либерализирала, односно кога заинтересираните странски компании побргу и без многу администрирање би добивале концесии, тие полесно би се одлучиле да инвестираат во геолошките истражувања кај нас“, убеден е Серафимовски.
Според професорот, само на ваков начин Македонија ќе може да се здобие со комплетна документација за својот руден потенцијал, која останува во домашните архиви како трајна сопственост. Од оваа работа корист ќе имаат концесионерите, државата, но и подрачјата на чии локации ќе бидат отворени новите рудници. |