Италијански искуства за санитарна депонија
ПРИЛЕП - Јавното претпријатие „Комуналец” од Прилеп од збратимениот италијански град Верона доби физибилити-студија за изградба на санитарна депонија. Според првичните пресметки на италијанското претпријатие, модерниот начин на отстранувањето на комуналниот отпад ќе чини 11,4 милиони евра.
Студијата е резултат на повеќемесечната соработка на „Комуналец“ со италијанското претпријатие „Амија“, кое го изработи проектот. „Комуналец“ ќе анализира кои се предностите или недостатоците на студијата за санитарна депонија.
Директорот на „Комуналец“, Златко Ристески, објаснува дека санитарната депонија во почетокот треба да го презема органскиот отпад, кој е половина од вкупниот отпад што се исфрла од домаќинствата и од фирмите. „На депонијата ќе се отстранува по природен пат биогасот, а во втората фаза ќе се депонира само неорганскиот отпад. Депонијата е проектирана за 40.000 тони отпад на годишно ниво во период од 20 години“, објаснува Ристески.
Тој посочува дека во наредните два месеца ќе ги проучи пресметките на италијанското претпријатие за капацитетот, но и за чинењето на депонијата. Општината потоа треба да одлучи дали ќе се гради современа санитарна депонија што ќе бара и пари од европските фондови. (Д.Р.) |