Владата не ги разоткрива плановите за МРТ
По донесувањето на измените во Законот за радиодифузија со кои се отвора можноста за ставање под стечај и ликвидација на МРТ, Владата се' уште не ги открива официјалните планови за јавниот радиодифузен сервис. Премиерот Никола Груевски засега не може да потврди дали Македонската радио-телевизија ќе оди под стечај и како Владата ќе се справува со долговите што ги има претпријатието. Груевски ја префрла топката кај Министерството за транспорт и врски, не откривајќи ги плановите на Владата.
„Не можам ниту да потврдам ниту да одречам. Има луѓе што се грижат за тоа, има министер за транспорт и врски. Кога ќе се одбере некој модел, доколку се одбере, ќе бидете навремено информирани“, изјави Груевски. Тој потенцира дека во ниту еден случај земјава нема да остане без јавно радиодифузно претпријатие.
„Доколку биде отворен стечајот, ќе кажеме како ќе се одвива сето тоа. Според законите и директивите на ЕУ, една земја не може да остане без радиодифузен сервис, па согласно со тоа ќе се погрижиме во каква било ситуација да има јавен радиодифузен сервис“, објаснува Груевски.
Инаку, пред донесувањето на измените во Законот, повеќе од 300 вработени од МРТ ги напуштија работните места во согласност со систематизацијата што ја имплементираше менаџментот. (А.П.)
|