Број 3407  петок, 15 октомври 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Фељтон
Магазин
Вести








Site Meter
Мислења

Мислења

Валканиот ендек

Јосиф Ќурчиев

Политиката е составена од махинации, сплетки, заговори, договори, паранои, предавства, сметки, цинизам и секакви измами

БЕЗ РАКАВИЦИ

„Бидејќи ја елаборира структурата на власта и поради неговите јасни слики за отпорот, револтот и поразот на поединецот“. Вака гласи дел од образложението за доделувањето на Нобеловата награда за литература на годинашниот добитник, перуанскиот писател Марио Варгас Љоса.

Нема да се занимавам со прашањето што ќе беше ако беше, зашто Љоса во 1990 година се об��де да влезе во политиката и тоа како кандидат за претседател на државата, но не успеа и покрај освоените 40 проценти гласа. Доживеа пораз од Алберто Фуџимори, Перуанец од јапонско потекло, не зашто немаше солидна програма и платформа, туку, како што самиот рече во едно интервју, „стравот беше тој што победи“. Образложувајќи го тој страв на Перуанците, Љоса дополнува: „Од измените. Паничниот страв од измените. Од непознатото. Од иднината. Ужас, речиси наследен, пред новото. Тоа е она најтажното, она што најмногу вознемирува...“.

Во овие неколку последни години на економска и на финансиска криза што го зафати светот и кога масовно се фрла анатема врз финансиските менаџери, врз нивната непресушна жед за „уште“, нивната ненаситна лакомост на предатори кои голтаат се', не останаа поштедени ниту одговорните политичари што, пак, повторно ја разгоре дебатата за нивниот морален и етички кредибилитет, за нивната психо-конструкција токму во спрегата со бизнисот и со финансиските корпорации и нивните моќни безмилосни поединци од врвот. Многубројните афери за кои информираат медиумите, а тоа е само врвот на една огромна санта мраз, по којзнае кој пат на јавноста и' ја презентираат таа „љубов“ меѓу политиката и бизнисот, на личните интереси на луѓето избрани да ги застапуваат интересите на оној „малиот“ што им ја дал довербата. И токму во таков контекст и атмосфера Нобеловата награда за литература ја доби писател кој длабински влезе во вителот на политиката, „вџашен од неа, од нејзината маѓепсничка многуслојност, исцрпувачка бесплодност и естрадна кратковечност“, како што ќе напише Слободан Чашуле во поговорот на книгата - биланс на Љоса, „Риба на суво“ во која го опишува своето искуство во изборната кампања за претседателските избори во Перу.

„Секоја вечер на телевизиските екрани се гледаа патетични слики на болници без лекарства, без постели за болните, училишта без клупи, без табли и, понекогаш, без ѕидови и покриви, реони без струја и вода, улици како ѓеризи...“. Молам само: не ги мешајте работите и не правете никакви алузии и споредби, зашто сега е 21 век, година 2010! Ова Марио Варгас Љоса го пишува за Перу во 1985-1990 година! И додава: „А, Демократскиот фронт (формиран за Љоса, кој ќе прифати да биде наговорен и покрај предупредувањата на неговата сопруга, да се појави на претседателските избори на кои им претходеа локалните м.з.), роден среде оваа безнадежност за да најде лек за таквата катастрофа, парализиран со недели и месеци, расправаше за местата на градоначалниците во општините“!

По годините минати во преговори, договори, создавање платформи, митинзи, средби со секојдневни луѓе и со нивните судбини, како и обиколка на Перу - „онакво какво што не го познавав“ - Љоса во книгата есеј „Риба на суво“ изнесува сопствена рендгентска слика за дејноста политика. Како што вели, она што претставува вистинска политика не е она што се чита и се пишува, што се мисли и се претставува, туку она што се гледа и секојдневно се прави, има малку заеднички работи со мислите, со вредностите и со вообразбите. Има малку заеднички работи со богословските замисли за идеалното општество што сакавме да го создаваме и „нека биде сурово речено, со благородноста, со солидарноста и со идеализмот. Таа е составена речиси исклучиво од махинации, сплетки, заговори, договори, паранои, предавства, сметки, многу цинизам и секакви измами. Зашто политичарот, било да е од центарот, од левицата или од десницата, всушност, не е раздвижен, поттикнат и турнат напред од ништо друго освен од власта: да се достигне, да се има или одново да се освои што побргу. Има исклучоци, секако, ама тоа се само исклучоци“.

Вивисекцијата на Љоса гласи: „На почетокот, многумина политичари се водени од алтруистички чувства - да го изменат општеството, да направат да завладее правдата, да му дадат полет на развојот... Меѓутоа, на патот низ таа проста и приземна вежба каква што е политиката, овие убави цели престануваат да бидат тоа, стануваат заедничка основа на нивните говори и изјави, на онаа позиција на јавни лица што ќе ја стекнат и што ќе заврши со тоа што ќе станат незаменливи и на крај го предизвикува кај нив оној немилосрден и неизмерен апетит за власт. Оној што не е способен да ја почувствува оваа привлечна сила на моќта, речиси физичка и сеопфатна, тешко ќе може да биде успешен политичар. Таков е случајот со мене, се разбира. Власта отсекогаш во мене ја поттикнуваше недовербата, дури и во мојата револуционерна младост и беше еден од факторите што ми се чинеше најзначаен во мојата професија, литература; беше прецизно речено - отпор спрема моќта, дејство со кое власта, секоја власт, треба постојано да биде доведувана во прашање - вистинска литература што ќе завршува секогаш со тоа што ќе им ги покажува - на оние што читаат - недостатоците на животот, неминовната неспособност на секоја власт да ги исполни стремежите и желбите на луѓето“.

Се разбира, од денешен аспект, 20 години подоцна, овие негови редови би можеле да добијат дополнувања со нови и нови примери, а ги има, дал Господ, да бидат конкретно споредувани во други средини, некои да бидат исфрлени, други да бидат прецизирани, поинаку сковани во уште поситно плетено милје за да се добие нова слика. Но, сигурен сум, дека и таа ќе биде подеднакво грда како неговата, колку и да се обидуваме да пронајдеме нешто, што и да е тоа... Баш ме интересира, бидејќи вети дека лично ќе присуствува на приемот на исклучителната награда, како ќе биде исковано неговото обраќање до нобл-публиката во Осло. Ќе внимава да не претера или со неговите 74 години, во „есента на животот“, ќе биде млад и зрело храбар, револуционерен и нема да се обѕира на, од таа „нобл- публика“, посакуваната етикеција. Зашто, по поразот на изборите, во интервју што со него во Лондон го води Бернар Анри Леви, Љоса ќе изјави:

„Во даден момент добивавме. Половина од земјата беше со мене. Тогаш видов како апетитите за власт и можностите да се видат задоволени таквите апетити можат да го поматат разумот и моралот на луѓе кои, инаку, заслужуваат почит“.

Среќа е што Марио Варгас Љоса не победи. Остана писател. И тоа каков! Во веќе спомнатиот поговор за книгата, Слободан Чашуле, се надевам ќе се потсети, запиша: „’Риба на суво‘, имено, е исказ за ова нуркање на Љоса во валканиот ендек на политиката. Исповед и отрезнување на еден супериорен ум, по блуткавото вкусување на мамурлакот за да се верува во една илузија“.

П.С. Лисјето веќе жолтее по дрвјата. Лисјето жолто долу веќе паѓа. Лисјето жолто нема кој да го собере. И дувна ветре. И се разлетаа „забранетите“ најлон кеси и друго ѓубре низ македонската „метропола“.

(Авторот е новинар)


#
Статијата е прочитана 725 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Мислења
Денот на булката






Macedonia's fences do not make good neighbours
Croatia heading for possible early elections
Commission expected to give green light to Montenegro EU candidacy