Ќе се укине возот Солун -Скопје?
Ако се оствари најавата, македонските граѓани ќе одат во Грција само со автобус
Од нашиот дописник Миркица Поповиќ
Атина - Железничката линија Солун - Скопје е можно да се укине од јануари 2011 година. Имено, грчките железници во средата доцна вечерта соопштија на нивната официјална интернет страница големи промени во организацијата, кои вклучуваат привремено или постојано укинување на домашните и меѓународните линии и значително поскапување на возните билети.
Од Македонски железници вчера ни изјавија дека се' уште немаат добиено официјално соопштение од грчка страна за промени на оваа линија. Меѓутоа, според соопштението на грчките железници ОСЕ од јануари идната година се планира суспендирање на сите меѓународните линии, односно линиите од Солун кон Скопје, Белград, Софија, Букурешт и Истанбул, како и укинување на 9 домашни линии со кои отсечени од воз ќе бидат Александруполи, Триполи, Лерин, Каламата, Патра, Лариса и уште ред други. За некои линии се планира наместо возови да сообраќаат автобуси на „ОСЕ“. Во соопштението кое го пренесоа сите грчки медиуми и кое предизвика голем шок кај јавноста, се вели дека суспендирањето на сите најавени линии ќе биде привремено, со тоа што откако компанијата ќе ја разгледа нивната исплатливост ќе биде одлучено дали ќе бидат вратени или пак ќе останат укинати за подолг период.
Доколку навистина дојде до укинување на оваа меѓународна линија ќе имаме дополнително отежнување во транспортното поврзувањето со Грција. Имено, возот Скопје - Солун - Скопје сообраќа два пати во денот, наутро и попладне и мини-автобусите на неколку домашни транспортни и туристички компании се единствената транспортна врска меѓу Македонија и Грција. Директни летови кон Атина нема веќе со години, а доколку се укине и железничката линија граѓаните кои немаат или не сакаат да патуваат со сопствен автомобил ќе имаат само една опција за патување кон Солун.
Повратниот билет за железничката линија Скопје-Солун- Скопје изнесува 1.500 денари, додека за студентите и младите до 26 години има попуст и картата изнесува 1.200 денари. Патувањето трае нешто помалку од 5 часа, ако не се земат предвид можните доцнења на возот поради проблеми и застој од српска страна, бидејќи возот за Солун поаѓа од Белград. Цените за алтернативниот превоз Скопје - Солун - Скопје со автобус изнесуваат исто така 1.500 денари. Доколку дојде до укинување на оваа линија, покрај оние граѓани кои патуваат за Грција, во незавидна состојба ќе бидат ставени голем број граѓани кои ја преферираа оваа побрза варијанта да стигнат до Велес, Неготино, Демир Капија и Гевгелија за разлика од обичните возови со кои патувањето трае многу подолго.
Се чини, протестното лого на вработените во железницата „Можете да го замислите животот без воз? Нашата влада може!“ за жал, можно е да стане реалност ако, покрај укинувањето на железничките линии во северна Грција и Пелопонез, се земат предвид и најавените поскапувања на возните билети кои ги оставија грчките граѓани без коментар. Имено досегашниот билет од Атина до Солун за интерсити возот во еден правец, кој чини 36 евра, се предвидува да биде поскапен и од јануари 2011 да изнесува 55 евра.Покрај поскапувањето на интерсити возовите, со кои патувањето од Атина до Солун трае пет часа, останува да се види што ќе се случува со побавниот воз кој на истата оваа линија вози околу 7 часа, а билетот за него во една насока изнесува 28 евра. Непознато е дали ќе има промени на цените за најбрзиот воз интерсити експрес, кој сообраќа на линијата Атина - Солун - Атина, за кој повратен билет чини нешто повеќе од 90 евра.
Причината за промените како што стоеше во соопштението се новиот закон на владата за реорганизација и реструктуирање на железницата, со кој меѓу другото се предвидува и преполовување на персоналот. Соопштението со кое се најавуваат сите овие промени мистериозно исчезна од интернет страната на ОСЕ откако го објавија сите медиуми. Весниците шпекулираат дека до повлекувањето може да дошло поради интервенција на министерството за транспорт и врски.
Грчките железници според официјалните соопштенија на ОСЕ од 2007 бележат загуби од околу 230 милиони евра, поради што во 2009 долгот на компанијата беше над 700 милиони евра.
„Овој дефицит и загуби на администрацијата очигледно од првиот ден на 2011 ќе треба да ги плати обичниот грчки граѓанин, кој како и вообичаено, е единствениот што треба да биде натоварен со трошоци за јавниот долг на некоја државна компанија“, се забележува во коментарите на грчкиот печат. |