ЛИЧНОСТ НА ДЕНОТ

Виктор Јушченко
Не би можело да се каже дека Виктор Јушченко, актуелен претседател на Украина, е најдемократското решение за шеф на државата. Пред два дена тој го распушти парламентот и го раскина партнерството со блокот на Јулија Тимошенко поради обидите да му се намалат претседателските ингеренции. Тоа е трето распуштање на парламентот во четири години по победата на Портокаловата револуција во Украина, кога Јушченко со западна поддршка и според веќе видено сценарио од Белград 2000 година дојде на власт.
Луѓето, секако, повеќе го паметат како „затруениот претседател“: тој ја водеше кампањата со видливо нагрдено лице, за што австриски лекари констатираа дека е резултат на труење со диоксин. Трујачот е лоциран во наводни поранешни агенти на КГБ кои на заедничка вечера му подметнале отров на претседателот. Извесен Давид Жванија, поранешен политички сојузник на Јушченко и ексминистер, во јуни годинава за Би-Би-Си изјави дека целата приказна со труењето била измислена, а резултатите биле фалсификувани. Јушченко, татко на пет деца, е во втор брак со Катерина, Украинка родена во Америка која е блиска со американскиот Стејт департмент. Тој е поборник за украинско асоцирање во НАТО, на што жестоко се противи прорускиот дел од јавноста во Украина и официјална Москва. (Д.Ч.) |