Мики Манојловиќ
Со дрога против стравот од летање
Еден од најдобрите актери од регионов, Мики Манојловиќ, призна дека се' уште не може да победи еден од своите најголеми демони - стравот од летање со авион. Познатиот актер откри дека консумирал различни опијати и тестирал повеќе методи само за да ја надмине оваа фобија, но се' било неуспешно. „Сум пробал речиси се'. Пиев за тотално да се напијам, испив еден литар виски, но повторно ништо. Мозокот постојано работи, а нозете ми треперат. Се обидов и со хашиш, мислејќи дека тоа барем малку ќе помогне, но така се чувствував уште полошо. Откако почнав да употребувам марихуана за да не мислам на летањето - е тогаш ситуацијата стана застрашувачка“, призна српскиот актер, што наскоро ќе се појави во филм заедно со Шерон Стоун, алудирајќи со оваа изјава на неговото пристигнување на филмскиот фестивал во Кан со автомобил.
Како и Манојловиќ, многу светски ѕвезди се соочуваат со истиот страв. Славната холивудска актерка Џенифер Анистон се плаши од летање откако нејзиниот авион на пат од Торонто до Њујорк влета во непријатна бура. „Беше ужасно! Кога влеговме во бурата бев престрашена. Тој лет, обично, трае еден час, но се чинеше како да летавме вечно. Се сеќавам дека повторував во себе оти никогаш повеќе нема да влезам во овие воздушни чудовишта“, рече Анистон.
Истиот страв го има и нејзината колешка Вупи Голдберг, која рече дека по тринаесет години повторно се качила во авион со помош на екипа од психолози, а фудбалерот Денис Беркамп, додека играше за англискиот премиерлигаш „Арсенал“, тргнуваше неколку дена порано за да ги стигне своите соиграчи на натпреварите во странство.
|