Број 3150  среда, 02 декември 2009
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Фељтон

Site Meter
Втора страница

Вжарени телефони во туристичките агенции

Граѓаните беа сомничави дека ќе се урнат визните бариери, но од вчера сакаат да шетаат по Европа

Миркица Поповиќ

Кој ќе биде последниот Македонец што ќе го изгасне светлото на 19 декември при излез од земјата, како во анегдотата што последниве денови кружи низ Македонија, во искечување на конечното симнување на визните бариери? И дали тој или таа ќе замине со авион, автобус или со сопствен превоз?

За евтин авионски превоз се' уште најдобра опција за нашите граѓани е електронско резервирање на летови преку Софија и Солун, бидејќи кај нас се' уште нема најави за поевтини летови.

Од агенцијата „Ертурс луфтханза сити центар“ ни рекоа дека немаат најави од авионските компании кои ги претставуваат, односно, „Малев“, „Чех ерлајнс“, „Аустријан ерлајнс“ и „Кроација ерлајнс“ за поевтинување на летовите поради визната либерализација. Авиопревозниците минатите два месеца имале поевтини есенски промотивни понуди кон европските дестинации, како Берлин, Брисел, Париз, Копенхаген, меѓутоа, како што ни рекоа од агенцијата, тие се речиси завршени, а и цените не се ниски како оние на евтините авиопревозници.

Поради тоа, праксата на онлајн резервирање летови од поекономичните авиокомпании кои полетуваат од Солун или од Софија ќе продолжи и во иднина. Патните трошоци дотаму се минимални, во Крива Паланка дури има и превозници кои за пристојна сума ќе ве однесат или до центарот на Софија или до аеродромот, а визите веќе нема да бидат пречка за поекономично авионско патување.

Во туристичките агенции се големи оптимисти дека отсега значително ќе се зголеми бројот на патниците. „До вчера граѓаните се' уште беа сомничави за тоа дали ќе има или нема да има визна либерализација, но денес телефоните не престануваат да ѕвонат“, вели Александар Чоневски од туристичката агенција „Игуана турс“. Според Чоневски, граѓаните најмногу се заинтересирани за новогодишните аранжмани за Париз, Будимпешта, Прага, Дубровник, Дубаи. Мала резервираност, сепак постои, пред се', поради лошата економска ситуација и стравот од свинскиот грип. Независно од тоа, со укинувањето на шенген-визите Чоневски вели дека ќе бидат укинати и крајни рокови за пријавување за одреден аранжман, односно граѓаните ќе можат до последен момент да се пријават за турата која ќе им одговара. Во нивната агенција моментално се пролонгирани сите термини за пријавување за новогодишните аранжмани.

„Сепак, и граѓаните и ние од туристичките агенции се' уште не сме целосно сигурни како ќе изгледа преминувањето на границите по 19 декември. Имаме патници со стари пасоши и имаме патници со биометриски пасоши, што се' уште создава мал хаос. Секако, ниту на едната ни на другата страна нема да и' одговара да биде вратен патник на граница, па затоа бараме начин најдобро детално да се информираме за безвизното патување“, додава Чоневски. Тој не' извести дека деновиве туроператорите од Македонија ќе имаат средба со специјалниот преставник на ЕУ во Македонија, Ерван Фуере, кој прецизно ќе им ги објасни деталите за патување и пренесување патници по укинување на шенгенските визи по 19 декември. Од „Игуана“ планираат од првата половина на 2010 година да воведат нови, почести автобуски и авионски туристички аранжмани за европските градови, за разлика од сегашните пакети кои се „вртеа“ само околу религиозните и за државните празници.

Покрај олеснувањето на туристичките патувања, како преку агенции, така и со сопствен превоз за сите граѓани, особено за оние што работат, но не се формално вработени или се со договор на дело, огромна придобивка ќе имаат и меѓународните транспортери. „Најголемите бенефиции се за нас. Ние сме меѓународни транспортери и ова ќе придонесе за подобрување на нашата конкурентност на пазарот со другите превозници. Меѓу другото, ќе придонесе и за подобар пласман на македонските производи на европските пазари“, смета Билјана Муратовска од „Макамтранс“. Таа појасни дека досега најголемите предности на превозниците, брзината и флексибилноста им биле хендикепирани, поради процедурите за вадење визи.

„Секоја од компаниите губеше по две до три месеци за вадење виза и потребни документи за патување, така што компаниите имаа голем период на неработење поради овие пречки. Визната либерализација дополнително ќе влијае позитивно и на вработувањето нови возачи“, вели Муратовска.

Граѓаните кои се' уште се во блага конфузија од хаосот со биометриските пасоши велат „само уште малку да ни се крене стандардот и да поевтинат зелените картони, со задоволство ќе одиме и самостојно на патување во европските метрополи“. Иако визната либерализација е чекор до тој сон, сепак, не треба да се заборави на патот што ќе мора да го изодиме до ЕУ за да ја комплетираме горната слика и да успееме да го добиеме основното право на ЕУ, што гарантира слободната размена на лица, односно студирање и работење во ЕУ слободно, без работни дозволи.


#
Статијата е прочитана 2060 пати.

Испрати коментар


Најди! во Утрински
Втора страница
Вербатим
Изборни бањи
Приказната од Преспа се повтори во Атина
Баросо чека добра вест од Груевски