Број 3407  петок, 15 октомври 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Фељтон
Магазин
Вести








Site Meter
Мислења

Си велам

Денот на булката

Ерол Ризаов

Зошто годинешново одбележување на 11 Октомври се претвори во политичка фарса и лицемерство

Сите граѓани на Кралството Велика Британија знаат што значи Денот на булката. Poppy day. Ја имав таа можност, како гостин на англиската Влада, на тој ден, 11 ноември, пред повеќе години, да се најдам во Лондон и да видам одблизу како се негува традицијата и патриотизмот и како Англичаните им оддаваат почит на сите загинати, ранети војници и учесници во сите војни на сите меридијани во светот каде што Обединетото кралство ��одело или води војни и учествува во мировни мисии. Почитта кон тие што со својот живот и со своја крв ја задолжиле Британија е многу поучен за сите нас особено овие денови кога го прославивме 11 Октомври, Денот на востанието на македонскиот народ, кога наместо достојна благодарност кон основачите на современата македонска држава, презентиравме партиска и политичка претстава и срамно лицемерие.

Нејсе, да видиме како го прават тоа Англичаните, а како ние. На 11 Ноември, меморијалниот Ден за почит на јунаците, датумот е земен како синоним на крајот на Првата светска војна, во Кралството Велика Британија, денот осамнува со црвена булка на сите ревери кај речиси сите граѓани. На улиците, во продавниците, на станиците во метроата, аеродромите, ви приоѓаат ученици и хуманитарни активисти, кои ви закачуваат на костумот на јаката мало вештачко цветче - црвена булка, а вие во касата за таа пригода оставате скромен прилог. Тој ден на сите официјални манифестации, седници и свечености, сите на реверот ја имаат булката. Тој мал детаљ е „задолжителен“ и за јавните настапи на политичарите, новинарите, уметниците, лордовите, сенаторите и другите великодостојници, благородници, јавни личности и обичните граѓани. Кралицата и кралскиот двор, принцовите и принцезите осамнуваат со булка на реверот. На официјалната церемонија, Нејзиното височество кралицата Елизабета пред споменикот на паднатите борци поставува венче од булки, а од нејзината лева и десна страна според строгиот протокол се редат политичките лидери од власта и од опозицијата, големите и славни личности како што налага кралскиот дневен ред напишан речиси пред еден век.

По неколку дена се објавува кратка вест дека во касите се слеале, колку што паметам, десетина милиони фунти и не знам колку фенинзи, пари, кои, пак, според строгите критериуми, наменети се во најголем дел за воените инвалиди, семејствата на загинатите во војните. Тогаш беa актуелни жртвите од Фокландската војна, а денес Ирак и Авганистан и разни други мисии каде што се присутни англиските војници.

Се разбира, тоа е манифестациониот свечен меморијален и достоинствен дел на изразување почит. Суштината е многу подлабока и почнува со воспитниот процес уште од проодувањето и од изречувањето на првите зборови, што се вели од пелени. Потоа низ целиот систем на образование и битисување на кој било дел од територијата на Велика Британија традицијата станува составен дел на животот, а респектот и пиететот кон жртвите од Првата, Втората светска војна и од сите други воени жаришта и кризи каде што учествувале граѓани и војници на Британија е, всушност, најголемата заштита на Обединетото Кралство.

Што е со нашето поблиско и со ништо неспорно минато. Начинот на кој го одбележавме Денот на востанието, 11 Октомври 1941 година, е последица на амнезијата што ја наметна политиката кон најславниот дел од македонската историја - Антифашистичка војна во која за првпат е извојувана голема победа и е формирана првата современа национална држава. Навистина, тоа се постигна стотина години подоцна од нашите соседи, кои своите национални држави ги стекнаа и формираа пред распадот на Османлиската Империја во 19 век, но тоа не не' прави помалку горди и помалку достојни за големиот историски чин, како што е почетокот 11 Октомври 1941 и круната со АСНОМ 1944 и со првата македонска држава што е платена со илјадници човечки жртви и големи страдања.

Зошто годинашново одбележување на 11 Октомври се претвори во политичка фарса и лицемерство. Тоа не е за првпат така. Овој пат беше само повидливо затоа што неочекувано ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски манифастационо се свртеа кон НОБ, а СДСМ и Бранко Црвенковски отидоа на партиски митинг во Прилеп да ја освојуваат власта и да креваат ново востание по 69 години. А што се случуваше во меѓувреме, во последните 20 години. Во овие две децении се посеа отровна амнезија на повеќе делови од македонската историја, особено на периодот на Антифашистичката војна. Се скрнавеа споменици од НОБ. Бистите на првоборците и народните херои завршуваа на отпадите продадени на кило. Кога умираат последните народни херои, веста одвај можете да ја најдете во некролозите на последните страници од весниците. Со што ги удостојуваме се' уште живите учесници на славното Антифашистичко собрание кога се удрени темелите на новата држава. Со ништо. Со мала скромна комеморација кога ќе починат, и со звуците на инструментите на неколку преостанати капелници на гробиштата. А, да, и со трите плутони. Нивните ордени, медали и одликувања за храброст можете да ги купите на тезгите на зелените пазари. Неколку стотки е пазарната вредност на ордените за народен херој. Паѓа цената на јунаштвото, како што паѓа угледот и на државата. Затоа енормно расте цената на новокомпонираниот патриотизам, а новите патриоти во последно време заговараат одземање на имотот на Сојузот на борците, бидејќи веќе немало живи борци. Па, нека го земат и тоа, кога веќе зедоа се'.

Наместо споменик на Михајло Апостолски, славниот партизански командант, кој навистина дојава на скопскиот плоштад на бел коњ во 1944 година, градиме споменици на лавови, коњи, антички јунаци од пред Христа заборавајќи кој ни' ја даде и по која цена националната држава - Република Македонија. Таквото газење по сопствената современа историја во потрага по ново уште пославно минато ни донесе многу несреќи. Се сее конфузија и од Македонија се прави дрво без корен. Многу посвежи се сеќавањата за Филип втори, Александар Македонски и Букефал отколку на плејадата борци чии деца и семејства се наши современици и сограѓани, кои веќе го одмолчуваат своето потекло небаре треба да се срамат од туѓиот срам. Одговорноста за амнезијата на најславното минато на Македонија лежи подеднакво на македонските политички гарнитури и лидери. И на оние што загазија во антиката боси по трње, но и на оние што себеси се претставуваат како нивни наследници, а ништо не направија за своите претходници. Не се прави традиција само со споменици, митинзи и говори. Пред тоа има една друга голема работа. Сенилноста почнува со она што било вчера, а она што било пред векови, се памти. Оти тука може да се додава и да се одзема.

Од англиските булки ние ја имаме само црвената боја на нашите образи.

Се разбира, за оние што знаат и чувствуваат што е срам.


#
Статијата е прочитана 1762 пати.

Испрати коментар

Од: Санто
Датум: 15.10.2010 12:54:53
Г-дине Ризаов амнезијата за кој пишувате, се гледа и кај Вас, каде е споменикот на Тито што Бранко им го вети на граѓаните, а тогашната опозиција, денешната власт немаше ништо против.На централно место поставен е споменик на М:А:Ченто, можеби ке има и други, но за Вас ако поставениот споменик Ви пречи тогаш имате проблем со историјата.И јас сакам да има споменик на Тито, меѓутоа го нема, а некој го ветил.
Од: deli
Датум: 15.10.2010 13:12:19
Blagodaram, pak pročitav nešto, što vredi. Pozdrav i aplauz za avtorot!
Од: perica
Датум: 15.10.2010 13:31:54
Erol, onie malite funticinja,se vikaat peni, a vo mnozina penii a ne feninzi.Feninzi imase porano vo Germanija.
Од: toni radovis
Датум: 15.10.2010 17:18:58
Malku nedosleden tekst,kako mozes da kazes deka od Makedonija se pravi drvo bez koren so navrakjanjeto kon podalecnata istorija???Toa e vo sprotivnost samoto so sebe!!!Makedonija i idejata za nezavisna i samostojna Makedonija ne poteknuva od 1941 godina tuku mnogu mnogu poodamna!ili pak sakas da kazes deka korenot na Makedonija e od 1941???Mislam malku neseriozni tezi iznesuvas ovde iako sakas da gi podzaskries zad nekakov si tvoj "realizam"
Од: ФЕЛИКС
Датум: 15.10.2010 18:33:05
Сосема коректен текст на нашето однесување кон блиското минато,и тука нема ништо спорно.Инаку читајќи го текстов очекував да го опсервирате вандалскиот чин врз првиот преседател на РМ,токму учесник и деец од тоа минато кое вие го опсервирате.Исто така очекував јасен и гласен израз на протест на опозицијата,па и од тукашните опозициски коментатори.Но ништо од тоа пак делби на учесници во НОБ на наши и ваши.
Од: Kanada
Датум: 15.10.2010 19:45:44
Statijata e odlicna! Jas ziveam vo Kanada kade sto isto taka se slavi "Remembrance Day" ili popularno nareceniot "Den na bulkite" i sekoja godina go cuvstvuvam ona sto go opisuva avtorot na tekstot. Ne mozete da ocekuvate gragjanite da bidat lojalni kon drzavata, ako samite ne gi pocituvate onie sto go zrtvuvale svojot zivot za nejzinata odbrana ili vo nasiot slucaj za formiranje na drzavata. Sto mozeme da ocekuvame vo idnina od makedonskite deca koi gledaat deka nema nisto sveto: da odat vo vojna i da branat drzava koja gi gazi spomenite na svoite borci? Sekako ne. Tie verojatno duri i kje izbegnuvaat da plakjaat danoci na takva drzava, zasto lojalnosta i doverbata se obostrani. A, mozebi kje se resat i da emigriraat vo zemja kade sto spomenite na borcite se sveti ... Kako i jas ...
Од: DEL
Датум: 15.10.2010 20:14:18
Alo Makedonchinja ,chovekov e prva liga /novinar/,ako ne go razbirate na Makedonski ,stranskite /seriozni peccateni medii/go objavuvaat na Angliski ,Francuski,Germanski.Vo prevod/na tie jazici deluva po seriozno.Proccitajte
Од: struzanec na zalost bivsi
Датум: 15.10.2010 22:53:19
a be citajte go textov i barajte ja poentata na koja avtorot saka da ja naslika vasata retardirana politicka situacija vo vasata zemja a ne kakva pecatna greska ima vo textot ili kade imalo feninzi ili funti
Од: glup-tup
Датум: 16.10.2010 01:18:02
A sto pravime so veteranite od 2001 godina, makedonskite patrioti koi izlegoa da ja branat nashata drzavicka kakva-takva. NIkoj nitu se sekajva na niv, nitu pak nekoj saka da go postavi toa prashanje. Dali mozebi ako nedaj boze se sluci nova vojna nekoj ke izleze da brani nashata drzava. Jas licno ne mozam da si prostam sto izlegov da ja branam nashata drzava vo 2001 godina, bidejki custvuvam deka mnogu dadov, no ne dobiv makar i blagodarnica za vozvrat.
Од: sime
Датум: 16.10.2010 10:22:16
Tocno taka e kaklo sto e opisano,nazalost nasiot mentalitet e podanicki,sto ke kaze vlasta e edinstvena visstina.Robski mentalitet

Најди! во Утрински
Мислења
Валканиот ендек






Macedonia's fences do not make good neighbours
Croatia heading for possible early elections
Commission expected to give green light to Montenegro EU candidacy