Почна поправниот испит за „Мал ринг“
Од вчера тече јавната анкета за забелешките на последната верзија на урбанистичкиот лик на плоштадот и околината
Деспина Трајковска
„Урбанистичкиот план не е развоен и не е во интерес на граѓаните на Скопје, туку е пуста желба на Владата и на нејзините интереси“, „како да се предвидувале канделабри, а не изградба на споменици, ги има на секои три метра“, „не е во ред да се предвидуваат градби за кои не се консултирани околните деловни субјекти“, „времето и местото за јавната анкета како намерно да се избрани за да има што помалку реакции од граѓаните“.
Ова беа само дел од забелешките на малкуте присутни граѓани на вчерашната презентација на последната верзија на ДУП „Мал ринг“ за кој од вчера тече јавната анкета. Таа, всушност, претставува прва фаза од редовната постапка што генерално трае најмалку шест месеци, а во случајов е неопходна да се спроведе за да ДУП-от се легализира по неговото поништување од страна на Уставниот суд. Планерите на урбанистичкиот план повторија дека со последните прекројувања во центарот на Скопје е предвидена изградба на пет катни гаражи, меѓу нив и барокната, портата „Македонија“, подземни паркиралишта на две нивоа од левата страна на Вардар кај комплексот државни објекти, десетици нови спомен- обележја, а е предвидена и изградба на два комерцијални објекта зад МНТ. Генерално станува збор за планирани објекти предвидени со владиниот проект „Скопје 2014“
Од општината вчера најавија дека најверојатно презентацијата на ДУП-от ќе се репризира поради бурните реакции на дел од присутните дека местото и времето за неа и јавната анкета воопшто се одбрани несоодветно. „Просторот е тесен, а време е и на годишни одмори, па од оправдани причини заинтересираните не се во можност да остават забелешка на планот“, едногласни беа граѓаните.
Токму поради тоа што претседателката на Асоцијацијата на архитекти е на годишен одмор, во нејзино име став на Асоцијацијата искажа професор Михаил Токарев. Истакна оти, генерално, архитектите не се противат на предвидените зданија, туку на избраните локации и некои од намените на предвидените објекти. „Асоцијацијата и досега реагирала, но досега како никој да не е засегнат оти очигледно дека планот се работи по одредени директиви и наредби. Ние остро реагираме против тоа што кејскиот јавен простор се узурпира и тоа со административни градби. Тие, а и подземните паркиралишта длабоко навлегуваат во речните води и до Камениот мост што може да доведе до загрозување на безбедноста оти не е испочитувана тампон-зоната како што налага Законот“, потенцираше професор Токарев, кој порача дека е неизбежно при урбанистичкото планирање, а особено кога станува збор за централно подрачје да постојат приоритети, односно кога, каде, зошто и како да се гради.
„Сметам дека не е водена сметка за подземната инфраструктура, а воопшто и не се земени предвид правилата што важат за ��зградба на еден вид стратегиски објекти како што е Уставниот суд. Недозволиво е околу таа зграда да се предвидени објекти со содржини, на пример од комерцијален тип“, реагираше една жителка. До планерите жестоки забелешки беа упатени и на сметка на двете катни гаражи што треба да се градат во близина на „Телеком“ со укажување оти бил предвиден несоодветен сообраќаен режим. Но, за одговор речиси на сите забелешки планерите ја посочија Општина Центар, односно нарачателот на ДУП-от. |