Македонија прва на суд за Ел Масри
Македонија е првата држава која е повикана пред Европскиот суд на правдата да даде изјава за својата инволвираност во програмата на ЦИА за нелегално апсење и трансфер на осомничени за тероризам. Оваа информација вчера ја соопшти Иницијативата за правда на отворено општество, според која повикот на Македонија и' е доставен на 8 октомври. Повод е случајот на германскиот граѓанин Калед ел Масри против Македонија.
Извршниот директор на Иницијативата, Џејмс А. Голдстон, изјави дека со овој случај Европскиот суд на правдата го надминал судството на САД со својата реакција против тортурата и незаконското заложништво. „Калед ел Масри помина низ ужасно измачување и тој има право на правда и јавно признавање на неговото малтретирање“, наведува Голдстон.
Тој смета дека поканата за Македонија да даде отчет пред судот е голем чекор напред, затоа што само околу десет проценти од сите случаи поведени пред Европскиот суд стигаат до оваа фаза. Македонија ќе треба да одговори на конкретни прашања кои ќе и' бидат поставени од Судот во врска со својата улога во нелегалното апсење и трансфер на осомничени за тероризам. Судот ја поканил и Германија да достави свои коментари.
Ел Масри ја тужеше Македонија за киднапирање и држање во заложништво 23 дена во декември 2003 година под сомнение дека е терорист. Тој тврди дека од македонските безбедносни сили бил предаден на ЦИА и пренесен во притворен центар во Кабул, Авганистан, каде што бил испрашуван и малтретиран. По неколку месеци, тој бил ослободен и исфрлен покрај пат во Албанија. И покрај убедливите докази за соработка, Македонија се' уште негира дека нелегално го држела Ел Масри во заложништво на нејзина територија или дека го предала на ЦИА. Инволвираност во случајот негира и САД каде што судскиот процес околу Ел Масри не доживеа воопшто разврска поради третирањето на информациите како „државна тајна“. (Т.Г.)
|