Македонски состојби
Семоќната власт и замолчениот народ
Манчо Митевски
Градоначалничката Аларова ги остварува соништата на премиерот Груевски!
Македонија доби втора влада на чие чело е Никола Груевски. Старо-новиот премиер ќе ја остварува старата програма „Преродба во 100 чекори“, дополнета и проширена, речиси со целиот стар тим, но и тој дополнет и проширен со министри од таборот на новиот партнер, до неодамна неприфатливите за ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и Али Ахмети. Бидејќи станува збор за старо-нова влада со старо-нова програма, посебно што новиот парламентарен состав по итна и многу проблематична постапка на предлог од старата техничка влада донесе стотина закони и ребаланс на Буџетот, поради што опозицијата го напушти „храмот на демократијата“, сосема е извесно дека нема да ги добие на располагање вообичаените 100 дена за консолидација.
Имајќи ги предвид овие работи, на формалниот старт на новиот кабинет би сакал да го свртам вниманието на две-три работи кои, ако продолжат како веќе започнат неповолен тренд, многу ќе ги загрозат демократските процеси во земјата, реформите, правната држава, правата и интересите на граѓаните.
Прво, иако владата тврди дека го поттикнува процесот на децентрализација на власта, со префрлањето само трошки од надлежности на единиците на локалната самоуправа, а оставајќи ги за себе надлежностите кои значат моќ и пари, иако законски тие се природно право на општините, Македонија останува во редот на државите во Европа со најцентрализирана власт. Делумно за ваквата состојба вина сносат и самите единици на локална самоуправа кои, поради партиската припадност на градоначалниците и на советите, доброволно отстапуваат од некои свои надлежности, односно работат под диктат на Владата/партискиот лидер. Најеклатантен пример за ваква состојба е Општина Центар, а најдобра илустрација е она што се случува со плоштадот „Македонија“. Според системот „уште лидерот не кивнал, градоначалничката се разболува“, Аларова од градскиот плоштад ќе прави „центар на кич-соништата“. Со мал милион промени во Детаљниот и во Генералниот урбанистички план, со завлегување и во надлежности на Градот Скопје, во радиус од 200 метри, покрај неколкуте објекти што постојат или се во изградба, ќе се градат црква, споменици на неколку дејци, лавови кај Камениот мост, три деветкатници, Музејот на ВМРО, Градската куќа, три скулптури во Вардар, Мост на цвеќето, хотел, фонтаната на Пенов надградена со Александар на Букефал, педесетина уметнички скулптури во просторот...!
Второ, новата пратеничка група на ДУИ, по предлог на старата влада во која немаше министри од оваа партија, туку од ДПА, во интерес на иднината и на новата коалициска влада, го изгласа Деловникот за работа на Собранието со истите решенија против кои пред некој месец поднесе 2.500 амандмани. Кога е во прашање интересот, први страдаат принципите. Но, во ДУИ се' уште има луѓе кои внимаваат на принципите, па во оваа партија се појавиле проблеми! Но, тоа е една од тактиките на Груевски спрема партнерите: скарај, па потоа полесно ќе владееш! Разединета партија и полесно се користи, и полесно се маргинализира! Ова не е добро за меѓуетничките односи и за демократијата.
Трето, во Македонија тајните служби на МВР добија огромен износ пари за модернизација. Модернизацијата на овие служби по дефиниција, покрај другото, значи нивен полесен пристап до интимните сфери на животот на граѓаните со прислушување, надгледување... Власта донесе многу закони во кои се пропишани големи глоби кои се мерат во големи износи евра. Цените речиси на се' што е потребно за живејачка секојдневно растат. Граѓанството осиромашува. Луѓето се' повеќе шепотат или премолчуваат. Власта станува семоќна, граѓаните молчаливи!
Сето ова не е добро за државата, за демократијата, за граѓаните, а не е добро ни за власта, која последна ќе го сфати тоа, но може да биде доцна! |