Што прават денеска
Љубица Јаневска
ТВ-презентерка
Оваа недела е малку понапорна од вообичаените работни денови. Без оглед што денеска не сум на програма, ќе бидам на работното место за да се подготвувам за изборите в недела. Затоа, пак, попладневните часови ќе ги искористам за ручек со семејството и малку одмор. Вечерта е резервирана за кафе со моите драги пријатели.
Јове Парговски
графички дизајнер, НУ Завод и музеј - Битолa
Вообичаено, денот го започнувам со појадок, па доколку е убаво времето, следува 25-минутна прошетка до работа. На работа е - работно се' до 16 часот кога ми завршуваат обврските. Практикуваме семеен ручек секој ден, убаво е да сме сите на маса, па така расположени малку одмораме и со сопругата и со децата се шетаме по Широк сокак и уживаме во Битола ноќе.
Олга Равњак-Станковиќ
потпретседателка на Словенечки центар
Денот ми е целосно посветен во знакот на прославата на 20 години од осамостојувањето на Р. Словенија. Вечерва од 19 часот во Театарот за деца и младинци свеченоста ќе ја отвори Н.Е. Ален Брајан Бергант, амбасадор на Р. Словенија во Македонија. Програмата и театарската претстава „Волшебничката Вилма оди на прв состанок“ ќе ја изведат децата припадници на словенечката заедница. Во 16,30 ч. со моите деца Тамара, Ненад и Ања одам на генерална проба пред настапот и со радост го чекаме почетокот на свеченоста. |