Бан Ки-Мун и Милошоски разговараа за јазикот
Обединетите нации цврсто стојат на принципиелниот став за неменување на националните обележја на која било земја-членка, како и за доследно почитување на јазичните посебности на секој народ, а во конкретниот случај на македонскиот јазик.
Тоа го истакнал генералниот секретар на ОН, Бан Ки-Мун, во телефонскиот разговор со шефот на македонската дипломатија Антонио Милошоски во врска со случајот со исчезнувањето на македонскиот јазик од личната карта на Република Македонија во ОН.
Милошоски, соопшти МНР, се заблагодарил за позитивниот став на Бан Ки-Мун во однос на македонскиот јазик и искажал задоволство што меѓу 165 различни јазици на листата на ОН, македонскиот јазик го има своето заслужено место како еден и единствен.
Македонскиот министер за надворешни работи и генералниот секретар на ОН размениле мислења и за разговорите меѓу Македонија и Грција околу името.
„Би било полезно доколку посредникот Метју Нимиц наскоро направи официјални посети на Македонија и на Грција, со цел да им се даде уште еден импулс на билатералните разговори“, истакнал Милошоски. Истакнати се позитивната улога и придонесот на Нимиц како специјален пратеник на генералниот секретар за ова прашање.
Бан Ки-Мун нагласил дека во рамките на ОН му посветува должно внимание на грчко-македонскиот спор и оти ќе иницира зголемување на динамиката на разговорите за надминување на разликите меѓу двете земји. (МИА) |