ЕДИТОРИЈАЛ
„Денот на дрвото“ - трет дел
Сања Наумовска
За иницијаторите третиот дел од акцијата „Ден на дрвото - засади ја својата иднина“ помина според очекувањата. Според нив, и овој пат излегоа доволен број граѓани да ги засадат предвидените два милиона садници. Иако не масовно како првиот пат, сепак, уште еднаш се покажа дека во Македонија има доволен број љубители на природата, кои секогаш се подготвени во кои било временски услови да излезат и да ја засадат својата иднина.
Акцијата уште еднаш мобилизираше граѓани од сите средини и возрасти и докажа дека навистина се работи за една благородна идеја од која корист ќе имаат сите. Во име на таа идеја, многу е важно да се зачува нејзиниот граѓански карактер, иако веќе трет пат едноподруго се случуваат обиди еден од партнерите во организацијата, Владата, да се обиде да си ја присвои.
На сите ни е јасно дека без поддршка од Владата, која ги обезбедува садниците, акција можеби и ќе немаше. Но, многу е важно да се запомни дека Владата никогаш и немаше да ги обезбеди тие садници и да се стават во акција илјадници граѓани ако го немаше Иницијативниот одбор, невладините организации, општините, училиштата...
Се разбира и медиумите. Кои се согласија целосно бесплатно да објавуваат се' што е врзано со акцијата, вклучувајќи ги и огласите со локациите за садење и местата од каде што граѓаните ќе тргнуваат со организиран превоз. За жал, Владата овој оглас не го објави во сите медиуми, со што им нанесе штета само на акцијата и на граѓаните кои останаа покуси за таа информација.
Обидите за присвојување на граѓанската акција и за игнорирањето на некои медиуми веќе втор пат се објаснува како ненамерна грешка. Но, очигледно штом се повторува,не е грешка.
Иако многупати беше прашана, ниеднаш до��ега Владата не ги објави ниту потрошените пари за садниците. Отчет мора да има ако сакаме целата акција да ја сфатиме сериозно. Сепак, тоа се пари на граѓаните кои, се разбира, се инвестираат во нивната иднина, но за кои,во секој случај,тие имаат право и мора да бидат информирани.
Тоа дека акцијата се движи во добра насока е прифаќањето на фактот дека дрвцата ќе успеат ако во нивното садење поактивно се ангажираат стручните лица од „Македонски шуми“ и Шумарскиот факултет. Годинава дел од садниците во семе ќе ги садат тие, а она што постојано се нагласува е и потребата она што е насадено и да израсне. Затоа, процесот во кој тие садници ќе станат дрвја од кои би имале вистинска корист е долг и бара многу работа.
Вредноста на едно дрво е непроценлива, факт што секоја година повторно го откриваме, особено во времето на летните пожари. Бадијала е секоја акција за засадување и многу години нега на шумите ако во еден миг ги проголта оган. Паралелно со секоја акција за пошумување, до дрвјата мора да се изградат и пристапни патишта, да се инвестира во опрема за гаснење шумски пожари, да се обучи стручен кадар, а за тоа, секако, мора да се потрошат и многу пари.
И можеби е подобро затоа наместо два дена во годината или две акции напролет и наесен, за „Денот на дрвото“ да биде еден избран датум кој ќе биде фиксен и секоја година ќе значи обврска, но и задоволство за граѓаните. Датум кој ќе стане традиција и ќе го помнат граѓаните, а поради препораките на стручњаците, најдобро е да биде наесен.
Можеби Македонија, како иницијатор на оваа акција, треба да избере еден датум и да им го предложи на сите балкански држави што појавија желба да организираат слични акции. „Денот на дрвото“, дефинитивно, мора да биде македонски препознатлив бренд, кој ќе трае подолго од една или две влади. |