Број 3651  вторник, 09 август 2011
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Онлајн вести








Site Meter
Анализа

Анализа

Глад и надеж во Рогот на Африка

Џефри Сакс

Катастрофата што се случува низ Рогот на Африка нема да се реши сама по себе

Уште еднаш, гладот го демне Рогот на Африка. Повеќе од 10 милиони луѓе се борат за опстанок, главно, сточарски заедници во хипербезводните региони на Сомалија, Етиопија и во северниот дел на Кенија. Секој ден носи информации за се' поголем број мртви и масивни приливи на изгладнети луѓе во бегалските кампови во Кенија, од другата страна на границата од Сомалија.

Директната причина за оваа несреќа е јасна: во сувите региони на Источна Африка не заврнало дожд веќе две години. Ова се места каде што водата е толку дефицитарна од г��дина в година, што во најдобар случај жетвата е јалова. Милиони домаќинства, со десетици милиони номадски или полуномадски луѓе, кои одгледуваат камили, овци, кози и друг добиток, со кој минуваат големи растојанија за да стигнат до пасишта „нахранети“ со вода. Кога нема дождови, тревата овенува, добитокот умира и заедниците се соочуваат со глад.

Сточарството долго време е мачна егзистенција во Рогот на Африка. Локацијата на пасиштата што го поддржуваат животот е утврден од нестабилните и во голема мера непредвидливи дождови, наместо од политичките граници. Сепак, живееме во ера кога политичките граници, а не животите на номадските сточари, се неприкосновени. Овие граници, заедно со растечката популација на немиграциските фармери, ги опкружија сточарските заедници.

Политичките граници егзистираат како оставнина на колонијалната ера, а не како резултат на културните реалности и економски потреби. На пример, во Сомалија се наоѓа само дел од сточарското население што зборува сомалиски, а голем број луѓе живеат од другата страна на границата во Кенија и во Етиопија. Како резултат на тоа, границата меѓу Етиопија и Сомалија со децении е растргната од војни.

Овогодинешната голема суша не беше точно предвидлива, но ризикот од глад беше лесно предвидлив. Всушност, пред две години, на средбата со американскиот претседател Барак Обама, му ја опишав ранливоста на африканските сушни подрачја. Кога таму нема да падне дожд, почнуваат војни. Му ја покажав на Обама картата од мојата книга „Заедничко богатство“ на која се презентирани преклопувањата на климата на сушните подрачја и зоните на конфликти. Му посочив дека регионот има итна потреба од развојна стратегија, а не воен пристап.

Обама одговори дека американскиот Конгрес не би поддржал големи развојни напори за сушните подрачја. „Најдете ми уште 100 гласа во Конгресот“, рече тој.

Не знам дали лидерството на Обама можеше да ги најде тие гласови, но знам дека САД мора да ги соберат националните напори за ефикасно да одговорат на потребите на Рогот на Африка. САД се премногу фокусирани на скапи и неуспешни воени пристапи во сушните подрачја – дали е тоа Авганистан, Пакистан, Јемен или Сомалија – за да водат сметка за долгорочни економски развојни стратегии што имаат за цел решавање на коренот на причината за тековните кризи во овие земји.

Овогодинешната суша дојде во време на политички и економски превирања и во САД и во Европа. Извртениот политички систем во Америка им дава на богатите се' што ќе посакаат во форма на даночни намалувања, додека, пак, ги намалува програмите за сиромашните. Нема интерес во Вашингтон за одговарање на потребите на сиромашните во Америка, а уште помалку за потребите на сиромашните во светот.

Во Европа, глобалната финансиска криза во 2008 година остави во наследство длабока политичка и економска криза во послабите економии на Јужна Европа. Оваа криза го апсорбираше речиси целото политичко внимание на ЕУ ова лето, дури и кога гладот во Африка се влоши.

Катастрофата што се случува низ Рогот на Африка нема да се реши сама по себе, а четири фактори прават ситуацијата да биде потенцијално експлозивна. Прво, долгорочните климатски промени предизвикани од човекот носат повеќе суша и климатска нестабилност. САД и Европа не само што пропуштија да реагираат на африканската суша; тие веројатно придонесоа да дојде до неа преку нивните емисии на гасови со ефект на стаклена градина.

Второ, стапката на фертилитет и порастот на населението во Рогот на Африка продолжуваат да се многу високи, иако децата умираат од глад. Додека не се воведат услуги за планирање на семејството и модерни контрацептивни средства, зголемувањето на популацијата во Рогот на Африка ќе се судира со се' понепредвидлива клима во иднина. Трето, регионот веќе живее во екстремна сиромаштија, така што негативните шокови туркаат кон беда. И, конечно, регионалната политика е многу нестабилна, оставајќи го Рогот на Африка неверојатно ранлив на конфликти.

Но, се' уште има реална надеж. Милениумскиот проект за селата, за кој мене ми припадна честа да го предводам, демонстрираше дека сточарските заедници може да се оспособат преку целни инвестиции во менаџмент со добиток, ветеринарна заштита, бизнис-развој, мобилни здравствени клиники, интернати и локална инфраструктура како безбедна вода за пиење, безмрежна електрична енергија и мобилна телефонија. Современи технологии, заедно со силно лидерство на заедницата, можат да отклучат долгорочен одржлив развој.

Земјите во Рогот на Африка сега прават исчекор за да си помогнат себеси преку овој пристап. Шест земји во регионот со големи сушни подрачја – Етиопија, Сомалија, Кенија, Уганда, Џибути и Јужен Судан – се здружија во Иницијатива на сушни подрачја за да ги искористат најдобрите искуства и современи технологии за да ги поддржат напорите на своите сточарски заедници за да се избегне злото на екстремна сиромаштија и глад. Многу компании, како што се „Ериксон“, „Ертел“, „Новартис“ и „Сумитомо кемикал“ учествуваат во овој напор со тоа што прават нивната технологија да биде достапна за сиромашните сточарски заедници.

Новото регионално партнерство почнува да се оформува, почнувајќи со погодените заедници и нивните национални влади. Неколку земји на Арапскиот Полуостров, од другата страна на Црвеното Море наспроти Рогот на Африка, исто така, покажуваат охрабрувачка подготвеност да ги употребат нивните профити од нафтата за итна помош и долгорочен развој. Исламската развојна банка, која ги претставува 57 членки на Организацијата на исламска соработка, исто така, покажува лидерство. Преку ова ново партнерство на заедниците, властите, бизнисите и академскиот свет, тековната криза може да претставува почеток на регионално закрепнување и развој.

(Авторот е професор по економија и директор на Институтот за Земјата на Универзитетот „Колумбија“, специјален советник на генералниот секретар на ОН за Милениумските развојни цели и пишува за „Проект синдикејт“. „Утрински весник“ е дел од мрежата на „Проект синдикејт“)


#
Статијата е прочитана 553 пати.

Испрати коментар

Од: Коста Стоименовски
Датум: 09.08.2011 09:42:41
Иако мислам дека авторот одигра мошне негативна улога во „креирањето“ на транзициските модели во некои земји од Латинска Америка и Источна Европа, целосно се согласувам со неговиот апел во врска со Рогот на Африка. Меѓутоа, гладот е проблем не само на Рогот, туку и во многу други афрички и азиски земји. Покрај Гладот и бедата во овие земји треба да бидат поголема грижа на земјите од ЕУ отколку на САД, со цел спречување на приливот на имигранти од нив! На еден меѓународен семинар посветен на земјите од ЈИЕ и ЕУ што се одржа во октомври 2002 година во романското гратче Синаја предупредив дека ЕУ во иднина ќе биде загрозена со прилив на имигранти од Африка и Азија. Гадафи пред неколку месеци побара 5 милијарди евра за да го спречи бранот на емигранти од Африка, заканувајќи се дека инаку Европа ќе „поцрни“! Дали и тоа не придонесе за сегашната интервенција во Либија?

Најди! во Утрински
Анализа

"""