Конкурси за клинички директори сред избори
Конкурсите за директори на скопските клиники се распишуваат сред изборен период, но за министерот за здравство Имер Селмани не се спорни. Антикорупциската комисија веќе се изјасни дека вработувањата, отказите и сите постапки во овој период, додека не се формира новата влада, се незаконски. За Селмани конкурсите се валидни, а одговорноста за евентуални незаконитости ја префрли на клиниките кои се самостојни субјекти.Тој, смета дека во Законот за антикорупција нема ниту еден член кој категорично ги забранува вработувањата и конкурсите кога има избори, предизборен или постизборен период. Иако конкурсите се сега распишани, Селмани велат ќе завршат за околу еден и пол месец, така што и именувањето на директорите на клиниките нема да биде спорно, бидејќи дотогаш се очекува да биде формирана и новата влада.
За петте курса за здравствен менаџер кои ги положиле околу 470 лица, Селмани не знаеше точно колку пари се потрошени. „Министерството за здравство досега има дадено само 200.000 долари“, рече Селмани и се оправда дека сите потрошени пари за овие обуки не се ни еден промил од заштедите што се направени со новиот начин на управување на здравствените установи со двајца директори. На кандидатите кои го положија последниот курс за здравствени манеџери вчера во „Александар палас“ им беа врачени сертификати. Во името на новите менаџери се заблагодари директорот на Заводот за нефрологија во Струга, д-р Мустафа Забзун, кој својот говор го започна прво на албански, па на македонски јазик. (Ј.Ј.) |