Што кријат документите од „Перо Наков“ б.б.
Извори од истрагата велат дека фирмите биле толку испреплетени што едвај им се наоѓал крајот
Горан Адамовски
Што содржат документите и десетиците компјутери што беа запленети во неколкуте фирми на „Перо Наков“ б.б. во скопската населба Маџари, што беа цел на инспекциските служби на Управата за јавни приходи и на Финансиската полиција во минатиот четврток? Извори од истрагата велат дека станува збор за обемен предмет и дека надлежните деноноќно работат за да ги класифицираат предметите.
„Таму не се знае која фирма што работи. Регистрирани се за една, а работат сосема друга дејност. Сопствениците и управителите, главно, се странски државјани, кои не се во земјава“, велат нашите извори.
Обемната документација што беше запленета во неколку фирми на „Перо Наков“ б.б., вчера беше отворена во просториите на Финансиската полиција. Во присуство на инспектори од Управата за јавни приходи, истражен судија и екипи на Крим-техника, беше отпломбирана просторијата во која се чуваа хартиената документација, книговодствената евиденција и компјутерите од фирмите лоцирани на адресата на која се наоѓа и А1 телевизија.
„Ќе се пристапи кон стручно анализирање, со цел да се преземат натамошните истражни мерки во проверка на должничко-доверителските односни меѓу овие претпријатија, како и со другите фирми, со кои соработувале“, изјави директорот на Финансиската полиција, Љупчо Стаматовски. Веќе деновиве се очекуваат првите резултати од истрагата.
На отпечатувањето, иако повикани, не се одѕвале управителите на фирмите. Дошла само адвокатката на А1, Лујза Стаиќ, која набргу си заминала. Како што велат од Финансиската полиција, таа рекла дека управителите не биле подготвени и затоа не дошле.
УЈП уште во петокот утврди дека спорните фирми не платиле ДДВ во висина од 1,6 милиони евра. Се проверуваат и сомневањата за сомнителен одлив на 7,5 милиони евра во странски земји, што се сметаат за даночни рајови.
Директорот на УЈП, Горан Трајковски, во неделата објасни дека фирмите на „Перо Наков“ б.б., ги исфрлил самиот софтверски систем како ризични. Било необично тоа што мали фирми со по еден двајца вработени преку ноќ прават милионски трансакции. Дополнително сомнежите се зголемиле кога во еден ден седум скапи возила биле префрлени од „Мија бевериџис“ на една од фирмите на „Перо Наков“ б.б., која имала само еден вработен.
Министерот за финансии, Зоран Ставрески, вчера изјави дека властите ќе опстојат во намерите да извршат контрола врз работењето на фирмите на „Перо Наков“ б.б..
„Индициите покажуваат дека имало големи финансиски малверзации и криминал со што е оштетен буџетот на Македонија. Самата постапка на криење документи во вреќи, криење пари во вреќи во латиноамерикански стил, покажува дека некој имал нешто што сакал да го скрие. Ние ќе одиме до крај и ќе докажеме што е и колку е оштетена државава со тоа и ќе ги наплатиме тие средства“, истакна Ставрески.
Министерството за внатрешни работи откри 100.000 евра во стан во Чаир, сопственост на една од управителките во спорните фирми. Според МВР, парите биле извлечени од „Перо Наков“ б.б. во четвртокот кога инспекциите влегоа во фирмите, а А1 обвини за упад во телевизијата. |