Број 2872  петок, 26 декември 2008
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Фељтон

Претходен број


Site Meter
Мислења

Мислења

Патот што претстои за климатските промени

Гро Харлем Брунтланд, Рикардо Лагос, Фестус Могае и Срѓан Керим

Најдобра инвестиција во нашата колективна иднина е да се интензивира зелената, нискојаглеродна економија. Тоа е инвестиција со огромен потенцијал за просперитет и профит

ЊУЈОРК - Финансиската криза беше најважна во размислувањата на повеќето светски лидери. Сепак, колку и да е висока цената за глобалното спасување, едно нешто ни е познато: тоа избледува покрај огромните трошоци - и длабоките човечки последици - при одложување на мерките за климатски промени. Има некаква убавина во оваа непријатна ситуација: ако дејствуваме мудро, можеме да ги решиме двете кризи одеднаш. Преговорите за климатски промени во текот на наредната година нудат досега невидена можност да се изгради попрофитабилна, побезбедна и поодржлива глобална економија.

Предизвици на денешното време - на пример, финансии, храна и енергија - има многу. Меѓутоа, тие имаат заедничка основна причина со која шпекулативните и често пати тесни интереси ги истиснуваат општите интереси, заедничките одговорности и здравиот разум. Тоа исто краткорочно размислување ја карактеризира зависноста на светот од фосилни горива. Зависноста не можеме да ја прекинеме преку ноќ. Сепак, признаваме дека да продолжи вложувањето на илјади милијарди долари во инфраструктура што се базира на јаглерод и субвенции од фосилни горива, е како инвестирање во ризичен недвижен имот. Всушност, ние ја заложуваме иднината на нашите деца да плаќаат за неразделиво неодржлив и неправеден начин на живеење.

Најголемиот ризик со кој се соочуваме е да се продолжи по тој пат. Како почнуваме да го решаваме големиот предизвик на реорганизирање на нашата глобална економија со нови средства, одржување на планетата и извлекување милијарди луѓе од сиромаштија? Одговорот е сериозно да се справиме со климатските промени. И сега е време да се направи тоа - не и покрај финансиската криза, туку поради неа. Како што гласи изреката, кризата е ужасна работа за да се пропушти.

Имаме само 12 куси месеци да ги разработиме елементите на глобален договор за климатски промени, пред собирот на светските лидери идниот декември во Копенхаген. Ако работиме заедно, водени од чувството за ургентност и заедничка судбина, тие преговори можат да помогнат да се насочи бродот на глобалната економија кон помалку турбулентни, позелени води и во безбедно пристаниште. Веруваме дека најдобрата инвестиција во нашата колективна иднина е да се интензивира зелената, нискојаглеродна економија. Тоа е инвестиција со огромен потенцијал за просперитет и профит. Но, тоа бара од нас сега да постигнеме нов договор за климатски промени - договор што можат да го прифатат сите земји. Тој мора да биде сеопфатен и амбициозен, и мора да поставува јасни цели за редукциите на емисиите, адаптацијата, финансирањето и технолошкиот трансфер.



Развиените и земјите во развој мора да најдат заедничка визија како ќе функционира тоа, постигнувајќи договор според кој богатите земји ќе водат со примерот за намалување на емисиите, а во исто време земјите во развој ќе бидат обезбедени со ресурси и знаење да ги зголемат сопствените напори за климатските промени. Одлуките за енергетски инвестиции донесени денес ќе бидат заклучени во профилот за емисиите во светот во годините што следуваат. Во меѓувреме, часовникот отчукува. Потенцијални катастрофални последици ги чекаат не само поларните мечки туку и милиони луѓе.

Адаптацијата мора да биде витален дел од преговорите. Исто така, и ублажувањето. Во суровите пресметки за несреќите, оние најмалку одговорни за предизвикување климатски промени ќе страдаат први и најмногу од неизбежните ефекти. На земјите во развој ќе им биде потребна зголемена финансиска поддршка за заштита на најсиромашните и најчувствителните. Постигнувањето договор во Копенхаген е критички важно. Но, патот кон позелена, нискојаглеродна иднина веќе се кове во земјите од Бразил до Бангладеш, од Данска до Индонезија. Од инвестиции во обновлива енергија и возила кои користат различни извори на гориво до пошумување, земјите од сите страни сфаќаат дека зеленото не е опција, туку потреба за реоптоварување на нивните економии и отворање милиони работни места. На пример, со вистински инвестиции, тропските земји би можеле значително да ги намалат емисиите од шумскиот сектор, а во исто време да отворат зелени работни места. Обесшумувањето сега опфаќа околу една петтина од сите емисии на гасови со ефект на стаклена градина.

Кина најави економски стимулативен пакет од 586 милијарди долари, од кои 25 проценти треба да помогнат, да го зајакнат конзервирањето, еколошката заштита и обновливите енергетски напори. Се надеваме дека новиот стимулативен пакет помага Кина да се придвижи кон позелен развој и дека земјите го следат примерот. САД, исто така, сигнализираа фундаментална, нагла промена во својата глобална климатска политика. Во првото постизборно обраќање до јавноста Барак Обама се изјасни дека неговото претседателствување „ќе означи ново поглавје во раководењето на Америка со климатски промени, што ќе ја зајакне нашата безбедност и ќе отвори милиони нови работни места“.



Поврзувајќи ги прашањата за економска ревитализација, економска безбедност и климатски промени, Обама јасно ја наведе користа од нов зелен договор. Го поздравуваме повторното ангажирање на Америка во глобалните климатски преговори и чекаме нејзиното раководство да ги трансформира зборовите во конкретна политика, која го промовира глобалниот зелен развој.

Како и Америка, Кина и многу други земји сега сфаќаат дека климатските промени се многу повеќе од еколошко прашање. Тоа е енергетско, финансиско и безбедносно прашање. Всушност, тоа е прашање на шефот на државата. Бараме другите светски лидери да ни се приклучат во создавањето заедничка, долгорочна визија за кооперативни мерки, што ќе се реализира на конференцијата во Копенхаген идната година. Глобалната соработка беше клучна за управување со финансиската криза. Таа не е помалку значајна за управување со климатските промени, за кои влогот е многу поголем. Заедно мора да инвестираме во најбезбедната, најсигурната опција - зелената економија.

(Гро Харлем Брунтланд е поранешна премиерка на Норвешка, Рикардо Лагос е поранешен претседател на Чиле, Фестус Могае е поранешен претседател на Боцвана и Срѓан Керим е поранешен претседател на Генералното собрание на ОН. Тие се специјални пратеници на генералниот секретар на ОН за климатски промени)


Статијата е прочитана 505 пати.

Испрати коментар


Најди! во Утрински
Барај со НАБУ
Мислења
Институција