Едиторијал
Нема бегање од реформите
Мирче Јовановски
Нема одмор додека трае обновата. Оваа социјалистичка парола од времето на изградбата на некогашната заедничка федерација, неколку децении по нејзиното лансирање и експлоатирање повторно е актуелна, сега во самостојна и суверена Македонија. Навистина, во видоизменета форма и содржина и со друга терминологија, но поентата е иста: не смее да се подзастане.
Дека нема место за олабавување покажува и најновиот извештај на Светска банка и на Меѓународната финансиска корпорација „Дуинг бизнис 2009“ (Doing business 2009) каде што Македонија забележа напредок на скалилото кое покажува каква е бизнис-климата во рангираните 181 земја. Но, исто така, покажа и дека изместувањето на приоритетите веднаш се одразува на оценките што се добиваат врз основа на анализа на десетина строго определени критериуми.
Признанието дека Македонија годинава можеше да биде топ-реформатор (по високото четврто место минатата година) да не беа изборите, доаѓа лично од изготвувачот на извештајот Симеон Џанков. Токму тој период во кој Владата беше насочена кон други активности, беше доволен како топ-реформатори на површина да избијат други земји.
„Дуинг бизнис“ не е сеопфатен извештај кој целосно ја скенира состојбата во некоја економија, туку се концентрира претежно на сегментот на регулаторната рамка, односно законските прописи и како тие влијаат врз можноста да се отвори или затвори некој бизнис, да се склучуваат и раскинуваат договори, справувањето со бројните дозволи, вработувањето, заштитата на сопственоста итн. Што значи дека не се занимава со макроекономската рамка, односно со стапката на инфлација, курсот на националната валута, а не го анализира ниту нивото на корупцијата, степенот на конкурентноста на стопанството, инфраструктурата и слични други, исто така, важни параметри кои се дел од други извештаи и кои наскоро ќе бидат објавени. Така, за целосна оцена каде е Македонија ќе треба да се почека и на извештајот за конкурентноста на Светскиот економски форум и особено на извештајот за напредокот на Македонија што наскоро ќе го презентира Европската комисија, заедно со препораката дали нашата држава ги исполнила или не предусловите за почнување на преговорите за приста��ување кон ЕУ.
Сепак, и она што е опфатено во „Дуинг бизнис“ е доволно да се сфати дека нема бегање од реформите. Конкуренцијата е се' пожестока, особено во земјите во регионот, што се констатира и од експертите на Светска банка, според кои веќе петта година по ред земјите од Источна Европа и од Централна Азија предничат во спроведените реформи.
Така, ако некогаш беше во мода зборот обнова, сега тоа е терминот реформи. Реформи во државната управа, реформи во судството, стопански реформи... Без реформи нема напредок, без напредок земјата ќе го изгуби чекорот во трката со другите.
Оваа непријатна вистина во изминатите седумнаесетина години од транзицијата, токму Македонија ја има искусено врз себе. Застојот во реформите, нивното одложување поради политички или идеолошки причини ја фрли земјата на спореден колосек. Само да се потсетиме на денационализацијата, приватизацијата... Опашките од таквите потези се чувствуваат и денеска.
Да не беше така, веројатно сега ќе бевме на некое понапредно скалило не само во извештаите на Светска банка туку и во однос на евроинтеграциите, ако не и целосно вклучени во евроатланските структури.
Вака, поради бројните погрешни потези само пасивно можевме да констатираме дека „еве и тие не' престигнаа“.
Затоа и не чуди што сега се потребни неколкукратно поголеми напори да се направи она што им овозможи на некои други земји од Источна Европа веќе да станат успешна приказна.
|