Неопходна е ревизија на позитивната листа
На хронично болните да им се врати правото да користат лекови од позитивната листа, бара Коалицијата на здруженија на граѓани, која сугерира и итна ревизија на позитивната листа, бидејќи цели две години не е обновена со поквалитетни и со посовремени лекови. Овие барања Коалицијата ќе ги достави до Министерството за здравство и до Фондот за здравствено осигурување, по повод вчерашниот Европски ден на правата на пациентите.
„Речиси две години не е направена ревизија на позитивната листа на лекови, иако тоа треба да се прави секои шест месеци. На пациентите треба да им се овозможи постојано и лесно да ги наоѓаат лековите на рецепт во аптеките. ФЗОМ треба да го исполни ветувањето за формирање собрание на осигуреници, со што ќе биде овозможено активно вклучување на осигурениците во одлучувањето за прашања од нивен интерес“, изјави д-р Весна Велиќ-Стојановска.
Министерот за здравство, Бујар Османи, вчера се сретна со стручниот колегиум и со советникот за заштита на правата на пациентите.
Според министерот, повеќето од болниците, независно дали се државни или приватни, ја почитуваат обврската да ги информираат пациентите за нивните права. Досега биле поднесени околу 70 претставки за прекршени права на пациентите и сите биле решени во нивна полза. (П.Р.)
|