За десет години двојно повеќе заболени од рак на дебелото црево
На годишно ниво се регистрираат по околу 550 нови случаи, кај четвртина болеста се открива кога не помага ни операција
Јасмина Јовановска
За последните десет години бројот на заболени од рак на дебелото црево е речиси двојно зголемен. Така, ако во 1994 година инциденцата била осум болни на 100.000 жители, според најновите податоци со кои располага Републичкиот завод за здравствена заштита, таа бројка во 2003 година е за 100 отсто поголема, односно се регистрираат и по 16 болни од рак на дебелото црево на 100.000 популација. Годишно се регистрираат по околу 550 нови случаи, а она што посебно загрижува е што кај четвртина од нив болеста се открива во фаза кога не помага ни операција. Речиси половина од заболените, пак, ако се лекуваат хируршки, не ја продолжуваат терапијата. Од 500 заболени кои се оперираат на Клиниката за дигестивна хирургија, околу 200 не се јавуваат за натамошно лекување на Клиниката за онкологија.
Фактот што 25 отсто од новооткриените болни не може ни хируршки да се лекуваат, гастроентерохепатолозите го објаснуваат со тоа што болните поради неинформираност ги занемаруваат одредените промени во цревата, а во државата нема ни организирани превентивни прегледи за навремено откривање на ракот на дебелото црево. Иако пред околу две години група дигестивни хирурзи и онколози поведоа иницијатива за воведување скрининг за рак на дебелото црево, од овие прегледи се' уште нема ништо.
„Ракот на дебелото црево е трета водечка причина за смрт кај нас. Дури ни операцијата не го продолжува животот на овие болни. Затоа излезот е во скринингот, односно болеста да се открие уште кога не покажува симптоми. Со тестот за скриено крвавење во изметот може да се детектира болеста во рана фаза, а тој ��ини од едно до четири евра“, укажа вчера д-р Мирко Крстевски од Клиниката за гастроентерохепатологија, а по повод Месецот за борба против ракот на дебелото црево. Според него, ризични групи за скрининг се лицата над 45 години, оние што имаат полип на цревата, кои боледуваат од други цревни болести, како што е Кроновата, и оние кои имаат генетичка предодреденост, односно имале некој болен во семејството.
За генетичка склоност кон појава на рак на дебелото црево се прават генетички испитувања на Фармацевтскиот факултет. Но, засега тие се дел од одредени истражувачки проекти, а не редовна практика.
„За да почне редовно да се применува ова испитување, претходно мора да се направат протоколи за селекција на пациентите. Зашто едно истражување во светот чини од 1.000 до 1.500 евра“, вели д-р Александар Димовски, декан на Фармацевтскиот факултет.
Доколку болеста се открие навреме, во 90 отсто случаи може да се излекува, истакна д-р Никола Јанкуловски, директор на Универзитетската клиника за дигестивна хирургија. Тој додаде дека во борбата против ракот на дебелото црево треба организиран пристап. Според него, веќе е подготвен консензус за превенција, дијагноза, терапија и следење на пациентите заболени од рак на дебелото црево, кој ќе гарантира координиран и интердисциплинарен пристап во справувањето со ова заболување. Ваквиот консензус ќе придонесе за намалување на морталитетот, намалување на бројот на пациенти со напредната фаза на болеста и намалување на вкупните трошоци за лекување на ракот на дебелото црево. Иницијативата за консензусот е во согласност со актуелната политика и стратегија на здравствениот систем и ќе биде промовирана за две недели.
За подигнување на јавната свест за ракот на дебелото црево, како што рече претседателката на невладината организација „Борка“, Биба Додева, за време на викендот во центарот на градот ќе делат едукативни брошури. Таа укажа на проблемот на современите лекови за оваа болест, кои пациентите мора да си ги купуваат зашто не се на позитивната листа.
|