СДСМ обвини за големо расипништво во ЕЛЕМ
СДСМ вчера ја обвини државната компанија ЕЛЕМ за расипничко трошење. Квалификувајќи го како скандалозен документ, опозицијата го презентира финансискиот извештај за работењето на ЕЛЕМ во државна сопственост за првите три месеци од 2009 година, наведувајќи дека се трошеле големи пари на телефони и на партиски вработувања во месеците непосредно пред претседателските и локалните избори. ВМРО-ДПМНЕ реагираше дека опозицијата се обидела неаргументирано да дебатира и да го дискредитира работењето на АД "Електрани на Македонија".
"Во првото тромесечје од 2009 година раководството на ЕЛЕМ на телефони потрошило 180.000 евра или двојно повеќе од планираното. Во први три месеци и тоа во пресрет на локалните и на претседателски избори, раководството на ЕЛЕМ потрошило неверојатни 700.000 евра за партиски вработувања или речиси три пати повеќе од испланираното. За илустрација, за иновации и за технолошко усовршување во првите три месеци од 2008 година, и за истиот период во 2009 година, во ЕЛЕМ испланирале и потрошиле нула денари", истакна потпретседателот на СДСМ, Зоран Заев, и додаде дека ова не се обвинувања извадени од ракавот на опозицијата, туку несоборлив доказ за уште еден скандал на актуелната власт.
Ваквото расипничко трошење на раководството на АД ЕЛЕМ, на чело со Влатко Чингоски, според Заев, било аминувано од претседателот на Надзорниот одбор, Дионис Манов, татко на сопругата на министерот за финансии, Зоран Ставрески.
"Стана јасно зошто и оваа зима нема пари за справување со енергетската сиромаштија. Наместо парите да одат кај социјално загрозените семејства, тие одат во џебовите на партиските војници на ВМРО-ДПМНЕ", обвини потпретседателот на СДСМ.
Од ВМРО-ДПМНЕ демантираат дека се во прашање партиски и нови вработувања, туку привремени вработувања за потребите на новиот рудник."АД 'Електрани на Македонија' отвораат целосно нов рудник 'Брод-Гнеотино' за кој е потребно да се ангажираат дури 500 нови работни места. ЕЛЕМ во континуитет има ангажирано 250 привремено вработени лица, кои активно работат не само на отворањето на рудникот 'Брод-Гнеотино', туку и на сите останати потребни работни места во комбинатот. Овие 250 лица се луѓе кои со години работат во РЕК 'Битола' и се остручени во својата работа, односно не станува збор за нововработени во првите три месеци од оваа година како што тврдат од СДСМ", се вели во писмената реакција од Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ .
Зголемените трошоците на ЕЛЕМ за Интернет, телефонски сметки и слично, во ВМРО-ДПМНЕ ги оправдаа со интензивно тестирање и ставање во функција на контролниот систем на координативниот центар, во кои се дистрибуираат он-лајн податоците за работа и производството на секоја производна единица, односно експозитурите кои ЕЛЕМ како дисперзирана компанија ги има низ цела Македонија.
За проф. Дионис Манов ВМРО-ДПМНЕ вели дека е познат и признат стручњак и научен работник во секторот електроенергетика како во Македонија, така и надвор од неа и тоа ја покажува неговата висока стручност и компетентност за работата за која е избран и именуван од Владата.(Ј.Ј.)
|