ДУИ гласа против ВМРО-ДПМНЕ
Пратениците од ДУИ завчера влегоа во салата за да минираат носење закон со Бадентер
Оливера Војновска
Седиштата од десната страна на пленарната собраниска сала, резервирани за Демократската унија за интеграции, и вчера останаа празни. Тоа што десетина пратеници од ДУИ завчера во доцните попладневни часови влегоа на седницата, не го означи крајот на нивниот бојкот на парламентот.
Интегративците се појавија во салата за да го минираат носењето на еден од законите, за кој беше неопходно Бадентерово мнозинство. Носењето закони без присуство на ниту еден Албанец (како што работеше Собранието изминативе денови) го оквалификуваа како врв на дрскоста на овој парламент. Пораката дека ароганцијата потхранета од апсолутното мнозинство не може да оди до бескрај, беше упатена до коалицискиот партнер - ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер, премиерот Никола Груевски.
Имено, ДУИ не го поддржа законот за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион, иако за нив не е спорна содржината на текстот на законот. За законот позитивно се изјаснија 62 пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и од опозицијата, а ДУИ воопшто не гласаше. При таканареченото гласање според Бадентер (кога се изјаснуваат само немнозинските заедници), од вкупно 18 пратеници, колку што имаше во салата, 12 на ДУИ беа „против“, а „за“ беа само шестмина пратеници од други пратенички групи. Така што, законот не беше усвоен.
Веднаш потоа, за време на второто читање на измените на Законот за академија за судии и јавни обвинители, пратеникот Аднан Јашари од ДУИ почувствува потреба да укаже, како што нагласи, на некои исклучително значајни работи. Па, обраќајќи му се директно на спикерот Трајко Велјаноски, рече:
„Следејќи ја работата на Собранието овие денови, се чини дека вие како претседател заборавате дека Македонија и нејзините органи треба да функционираат, почитувајќи ја волјата на сите граѓани. Односно, тоа што ние го нарекуваме начело на консензуалност и што е инкорпорирано во Уставот. За жал, се случува најлошата варијанта. Ова Собрание и овој парламентарен состав без присуство на ниту еден Албанец донесуваат закони кои треба да се спроведуваат и од албанското население. Мислам дека оваа практика на наметнување на политичка волја заснована на политичката моќ на македонската пратија на власт, не е во ред, не е праведна и, над се', не би рекол дека е легитимна“.
Потоа тој соопшти дека нема да ги поддржат законските измени, бидејќи не биле прифатени нивните забелешки дадени во првото читање. Сепак, до гласањето не дојде, бидејќи за измените на Законот за академија на судии и обвинители ќе има и трето читање. Имено, според Деловникот, ако во второто читање се усвоени амандмани на повеќе од една третина од членовите на дополнетиот предлог на закон, за законскиот текст има и трето читање.
По оваа собраниска епизода, координаторите на ДУИ и на ВМРО-ДПМНЕ, Тахир Хани и Силвана Бонева, вчера се обидуваа да ги испеглаат разликите околу измените на Законот за денационализација, поради кои ДУИ во понеделникот ја напушти собраниската седница. Хани и Бонева ги предводат работните групи зајакнати и со министри во Владата, кои работат на тоа да се надминат несогласувањата околу законот. Главниот проблем е враќањето на имотот на Исламската верска зедница.
ДУИ, поточно целиот албански политички блок, се сомнева дека со новото законско решение за денационализација државата ќе и' одземе имот на ИВЗ во Старата скопска чаршија. Спорни се одредбите во законот со кои се предвидува на сите баратели по 2003 година наместо да им се вратат имотите, да бидат парично обесштетени. |