Хелсиншки го осудува јавниот линч на Танески
Газење по етичките и моралните стандарди и повредување на начелото на пресумпција на невиност
Хелсиншкиот комитет за човекови права остро го осудува начинот на информирање за случајот на новинарот Владо Таневски од страна на Министерството за внатрешни работи „зачинето со шпекулативни новинарските епитети од одредени медиуми“. Според Комитетот, Македонија беше сведок на јавно линчување на личноста и нејзиното достоинство, газење по етичките и моралните стандарди и повредување на начелото на пресумпција на невиност како еден од основните постулати на правната држава.
Според Хелсиншки, „полициските служби треба да апстинираат од јавно обезбедување информации зашто може да носи ризик од наштетување на правичноста на постапките“, што не било почитувано во случајот со Таневски.
Хелсиншки го цитира портпаролот на МВР Иво Котевски, кој изјави за медиумите дека „карактеристично е за сите четири жени дека биле на поодмината возраст, имале понизок степен на образование и, главно, заработувале како хигеничарки. Ваквиот профил на жртвите делумно соодветствува со профилот на покојната мајка на осомничениот и со која, според документираните сознанија, тој бил во исклучително лоши односи“.
„Согласно со Законот за кривична постапка, секој што е гонет од државата или приватно го ужива правото на претпоставка на невиност. Тоа со сигурност не е она право кое секојдневно го гледаме во земјава, каде што уапсените ги снимаат како ги спроведуваат до истражен затвор или истражен судија, а настанот е топ-тема во сите медиуми. Ова право не може да се ужива и кога портпаролот на МВР ќе излезе пред камерите и ќе каже дека ’имале несоборливи докази‘ за приведениот, на тој начин директно вршејќи притисок врз независноста на судот“, се вели во најновиот извештај на Хелсиншки комитет. Во него остро се реагира на лиферувањето слики од увидот, снимки од приведувањето на новинарот, како и слики од неговото мртво тело. (Д.Р.)
|