Со пари и нов пасош - Европа на дланка
Граѓаните ќе можат да патуваат без гарантно писмо во шенген-зоната, а за влез во Грција ќе се издава потврда
Горан Адамовски
Кога министрите за внатрешни работи и за правда на земјите од Европската унија в понеделник во Брисел ќе кренат рака за визна либерализација - на македонските државјани ќе им остане само една „мала“ грижа: да имаат нов биометриски пасош, да ги наполнат џебовите со пари и да одберат каде ќе патуваат. Изненадувања при гласањето на земјите-членки во ЕУ, кога е во прашање укинувањето на визите за граѓаните на Македонија, Србија и на Црна Гора - не се очекуваат. Тоа го потврдија вчера и во Канцеларијата на ЕУ во Скопје на неформалната средба со новинарите.
Како што е познато, визната либерализација ќе стартува од 19 декември годинава. На македонските државјани нема да им бидат потребни визи за влез во земјите од ЕУ (со исклучок на Велика Британија и на Ирска, кои не се дел од шенгенскиот режим), како и за трите земји: Исланд, Норвешка и Швајцарија, кои не се во ЕУ, но се дел од шенгенскиот режим. Оваа бенефиција важи само за граѓаните што успеале да извадат нов биометриски пасош. Оние што имаат визи за ЕУ на стар пасош, исто така, ќе можат непречено да ги користат. Со старите пасоши и натаму ќе може да се аплицира за добивање виза, но како што објаснуваат во канцеларијата на ЕУ, таков потег нема ниту финансиска, ниту каква било смисла, имајќи предвид дека наједноставно, најбрзо и најевтино е да се замени стариот пасош со нов - биометриски.
Важно е да се потенцира дека визната либерализација не значи неограничен престој во ЕУ. Имено, можат да се искористат најмногу 90 денови престој во период од шест месеци.
„Конкретно, доколку влезете во шенген-зоната на Први февруари, во следните шест месеци, значи до Први август, имате право да престојувате најмногу 90 дена. Доколку постојано патувате и излегувате од шенген-зоната, должни сте сами да водите сметка колку денови изминале“, објаснуваат во Канцеларијата. Следниот шестмесечен период започнува со наредното влегување во ЕУ, значи по Први август (датум што го зедовме во примерот).
Доколку македонскиот граѓанин го пречекори лимитот од 90 дена, тогаш ќе се смета за илегалец и во зависност од политиката на земјата во која бил фатен - ќе биде подложен на санкција. Доколку граѓаните сакаат да поминат повеќе од предвидените 90 дена, ќе мораат да извадат визи за престој и тоа во амбасадите на тие земји - како што беше и досега. Визната либерализација не значи ниту дека македонските граѓани ќе можат непречено да се вработуваат во земјите од ЕУ, или, пак, да студираат.
„Визното олеснување важи само за патување“, потенцираат од ЕУ.
Гарантно писмо нема да биде потребно, но, сепак, ќе мора да се внимава на неколку „трикови“. Цариниците на земјата во која влегувате многу веројатно ќе ве прашаат каде одите, каде ќе престојувате и колку пари носите. Доколку имате резервирано хотел, повратен билет и сл., тогаш сте во предност. Доколку немате резервирано, не одите ниту кај роднини, туку ви текнало дека сакате да одите во Барселона и само сте седнале во авион или воз, тогаш ќе ве спаси ако имате доволно пари.
„Фиксен износ не постои. Тоа зависи од земја до земја, но тие што патуваат сигурно имаат претстава колку време ќе престојуваат и колку пари ќе им биде потребно“, укажуваат од Канцеларијата на ЕУ.
Гарантно писмо ќе се бара само во еден случај. Тие што немаат ниту пари ниту резервиран престој, а едноставно патуваат кај свои роднини или пријатели, ќе поминат со гарантното писмо, односно адреса и телефонски број на лицата кај кои ќе отседнат. Доколку царинските службеници одлучат да не ви дозволат влез во нивната земја, тогаш се должни писмено да ја образложат својата одлука. Вие, пак, имате право да се жалите.
Укинувањето на визите се однесува и на Грција, но бидејќи Атина не ги признава нашите патни исправи, на влезот во земјата на патниците ќе им биде издаван лист со печат од царинските власти, кој треба да се приложи при излезот од државата. Визи нема да бидат потребни ниту за патувања во Бугарија и во Романија, кои се' уште не ги исполниле условите за влез во шенген-зоната, но ги спроведуваат одлуките на ЕУ.
Одлуката со која трите земји се префрлаат од „црната“ на „белата“ шенген- листа се носи со квалификувано мнозинство, односно треба да ја поддржат две третини од земјите-членки на ЕУ, а ќе биде официјално соопштена в понеделник на прес-конференција во Брисел. |