Пет минути интервју
Премногу убавини на едно место

Гордана Јусифова-Неделковска - селекторка на музичката програма
Катерина Шекеровска
Фестивалот „Охридско лето“ е во полн ек. Колку сте задоволни од досегашниот тек на 51. издание?
„Јас сум креаторка на музичката програма на фестивалот ’Охридско лето‘, така што мојата задача е да направам програма достојна за реномето на фестивалот, што значи учество на врвни светски имиња, но и музички содржини што со својата атрактивност ќе го привлечат вниманието, не само на стручната јавност, туку и на пошироката публика. Во текот на реализирањето на фестивалската програма најважна ми е оцената на стручната музичка критика и на почитуваната фестивалска публика. Од она што досега можеше да се проследи во медиумите, но и од споделеното задоволство на публиката по завршувањето на концертите, можеме да бидеме сосема задоволни од тоа што досега беше реализирано на годинашново 51. фестивалско издание. Бурната реакција на публиката, благодарноста и радоста на нивните лица, долгите стоечки овации се одлика на секој завршен концерт. На таквата реакција, уметниците се оддолжуваат со голема воодушевеност и со најмалку три биса, што не' прави задоволни и горди на сработеното. Она што посебно ми значи, од стручна гледна точка, е високата оцена на странските уметници, гости на фестивалот, кои севкупната фестивалска програма ја вреднуваат како светско собиралиште на врвни уметници и тоа само во едно фестивалско издание“.
Во овој период, разбирливо, се наоѓате во Охрид. Што најмногу сакаат да пробаат и да видат странските гости во Охрид?
„Како и во минатите фестивалски изданија, сосема очекувано беше дека и годинашниве гости ќе бидат воодушевени од Охрид и ќе сакаат да видат колку што е можно повеќе. Со оглед на тоа дека најголем дел од уметниците доаѓаат прв пат, ние претходно ги информираме за се' што ги очекува во Охрид, па затоа и покрај обврските што ги имаат, оној мал дел од времето што им останува слободен, го користат максимално за да успеат да земат еден мал момент од сите убавини на овој град. Секако, по традиција, дружењето со уметниците по секој завршен концерт продолжува со заемно разменување на импресии од концертот, професионални искуства и секогаш завршуваат со нивна молба за повторно доаѓање тука. Нивните искажувања се идентични, премногу убавини на едно место: градот, архитектурата, акустичноста на ’Света Софија‘, убавите жени, македонската кујна, езерото...“.
Како е да се биде во Охрид во екот на сезоната? Спие ли градот? И колку странските туристи го посетуваат „Охридско лето“?
„Веќе петта година сум музичка селекторка на ’Охридско лето‘ и впечатокот за градот во тој период не е останува непроменет. Сепак, морам да забележам дека на огромно задоволство на сите, странските туристи се се' побројни од година в година. Секако, она што нас не' радува е фактот дека и тие се редовни посетители на сите наши настани и заедно со македонската публика уживаат во богатата уметничка програма“.
Кога завршува фестивалот и што планирате потоа? Ќе заминете ли на одмор?
„Традиционално, ’Охридско лето‘ завршува на 20 август, но моите обврски околу фестивалот се континуирани, во текот на целата година. Веднаш по завршувањето на ова фестивалско издание, поточно на 22 август, заминувам за Франција каде што ќе одржам два солистички концерта, а по враќањето започнувам со редовните обврски како декан и професорка на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Со тоа, класичното летување ќе биде изоставено веќе петта година, меѓутоа, во почетокот на септември со задоволство ќе одам на продолжен викенд во Грција со семејството“. |