Брoj 2788  вторник, 16 септември 2008
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Претходен број


Site Meter
Анализа

Европа - Балкан

Соништа за нови поделби

Иван Торов

Македонија и БиХ се спомнуваат како примери дека ЕУ го загубила слухот за проценување на ризикот од можна нова балканска нестабилност

БЕЛГРАД - Секогаш кога Европската унија се соочува со некоја посериозна криза во своите редови или, пак, во најблиското соседство, цехот по правило го плаќаат земјите на Западен Балкан. Ирското „не“ на Лисабонскиот договор, а особено кризата околу Грузија, се најсвежа илустрација на вообичаениот манир на бриселскиот политички врв проблемите да ги решава така што воопшто нема да ги решава. Односно, да ги поттурне на маргината.

На еден минатонеделен собир за регионална соработка во Југоисточна Европа во Белград е употребен и терминот „скандалозно“ во разјаснувањето, би се рекло, на потценувачкиот однос на Брисел спрема желбите и амбициите на малите балкански држави. Третманот во кој „внатрешните слабости и пречки“ на тие земји фактички стануваат алиби за тактиката на одолжување, развлекување и колебливост и отсуство на т.н. превентивна реакција на Унијата. Всушност, се повторуваат старите грешки, лекциите од минатото остануваат ненаучени, што е сосема доволно радикално да се намали мотивацијата на балканските држави порешително да поработат на сопствената подготовка за зачленување во ЕУ, ја зголемува резервираноста, па и одбивноста спрема „искрените намери“ на Брисел. Со тоа, нема сомнение, се нарушува со тешка мака воспоставената регионална рамнотежа и се продлабочува јазот меѓу ЕУ и балканските престолнини. Се форсира логиката дека оној на кого му е до европските интеграции мора самиот да ја докаже таа своја подготвеност, со што практично Западен Балкан се турка во некаква форма на (само)изолација и се препушта на внатрешните и на регионалните контроверзии, спорови и судири на секоја држава одделно.

Посебно загрижува фактот што ЕУ не покажува волја да ја измени својата тактика и самата да се приспособува на новосоздадените ситуации така што, во интерес на вкупната стабилност, би се прескокнале неколку скалила во процесот на придружување на балканските земји и без преголемо одлагање би започнале преговори за нивно зачленување. Таквата практика, природно, донесува големи ризици, го поттикнува (место да го спречува) повторното разгорување на соништата за натамошни поделби и на балканскиот синдром на „нерасчистени сметки“. Практично од готово се прави вересија: се полагаат преголеми надежи во (погрешната) процена дека на балканските народи, попрецизно на нивните предводници, им се преку глава војните, националистичките омрази и делбите, дека историјата и искуството на државите на бивша СФРЈ не може да се повтори. Тоа своевидно самозалажување во извесна смисла станува главна пречка да и' се погледне на вистината в очи и да се сфати дека натамошното затегнување на јажето и зголемување на јазот меѓу Брисел и одделни балкански држави би и' се вратило на Европа како бумеранг со обновување на старите рани и фронтови кои ќе бидат многу потешко санирани и залечени отколку порано. Критичарите на тактиката (или стратегијата, сеедно) на Брисел најчесто како илустрација ги спомнуваат Македонија и Босна и Херцеговина, сметајќи ги за најеклатантни примери дека Европската унија ги испуштила работите од свои раце, препуштајќи ги на нивната судбина и способност да (не)преживеат.

Македонија, која по Хрватска има најдолг стаж во статусот на кандидат за прием во ЕУ, сега е пооддалечена од Европа отколку што беше во последните осум години, па не е никакво изненадување што се смета дека шансите на Србија да заземе место во семејството на европските народи се поголеми отколку македонските. Доколку, се разбира, и во Србија во меѓувреме не настанат некои внатрешни ломови. Уверувањата на бриселските официјални лица дека македонските политичари се најодговорни што нивната држава е на опашката на евроатлантските интеграции, во определен момент застанаа и почетокот на последната фаза на процесот на преговори за зачленување во ЕУ го направија недостижен, се во голема мера точни, но истовремено и недоволни за комплетирање на сликата за македонското забрзано движење наназад.

Тие уверувања го занемаруваат фактот дека Европската унија со своето неправење, со формулата на „немешање“ дозволи грчките ултиматуми (постојани закани со вето) околу името на државата да ја блокираат Македонија. Најпрвин, официјално, во Букурешт, со спречувањето на нејзиното влегување во НАТО, потоа и со неофицијалното, премолчено согласување со европската дипломатија дека уцените од Атина и силното влијание на грчкото лоби да бидат пречка и на патот на Македонија кон Европската унија. Со ова, секако, не се намалува вината на македонските политичари за сопрените реформи и најновото натежнување на т.н. пркосен патриотизам, со други зборови, македонскиот самоизолационизам, но се предупредува дека ЕУ со својата, на прв поглед, неутралност, а во суштина, исклучителна пристрасност, создаде широк маневарски простор повторно да се активираат старите тези за федерализација на државата, што, всушност, е поблаг термин за територијална поделба на македонски и на албански дел.

Нешто слично се случува и во Босна и Херцеговина. Потпирајќи се премногу на тезата дека нема враќање на старото, Европа сосем малку, или речиси ништо не направи превентивно да ги осуети сите опипливи дезинтеграциони стремежи, пред се', на лидерите на босанските Срби и Хрвати. А и неспособноста на политичките предводници на Бошњаците да се ослободат од старите заблуди дека само тие, како најголеми жртви на војната и на етничкиот прогон, се кои пресудно ќе ја определуваат судбината на БиХ. Затоа во Босна денес повеќе се расправа за тоа дали и Хрватите ќе добијат свој ентитет, зашто Република Српска е се' пооддалечена од Сараево, а се' поблиску до Белград, дури и каков попис на населението е потребен, отколку за тоа што да се направи БиХ да тргне побрзо кон Европа.

Сето тоа ЕУ можеше да го спречи ако смогнеше сили да ја надмине својата хронична резервираност спрема одделни балкански земји. Макар само со една одлука, без натамошно двоумење, одолжување и претерано условување, да воспостави нов (без)визен режим, кој, сосема сигурно, благотворно би дејствувал на промената на расположението меѓу граѓаните и политичките елити на комплетниот регион на Западен Балкан. Европа тоа не би ја чинело многу, а на балканските држави би им помогнало конечно да се оттргнат од сегашната зачмаеност и атмосфера на резигнација и разочарување.


Статијата е прочитана 612 пати.

Испрати коментар

Од: istockh
Датум: 16.09.2008 02:54:55
Секоја чест за статијата! Критиката и согледувањата звучат сосема логично, сепак добро е тоа што целата вина до крајна мера не се префрла на Брисел, туку како крајно логично се спомнати и локалните политичари кои во извесна мера сносат значајна одговорност за (не)приликите на Балканот. Во секој случај, добра статија
Од: shkupi
Датум: 16.09.2008 08:10:05
e se spomnuvaat, fala bogu, tamu kaj sto imas ogromni malcinstva nemozes da izigravas mangup i da ugnetuvas, ignoriras, nego mora da si sekogas cekor napred so pravata na malcinstvata! jes da e BiH malce podrug slucaj ali kako i da e, najnestabilni najkrevki drzavi se vo regionot i najsiromasni se razbira, samo sto nie sme uste posiromasni od BiH.

Најди! во Утрински
Барај со НАБУ
Анализа