Број 3322  петок, 02 јули 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Магазин

Site Meter
Мислења

Мислења

Мамењето во фудбалот и етиката

Питер Сингер

Каква ќе беше реакцијата ако голманот на Германија престанеше да игра и му речеше на судијата дека тоа беше гол?

Кусо време пред полувремето во елиминацискиот натпревар на Светското првенство меѓу Англија и Германија, англискиот играч од средината на теренот Френк Лампард постигна гол што ја погоди стативата и отскокна на теренот, очигледно зад гол линијата. Голманот Мануел Нојер ја зграби топката и ја врати во игра. Ниту судијата, ниту помошните судии, и двајцата беа далеку на теренот - и во слаба позиција да пресудат - не сигнализираа гол, и играта продолжи.

По натпреварот, Нојер ја даде оваа изјава за неговите акции: „Се обидов да не реагирам кај судијата и само да се сконцентрирам на тоа што се случуваше. Сфатив дека беше зад линијата, но мислам дека начинот на кој толку брзо продолжив го измами судијата да помисли дека не е зад гол линијата“. Отворено кажано: Нојер измами, а потоа се фалеше за тоа.

Според кои било нормални етички стандарди, она што го направи Нојер беше погрешно. Но, дали фактот дека Нојер играше фудбал значи дека единственото етичко правило е: „Победа по секоја цена“?

Во фудбалот, се чини дека тоа е доминантна етика. Најпознат од тие инциденти е голот на Диего Марадона на натпреварот од светското првенство во Аргентина во 1986 година против Англија, за кој тој подоцна велеше дека бил постигнат „малку со главата на Марадона, малку со раката на Господ“. Повторните снимки не оставија сомнеж дека голот беше постигнат со раката на Марадона. Дваесет години подоцна, во интервју за Би-Би-Си тој призна дека намерно реагирал како да бил гол, со цел да го измами судијата.

Нешто слично се случи во ноември минатата година, на натпреварот меѓу Франција и Ирска, што одлучуваше која од двете земји ќе отиде на светското првенство. Францускиот напаѓач Тиери Анри ја употреби раката за да ја исконтролира топката и ја префрли на соиграч, кој го постигна решавачкиот гол. На прашањето за инцидентот, по натпреварот, Анри рече: „Ќе бидам искрен, тоа беше играње со рака. Но, јас не сум судија. Јас одиграв, судијата одобри. Тоа е прашање што треба да му го поставите нему“.

Но, дали е така? Зошто фактот дека можете да се извлечете со измама би значел дека не сте виновни? Играчите не треба да бидат ослободени од етички критики за тоа што го прават на теренот, повеќе отколку што се ослободени од етички критики за мамење надвор од теренот - на пример, за земање стимуланси. Спортот денес е мошне конкурентен, и во прашање се огромни суми па��и, но тоа не значи дека е невозможно да се биде чесен. Во крикет, ако удирачот - играчот кој удира - ја удри топката, а еден од играчите на теренот ја фати, удирачот е исфрлен. Понекогаш кога топката е фатена, судијата не може да биде сигурен дали топката го допрела работ на палката. Удирачот вообичаено знае и традиционално би требало да „замине“ - да го напушти теренот - ако знае дека е исфрлен. Некои се' уште прават така. Австралискиот удирач Адам Гилкрист „си замина“ на полуфиналниот натпревар од Светското првенство во 2003 година против Шри Ланка, иако судијата објави дека не е исфрлен. Неговата одлука изненади некои од соиграчите, но доби аплауз од многу навивачи.

Пребарувањето по Интернет ме донесе до еден очигледен случај кога фудбалер прави нешто еквивалентно на заминувањето на удирачот. Во 1996 година, на напаѓачот на Ливерпул, Роби Фаулер, му беше досуден пенал, бидејќи беше направен прекршок врз него од голманот на Арсенал. Тој му рече на судијата дека не бил фаулиран, но судијата инсистираше да го изведе пеналот. Фаулер го изведе пеналот, но на начин што овозможи голманот да го одбрани ударот.

Зошто има само неколку примери на такво однесување од професионалните фудбалери? Можеби културата на претерана фанатична приврзаност ги надминува етичките вредности. Се чини дека на навивачите не им пречи доколку членовите на нивниот тим успешно мамат. Тие приговараат само кога мами другата страна. Тоа не е етички став. (Иако, по нивна заслуга, многу француски љубители на фудбалот, од претседателот Никола Саркози па натаму, изразија наклонетост кон Ирска по играњето со рака на Анри).

Да, донекаде можеме да се справиме со проблемот користејќи ја современата технологија или повторените видео снимки за да ги ревидираме контроверзните одлуки на судиите. Но, иако тоа ќе ја намали можноста за мамење, нема да ја елиминира, а поентата не е тоа. Не треба да даваме изговори за намерно мамење во спортот. На еден значаен начин, тоа е многу полошо отколку мамење во приватниот живот. Кога тоа што го правите го гледаат милиони луѓе, и повторно се прегледува безброј пати на видео снимките и се анализира на телевизиските спортски програми, тогаш е посебно важно да се направи тоа што треба.

Како ќе реагираа фудбалските навивачи ако Нојер престанеше да игра и му речеше на судијата дека тоа беше гол? Со оглед на таквото ретко однесување во фудбалот, првичната реакција без сомневање ќе беше изненадување. Некои германски навивачи можеби ќе беа разочарани. Но, светот во целост - и секој непристрасен германски навивач исто така - ќе требаше да признае дека тој го направи вистинското нешто. Нојер пропушти ретка можност да направи нешто великодушно пред милиони луѓе. Тој можеше да даде позитивен етички пример за луѓето кои го гледаат низ целиот свет, вклучувајќи многу милиони млади и чувствителни луѓе. Кој знае каква разлика ќе имаше таков пример за животите на многу од оние кои го следеа натпреварот? Нојер можеше да биде херој, да застане за тоа што е исправно. Наместо тоа, тој е само уште еден фудбалер кој е многу вешт во мамењето.

(Авторот е професор по биоетика на Универзитетот Приннстон и пишува за Проект синдикејт. „Утрински весник“ е дел од мрежата на „Проект синдикејт“).


#
Статијата е прочитана 590 пати.

Испрати коментар

Од: gt
Датум: 02.07.2010 03:50:25
Tekstot na Prof. Singer e mnogu blagoroden, no so seta pocit do nego ne e voopsto primenliv. Segasnite fudbalski pravila ne dozvoluvaat sudijata da odlucuva po sugestija na nekoj igrac. Duri i Neuer da prijdese do sudijata Larrionda da mu kaze da dosudi gol, Larionda nema pravo da go priznae golot bidejki nitu toj nitu pomosnikot Espinosa (toj ima pogolema odgovornost za vakvi situacii) ne go vidoa golot. Toa bi bila negova teska tehnicka greska. Najgolemata greska e kaj FIFA koja ekspresno gi prati doma Urugvajskite sudii iako ne bea losi, a vakva slucka so brz gol moze da mu se sluci na sekogo. Resenie: mozebi kameri, zatoa sto na vaka brza topka ni 5ti sudija kaj golot ne pomaga. Drugo resenie: mozebi kako vo tenis sekoja ekipa da ima pravo na 3 predizvici. Treto resenie (za Prof. Singer): FIFA da dozvoli sudijata da moze da ja promeni odlukata na intervencija na "Neuer vo ovoj slucaj". Koreniti promeni treba da donese FIFA i "dedovcite" od IFAB :).

Најди! во Утрински
Мислења
Ослободување во три слики