Тоне некогашниот гигант ОХИС - ќе има ли спас?

Станува збор за огромна индустриска зона, можеби најголема во Македонија
Александар Пешев
Нови обиди за продажба, неплатени и незадоволни вработени и големи долгови. По три неуспешни обиди, Владата за помалку од две недели би требало да распише нов тендер за продажба на најголемиот хемиски погон во државава ОХИС. Владата е мнозински сопственик на компанијата. Малцинскиот пакет припаѓа на акционерите, меѓу кои се и вработените во ОХИС.
По последниот неуспешен обид за продажба на најголемата хемиска фабрика, Владата најави ангажирање на консултантски куќи за изработка на финансиски извештај за ОХИС, како и за „Еурокомпозит“, ЕМО и прилепскиот Тутунски комбинат. Согласно со акциониот план на Министерството за економија, консултантите треба да изработат информативен пакет за овие компании што ќе им се нуди на заинтересираните купувачи. Кон крајот на минатиот месец, во вториот круг од изборот се влезени пет консултантски компании. Министерот за економија, Бесими, веќе има потврдено дека за две недели ќе се распише меѓународен тендер за продажба на хемиската фабрика. Од Министерството за економија вчера цел ден беа недостапни за детали околу начинот на продажба.
Додека Владата бара решение за ОХИС, кој минатата година пријави загуба од 54 милиони евра, вработените протестираат за неисплатени плати и нерегулиран стаж. Вработените немаат земено плата веќе осум месеци, од јануари годинава. Дополнително, во нивната евиденција за стаж има дупка од неколку години. Имено, на вработените не им се исплатени придонеси во периодот од 2000 до 2007 година. Вработените се жалат дека дури и исплатените придонеси од 1994 до 2000 биле на минималец. Според неофицијални информации и процени, ОХИС им должи 314 милиони денари на вкупно 1.700 работници за неплатени придонеси за пензиско осигурување. Оваа недела 500 вработени заминаа на принуден одмор, на кои би требало да им се исплаќаат 70 отсто од платите. За време на организирањето на последните протести, Синдикатот и вработените се жалеа дека менаџментот барал одлагање на протестите додека не се објават резултатите од следниот тендер. Вработените кои завчера протестираа пред Владата велат дека исто��о барање го слушаат веќе неколку пати. „Веќе осум месеци чекаме да ни се исплатат заостанатите плати, што е наш главен интерес. Не не' интересира дали се прават процени и дали има или нема купувачи, кога немаме никакви приходи и регулиран стаж“, тврди една од вработените.
Покрај долговите кон вработените, компанијата се соочува со тешкотии при намирувањето на преостанатите долгови. По апсењето на ексдиректорот Јорго Ќука, менаџментот на ОХИС задоцни со исплатата на ратите на долгот за струја кон ЕВН. Австриската компанија, наводно, осум пати ги опоменувала за редовно намирување на долгот, кој се проценуваше на речиси половина милион евра. Извори во фабриката тврдат дека доколку се исклучи струјата, во погоните би се предизвикала еколошка хаварија од хемикалиите што се складирани во посебни услови. Моментално има 800 вработени кои го одржуваат погонот поради социјални причини, информираат од Синдикатот.
Слабото производство на компанијата не ветува лесно намирување на долговите. Компанијата го изгуби и последниот поголем пазар за време на воениот конфликт во 2001 година по бомбардирањето на хемиската фабрика во Панчево, со која ОХИС имаше најразработена соработка.
На домашниот малопродажен пазар компанијата има навидум скромна понуда на прашоци за перење. Според неофицијални информации, компанијата имала проблеми со пласманот на прашокот за перење „гонг“. Диви дистрибутери надвор од Скопје го препакувале „гонг“ во амбалажа од други прашоци, препродавајќи го како странски бренд.
Ексдиректорот Јорго Ќука беше обвинет дека ја злоупотребил својата функција како директор и ја оштетил компанијата за 54 милиони денари. По апсењето на Ќука, Владата го стави надзорот на компанијата под своја закрила. При последниот избор на Надзорен одбор на ОХИС сите новоизбрани членови беа предложени од Владата, а акционерите останаа без свој претставник во одборот.
Инаку, вредноста на акциите на ОХИС во изминатиов период паѓа, заедно со вредностите на преостанатите акции, поради паничното тргување на Берзата. Просечната цена на акцијата од почетокот на месецов до денес се движи од 200 до 260 денари. При крајот на минатата година ОХИС доби опомена од Македонската берза дека нејзините акции ќе бидат исклучени од котација доколку компанијата не почне редовно да ги објавува финансиските извештаи. Вчера од Берзата потврдија дека по опомените компанијата редовно ги објавува извештаите. Во последните 52 недели акцијата на хемискиот гигант има остварено промет на Берзата од околу 12 милиони денари.
ОХИС претставува еден од најголемите индустриски капацитети во земјава, кој се наоѓа близу центарот на Скопје. Имотот на ОХИС се наоѓа во границите на Општина Кисела Вода. Од Општината тврдат дека немаат никакви ингеренции за имотот на хемиската фабрика, префрлајќи ја топката кон Владата. Сепак, од Општината потенцираат дека станува збор за имот со голем потенцијал за развој. „Станува збор за огромна индустриска зона, можеби најголема во Македонија, што се наоѓа близу центарот на градот. Од интерес на Општина Кисела Вода е развивање на оваа зона за отворање нови индустриски капацитети, што би значело повеќе нови вработувања за жителите“, вели портпаролот на Општина Кисела Вода, Тони Чуповски. |