Мислења
Македонски слонови и клонови
Слободан Најдовски
Некултурно е медиумската публика да се третира како недоквакана или со недоволно интелектуална моќ за да ја сфати пораката
Ретко некој не се сеќава на хитот ,,Зашто правиш слона од мене“, кој го пееше прерано починатиот хрватски пејач Дино Дворник. Стиховите на мелодијата „зашто правиш слона од мене, за такво нешто нема потребе“, ме потсетуваат на состојбата со дел од медиумите кај нас. Иако меѓународната заедница се' понагласено ни кажува за негативната состојба во оваа област, однесувањето на одговорните е како да се зборува за некој друг.
Политичарите вообичаено се воздржуваат да ��оментираат за грешките на медиумите, а посебно да ги критикуваат, освен припадниците на тоталитарните режими што укинуваат медиуми или целосно ги контролираат. Начинот на пласирање на некои информации во последно време не треба да не' остави рамнодушни и само странично да ги посматраме. Одделни медиуми при пренесување на информациите од домашните збиднувања се однесуваат со потценување на интелектуалната способност на македонската јавност или нашите граѓани. Неприкосновено е правото на медиумот слободно да си ја регулира својата уредувачка политика. Исто така, право на слободен избор на одреден медиум е да биде наклонет, повеќе или помалку, кон одделна политичка опција, односно да е провладин или опозициски. Но, истовремено медиумите имаат и општествена одговорност за правилно и целосно информирање. Затоа, во најмала рака е некултурно медиумската публика да се третира како недоквакана или со недоволно интелектуална моќ за да ја сфати пораката од една пласирана информација па да им се доообјаснува што содржи, всушност, информацијата. Ова е уште пострашно кога се однесува на информација на телевизија. Замислете се седнати покрај телевизор гледате слика, слушате глас и при целосно добра физичка и психичка здравствена способност, некој ви ја поставува дилемата дали навистина тоа што го гледате и слушате е точно така или вас ви се причинува.
Минатата недела неколку емитувани прилози ја потврдија констатацијата што ја изнесов.
Во почетокот на неделата беше емитуван прилог за рекреацијата на премиерот во слободното време. Се' е сосема нормално. Македонскиот премиер е познат како љубител на спортот и оние кои поблиску го познаваат кажуваат дека редовно игра фудбал, баскет, а еве видовме дека вози и велосипед. Сето тоа е в ред и убаво е македонската јавност да го види не само првиот министер, ами и секој друг врвен политичар и во поинаква светлина од секојдневното клише во костум и задлабочен во решавањето на државните проблеми. Разбирливо е пи-ар агенцијата на премиерот да подготви терен за ваков настан. Но, тоа што не е во согласност со достоинството на македонскиот гледач е начинот на пласирањето на веста. Имено, самата најава дека го „ уловиле премиерот како излегува од гаражата на Владата“ а снимката покажува детаљ од внатрешноста на гаражата. Не само ние што сме во политиката, ами секој кој и малку следи политика знае како се обезбедува тој простор. Уште повеќе и снимките што се емитуваа покажуваат дека не се работи за случајна снимка и прилог. Затоа чуму кажувањата и напрегањата дека се' е случајно освен ако се нема намера да се потцени гледачот и да се врши пропаганда.
Ништо поразлично не беше информирањето и за уште еден позитивен настан, а тоа е инвестицијата на позната руска фармцевтска фирма во Бунарџик. Наместо да се запознаат граѓаните со новата инвестиција, одделни провладини медиуми многу повеќе кажуваа дека Владата брзо напредува во привлекување странски инвестиции и го изнесоа податокот дека во првите пет месеци од годинава бројките покажуваат пораст на странските директни инвестиции, а притоа го кријат фактот дека токму четвртиот и петтиот месец се со негативен предзнак. Уште помалку гледачот имаше прилика да слушне колкава е и во што се состои државната помош за оваа инвестиција
Да не се остане покусо, се продолжи во иста насока, а за тоа се искористи поклонувањето на министерот за одбрана пред Споменикот на бранителите од 2001 во дворот на Министерството, а по повод денот на македонската Армија. Настан што треба позитивно да се оцени иако не треба да е нешто спектакуларно, бидејќи тоа е сосема нормална работа во секоја држава. Тоа што посебно беше забележливо е коментарот на одделни провладини медиуми со кои настојуваа со овој позитивен настан да ја покријат непријатната слика од одбележувањето на годишнината од трагичните случаи на Карпалак и Љуботен. Иако министрите од ДУИ не се огласија за нивниот однос кон споменатите настани, одредени медиуми од петни жили запнаа нивното неприсуство да го оправдуваат.
Тоа што загрижува е што уште еднаш се прави обид да се потцени македонскиот граѓанин и да се прикаже дека неприсуството е од презафатеност. На сите нас ни е јасно дека во прашање е смислена политика од страна на ДУИ, но и од Владата. Затоа наместо да се замајува македонската јавност, треба да му се пријде на тоа прашање со друг пристап и отворено да се разговара и да се надминат разликите во однос на одбележувањето на сите настани поврзани со конфликтот во 2001 годин��. Тоа требаше многу побрзо да се направи и да не се оптоваруваме со минатото.
Но, за жал, оние што денес се прашуваат зошто никој од владиниот состав од ДУИ немаше на одбележување на настаните и изигруваат Марсовци кога е во прашање конфликтот, треба да се потсетат дека тие се главната причина. Тие го прогласуваа за предавник секој политичар од Македонците кој во 2002 ќе се поздравеше со членовите на ДУИ. При отворањето на Тетовскиот универзитет, не' прашуваа дали ни е мирна совеста, а сега зборуваат на албански пред студентите. Час бегаат од Охридскиот договор, час го величаат или беа против територијалната поделба, а пред странците ги прикажуваат како голема придобивка. Во секој договор со ДУИ, иако беше во корист на државата, гледаа предавство на државните интереси. Оние што седат сега во најголем дел во Владата, парламентот и на другите врвни државни функции, е време со својот коалиционен партнер пред македонските граѓани отворено да разговараат за настаните поврзани со 2001, а не одделни медиуми да не' убедуваат како тоа што го гледаме не е тоа.
Кога дел од македонските медиуми ќе сфатат дека нема потреба од дообјаснување на тоа што го гледаме или слушаме? Во време на интернети и достапност на информации, ваквиот начин на пласирање на информациите не претставува ништо друго, туку ставање медиум во функција на пропагандна политика на Владата.
Всушност, се работи за нешто повеќе. Се работи за задушување на медиумскиот простор. Се работи за ставање во целосна функција на одреден медиум во рекламирање и пропаганда на владина политика. Од друга страна, секој што нема да се вклопи во таа слика, ќе биде сатанизиран со реална можност да биде и елиминиран, дали отворено или, пак, прикриено.
Токму затоа многу е важно дали ќе продолжи состојбата на третирање на македонскиот граѓанин како слон што не може да разбере што гледа и слуша и ќе се оди до состојба на клонирање кога сите треба да мислиме исто.
На крајот некој ќе рече, па не мора да ги гледаме и слушаме, но веднаш се поставува прашањето - а што да се прави кога некои медиуми ги укинаа а на другите дискретно вршат притисок на уредувачката политика или ги казнуваат ако се непослушни. Фала богу што техниката оди напред и имаме можност да се информираме и од други извори, со што ќе потрае времето до клонизацијата, под услов ако не најдат начин и нив да ги спречат.
(Авторот е поранешен пратеник) |