Закон има, пристап до информации нема
Светлана Унковска
По три и пол години од донесувањето на Законот за слободен пристап до информации ништо не е променето околу примената на овој Закон. Институциите се крајно затворени и не сакаат да ја применуваат оваа легислатива, покажува последниот извештај од истражувањето на граѓанската асоцијација "Про медија". Набљудувањето спроведено на електронските мрежни страници на институциите од централната, локалната и судската власт, јавните претпријатија и политичките партии претставува своевидно продолжение на првото вакво истражување, кое беше реализирано по усвојувањето на Законот во 2007 година. Ова покажува дека не е направен ниту еден чекор напред во промената, која ќе значи надминување на цензурираната реалност.
"За жал, нема институции или одредени области, кои, според индикаторите на набљудувањето, заслужиле позитивна оцена или покажале отвореност до информациите. Напротив, отвореноста засега е само исклучок. Во неколку случаи постои пристап до документи, на пример, кога станува збор за внатрешната организација на институцијата, или закони со кои се регулира делокругот на работата или усвоените програми или описот на надлежностите на институцијата", вели Климе Бабунски од "Про медија".
Мрежната страница е најпрактичниот и најевтиниот комуникациски канал од аспект на достапност на информации и документи со кои се располага. Значи, преку мрежната страница на одредена организација или институција не само што би можеле да се добијат потребните информации, туку ќе може и електронски да се достават барања за одредени податоци. Најзатворени во оваа смисла, покажало истражувањето, се судската власт, функционерите со јавни овластувања, политичките партии и локалната власт. Состојбата со пристапот до информации од јавен карактер е очајна. Од 66 иматели на информации, дури 59 не прифаќаат електронски поднесени барања.
Непостоењето на податоци или недостапноста до информациите на институцијата треба да се толкува не само како индикатор за непримената на Законот, туку и како немање волја, што е основен предуслов за една демократска власт. Бабунски вината за непримената на Законот ја лоцира во Комисијата за слободен пристап, која, како што вели, нема капацитет да ја наметне неговата примена.
"Централното место и улога во последниве три години, откако постои и се применува Законот, и' припаѓа на Комисијата за слободен пристап. Оттука, 'цензурираната реалност' во најголема мера се должи на несоодветниот политички и професионален капацитет на Комисијата, на несоодветната секојдневна работа. Од една страна, истражувањето покажа дека Комисијата не е имател на информации, кој ќе биде 'светол пример' за другите, а од друга страна, Комисијата со севкупната работа не успева да се наметне како бескомпромисен фактор во ширењето на свеста и знаењата за примена на Законот, ниту, пак, како фактор кој ги дисциплинира имателите во почитувањето на Законот", смета Бабунски.
Нетранспарентноста на институциите го наметнува сомневањето дека информациите се кријат поради страв дека отвореноста може да им ги открие неправилностите во функционирањето, па дури и криминалното работењето.
"Интересно е што истражувањата покажуваат комплетна затвореност кога станува збор за 'жешки' теми, како трошење на јавните, односно на нашите пари. Затвореноста е комплетна кога станува збор за информации во врска со јавните набавки. Ако се' е како што треба, тогаш зошто не се објавуваат податоците и договорите за јавните набавки", се прашува Бабунски.
Од друга страна, мала е и свеста кај граѓаните за правото на пристап до информациите, но и обученоста на државните службеници за примена на Законот. На мрежните страници нема упатства со кои би се објаснил начинот на поднесување барање за одредена информација, ниту, пак, е објаснета постапката како да се достави барање, а повеќето од нив немаат објавено ниту список на достапни информации. Ваквите податоци сосема оправдано го отвораат прашањето дали воопшто се спроведува Законот за пристап до информации? Ако на ова се додаде дека и граѓаните многу малку знаат за ова право, тогаш резултатите за примената на овој Закон може слободно да се каже дека се поразителни.
|