Парламент
Само за Макрадули се кршеа копја
Пратениците избраа тројца потпретседатели
Светлана Унковска
Ракоплескањето и поддршката од страна на опозицијата при вчерашниот избор на Светлана Јакимовска од ВМРО-ДПМНЕ за потпретседателка на Собранието само за кратко влеа надеж дека и при изборот на Јани Макрадули од СДСМ се' ќе помине лесно и без критики и коментари. Но, не беше така. Предлогот на опозицијата Макрадули да биде еден од тројцата потпретседатели на парламентот, беше добра прилика за ВМРО-ДПМНЕ да го критикува, и покрај тоа што најави дека ќе го поддржи на гласањето.
„Честа“ да го нападне опозицискиот кандидат му припадна на Александар Николовски, кој го искажа ставот на ВМРО-ДПМНЕ дека пратеничката група ќе го поддржи Макрадули за потпретседател единствено поради одредбата во Законот за Собранието, донесен во претходниот парламентарен состав, еден од тројцата потпретседатели да биде по предлог од најголемата опозициска партија.
На вчерашната собраниска седница, покрај Макрадули од СДСМ и Јакимовска од ВМРО-ДПМНЕ, за потпретседател беше избрана и Сузана Салиу од ДУИ. На Макрадули и на Јакимовска ова им е втор пат да бидат потпретседатели, а Салиу е прва Албанка избрана на оваа функција.
Николовски против Макрадули
„Дајте друг кандидат“
Првата причина зошто пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ не се согласуваше со номинацијата на Макрадули, како што истакна Александар Николовски, е начинот на кој тој функционирал како потпретседател на Собранието во претходниот состав. Како најголем грев на Макрадули му се припишува тоа што пролетоска, заедно со цела опозиција, ја бојкотираше работата на парламентот.
„Се надеваме дека пратеничката група на СДСМ ќе побара пауза и ќе предложи друго решение за потпретседател на Собранието. Ако, сепак, не го стори тоа, Макрадули ќе го поддржиме како предлог од единствена причина што тоа е законска обврска, но не се согласуваме и сметаме дека е погрешно решение кое нема да придонесе кон подобрување на работата на Собранието и кон поконструктивна атмосфера на дијалог на сите политички субјекти во парламентот.
Напротив, ќе придонесе кон создавање тензии и непријатни ситуации“, рече, меѓу другото, Николовски. Според него, клучна грешка поради која ВМРО-ДПМНЕ има голема резерва околу изборот на Макрадули, покрај тоа што претходно го прифатил бојкотот на неговата пратеничка група е и тоа што, според нив, тој пристрасно ги водел седниците и немал избалансиран став, како и неговото однесување. (Св.У.)
Станковиќ контра мнозинството
„Парламентот стана владина филијала“
„Жалам зашто секогаш кога треба да се нарушува демократскиот капацитет на Собранието, ВМРО-ДПМНЕ ве избира вас да ги изнесувате ставовите на пратеничката група. И денес продолжува практиката да инвестирате во поголем јаз меѓу власта и опозицијата. Што се однесува до предлогот, не очекувавме дека ќе кажете добар збор за колегата Макрадули, впрочем, кој било од овие 42 пратеници да беше кандидат за потпретседател, вие ќе му најдевте некоја мана“, возврати Емилијан Станковиќ од СДСМ по критиките од Николовски. Тој рече дека владејачката партија повеќе би сакала да не постои опозицијата.
„Со жалење можам да констатирам дека ќе продолжи трендот и овој парламентарен состав да биде обична филијала на Владата на Груевски и ВМРО-ДПМНЕ и да робува на партиските наредби. Кога говорите дека Јани Макрадули во изминатиот период ги следел политичките определби, претпоставувам дека сте свесни дека претседателот Трајко Вељаноски е единствениот претседател кој слепо ги извршува задачите што му ги дава неговиот шеф Никола Груевски. Ако некој робува на партиските интереси, дефинитивно, тоа е претседателот на Собранието“, критикуваше Станковиќ. На тоа Вељаноски само кусо искоментира: „Мислев дека ќе ме пропуштите, но, на крај, се излажав. Сепак, тоа ви е како шлагворт“. (Св.У.)
|