Фељтон
Македонците крем на бугарското општество (16)
Феноменот на Ванѓа го освои Балканот
Виктор Цветаноски
И познатата пророчица Ванѓа е Македонка. Нејзиното вистинско име е Вангелија Сурчева. Родена е во Струмица 1911 година, а ослепела во 1923 година за време на една силна бура. Две години била во Домот за слепи во Земун, од каде што повторно се вратила во родниот крај. Судбините на луѓето почнала да им ги претскажува во 1941 година. Од тој период познат е случајот со тогашниот бугарски цар Борис , кој за време на окупацијата ја посетил Струмица и притоа навратил кај Ванѓа, која точно му претскажала кога ќе умре. Во 1942 година се омажила за бугарскиот војник Димитар Гуштеров. Дошол кај неа да му гледа и се вљубил во неа. Подоцна се преселиле во Петрич, каде што остана до крајот на својот живот. Почина во 1996 година
Феноменот на Ванѓа да ги погодува туѓите судбини и ден денес не е објаснет докрај. Научниците се' уште не одговориле на прашањето како оваа слепа, неука жена во разговорите со луѓето што ја посетувале, успевала да воспостави контакт со нивните умрени роднини, да ги потсети детално на настаните и средбите што им се случиле пред повеќе години со луѓето кои повеќе не се меѓу живите и кои таа никогаш не ги сретнала. Истовремено, да ги погодува и тајните мисли што никогаш не се изречени и да претскажува што ќе им се случи навистина на луѓето кои масовно доаѓале пред нејзината мала куќичка, чекајќи со часови во долгите редици само за да ја разберат сопствената судбина.
Во Бугарија за Ванѓа се напишани три книги и се направени неколку документарни филмови. Нејзините феноменални способности да ја претскажува судбината на луѓето ниту се објаснети, ниту се аргументирано отфрлени. Како што кажувала самата, при контактите со луѓето гледала лица и слушала гласови, кои очигледно биле невидливи и недофатливи за обич��ите луѓе.
Професор Величко Добријанов, кој има направено едно од најсериозните иследувања на феноменот на Ванѓа, вели дека таа за време на една сеанса погаѓала меѓу 58 и 86 проценти од фактите за посетителите што доаѓале кај неа. Истовремено, за време на тоа истражување тој следел и друго лице кое се занимавало со истата работа, меѓутоа во тој случај коефициентот на погодување на фактите не изнесувал повеќе од 20 отсто. Врз основа на истражувањето, тој доаѓа до сознание дека Ванѓа имала извонредно силна телепатска способност, со чија помош ги читала мислите на луѓето.
Со феноменот сврзан со толкувањата на минатото и претскажувањата на иднината подолго време се занимава и рускиот физичар, професорот Борис Искаков, кој своевремено изјавил дека открил тајни честици кои носеле информација за настаните од минатото, но и за иднината. Со таа своја теза тој ги објаснува и фантастичните можности на Ванѓа.
На овој професор од московскиот Институт за теоретска механика специјалност му е физичко-математичкото моделирање на биоенергетските јавувања. Тој ја развива теоријата дека од определени точки на човековото тело - повеќето распоредени на черепот - се емитувале необични честици, засега неидентификувани за науката, кои содржеле податоци за самиот човек. На пример, кога и од што тој боледувал, какви се' настани ќе доживее во неговиот животен пат, каква иднина го очекува, кога ќе умре итн. Поединци, надарени од природата, со посебна моќ успевале да ги регистрираат тие честици и поради тоа можеле да знаат се' за луѓето што стојат пред нив. Рускиот научник смета дека луѓето што манифестираат таква моќ имаат комплекс клетки сместени во хипофизата, кои ја играат улогата на биоантена.
И покрај тоа што познатата пророчица повеќе ја нема меѓу живите, на нејзиниот гроб секој ден доаѓаат луѓе од сите краишта на Бугарија и соседните држави. Многу од нив раскажувале дека ја сонувале Ванѓа, а таа им давала совети и рецепти како да се лекуваат. Многумина доаѓаат за да ја видат куќичката во која ги поминала последните денови. Во неа се' е оставено онака како што било пред да умре. Беше изградена и нова куќа, но во неа таа немаше среќа да влезе и да седне крај каминот - нејзината голема желба.
Во Бугарија подолго време се расправаше за тоа дали таа треба да биде прогласена за светица или не. Пред одржувањето на нејзиниот четириесетдневен помен се појавија информации дека свештениците очекувале на 40-те дена од смртта гробот да се облее со светлина, знак кој треба да потврди дека таа има поинакво потекло. Меѓутоа, тоа не се случи, луѓето што цела ноќ бдееја на нејзиниот гроб не забележаа никаква светлина.
За време на нејзиниот долг живот Ванѓа ја посетувале познати научници, уметници и политичари за да слушнат што мисли таа за одредени состојби и настани, но и обични луѓе кои во Ванѓа гледале решение на проблеми од секојдневниот живот. Се тврди дека неа за време на првата посета на Бугарија, по падот на комунизмот, ја посетил и Симеон Сакскобурготски, кој подоцна стана премиер на Бугарија. На заминување и' рекол дека ќе се видат повторно, а таа немоќно му одговорила дека нема да има вторпат, претчувствувајќи ја сопствената смрт. Таа умре истата година кога Симеон првпат ја посети Бугарија.
Нејзина постојана посетителка била и ќерката на Тодор Живков, Људмила. Пред се', ги врзувала религијата. „Ќе се затвореа во една просторија и со часови прикажуваа“, раскажува посвоената ќерка на Ванѓа, Венетка Митрева. Големата пророчица знаела точно кога ќе умре Живкова, но тоа никогаш не и' го кажала. При секоја средба ја подготвувала за тој чин. Велат, вечерта пред да почине Људмила, големата пророчица плачела цела ноќ. Живкова била пронајдена мртва во кадата во која се бањала. И денес постојат сомневања дека таа не умрела од природна смрт.
Во книгата за Ванѓа напишана од нејзината внука од сестра, Красимира Стојанова, се посочуваат повеќе конкретни примери од животот на нејзината тетка. Таа спомнува и некои случаи од Македонија, меѓу кои и за посетители од Галичник и од Скопје кои се мошне карактеристични и кои и' ги раскажала самата Ванѓа. Ги пренесуваме онака како што се напишани во книгата:
„Дојде кај мене млада жена и јас веднаш ја прашав: ’Дали си спомнуваш дека твојата покојна мајка имаше белег на левата нога‘, а таа тоа го потврди. Ме праша, како сум го видела тоа? Многу просто! Мртвата застана пред мене. Млада весела, насмеана жена, синоока, на главата со бела шамија. Беше облечена во шарен фустан. Го крена фустанот и ми го покажа белегот и ми рече: ’Прашај ја, дали си спомнува, дека јас имам белег на ногата од паѓање‘. Починатата мајка продолжи: ’Кажете и на Магдалена (другата ќерка) да не доаѓа на гробишта зашто е без колено‘. (Посетителката потврдила дека сестра и е со вештачки зглобови на коленото и дека и' е тешко да оди). ’Кажи и на ќерка ми дека на времето, кога Турците сакаа да го запалат нашето село Галичник, мојот татко на бегот му даде пари за да го спаси селото. А потоа решивме да направиме црква и ги пресековме сите црници во селото. Ги пренесувавме тајно, ноќе, до местото каде се градеше. Ја соѕидавме црквата. Пред неа направиме чешма со три дулци‘“.
Вчудовидената посетителка од Македонија збунето признала оти не ги знае тие подробности, но повеќепати одела во Галичник, а пред црквата навистина имало чешма со три дулци.
Вториот настан се однесува за една несреќа случена во Скопје: „Пред години, за време на поплавите во Скопје родителите го загубиле единственото дете. Логично, заклучиле дека детето им се удавило, но не можеле да го пронајдат во водите на Вардар. Отишле кај Ванѓа за да ја прашаат. А Ванѓа (случајот бил раскажан лично од неа) им рекла: Немојте да плачете зашто толку му беа деновите. Детето навистина не е меѓу живите. Но, не го барате неговото тело таму каде што треба. Тоа е малу подолу, по големата кривина на реката. Има големи дрвја и телото е заплеткано во корењата. Од едниот крај му се подава раката. Сега да отидам веднаш ќе го најдам каде е. Ете, го гледам како да е живо. Тоа ми кажува: ’Ела ќе те однесам на местото‘“. По извесно време блиските на семејството дошле кај Ванѓа и и' соопштиле дека телото на детето го пронашле точно на местото кое што го посочила таа.
(крај)
|