Мислења
Моралната криза во Америка
Џефри Сакс
Економскиот раст повеќе не е гаранција за благосостојба или за политичка стабилност, а американското општество е се' побезмилосно
Политичката и економската криза во Америка ќе се влоши по претстојните ноемвриски избори. Претседателот Барак Обама ќе ја изгуби секоја надеж за изгласување прогресивна легислатива, која ќе има цел да им помогне на сиромашните или на животната средина. Всушност, сите големи легислативи и реформи, најверојатно, ќе бидат попречени до 2013 година, со оглед на тоа дека следуваат претседателските избори. Лошата ситуација одбележана од ќор-сокакот и од зајадливоста, најверојатно, ќе се влоши, а светот не треба да очекува големо лидерство од жестоко поделените САД.
Поголем дел од Америка е во ужасно расположение и реториката на сочувство е повеќе или помалку напуштена. И двете политички партии им служат на своите богати донатори во кампањите, иако тврдат дека ја штитат средната класа. Ниту една партија не ги спомна сиромашните, кои сега и официјално сочинуваат 15 проценти од населението, но се многу побројни, кога ќе ги преброиме сите домаќинства кои мака мачат со здравствената заштита, домувањето, рабо��ните места и со другите потреби. Републиканската партија неодамна излезе со „Ветување за Америка“, за да ги објасни верувањата дадени во кампањата. Документот е полн со бесмислици, како глупавото тврдење дека високите даноци и многуте регулативи ја објаснуваат високата стапка на невработеност во Америка. Тој, исто така, е полн со пропаганда. Цитатот од претседателот Џон Ф. Кенеди вели дека високите даноци може да ја задушат економијата, но, Кенеди ова го зборуваше пред половина век, кога главните маргинални даночни стапки беа два пати поголеми од денешните. Најмногу од се' републиканската платформа е лишена од сочувство.
Америка денес претставува парадокс на богата земја што се распаѓа поради колапсот на нејзините суштински вредности. Американската продуктивност е меѓу најголемите во светот. Просечниот национален приход на глава на жител е околу 46.000 долари, што е доволно не само да се живее туку и да се просперира. Сепак, земјата е во агонија од ужасната морална криза. Нееднаквоста во приходот достигна историски размери, меѓутоа богатите тврдат дека немаат одговорност кон остатокот од општеството. Тие одбиваат да им даваат помош на сиромашните и секогаш ги бранат даночните намалувања. Речиси сите се жалат, речиси сите агресивно ги бранат сопствените тесни и краткорочни интереси и речиси сите ја напуштаат секоја претензија за гледање напред и одговарање на потребите на другите.
Она што помина за американската политичка дебата е натпревар меѓу партиите да и' дадат поголеми ветувања на средната класа, главно, во форма на даночни намалувања што го разбиваат буџетот во време кога фискалниот дефицит е веќе поголем од 10 проценти од БДП. Американците изгледа веруваат дека имаат природно право на владини услуги без да плаќаат даноци. Во американскиот политички лексикон даноците се дефинираат како негирање на слободата. Имаше период, не така одамна, кога Американците зборуваа за ставање крај на сиромаштијата дома и во странство. Војната против сиромаштијата на Линдон Џонсон во средината на шеесеттите години рефлектираше ера на национален оптимизам и верување дека општеството со колективни напори треба да ги реши заедничките проблеми - сиромаштијата, загадувањето и здравствената заштита. Америка во шеесеттите години презентираше програми за обновување на сиромашните заедници, за борба против загадувањето на воздухот и водата и обезбедување здравствена заштита за постари лица. Тогаш длабоките поделби околу Виетнам и граѓанските права, комбинирани со излив на консумеризам и пропаганда и ставија крај на ерата на заедничка жртва за заедничко добро.
Цели 40 години сочувството во политиката опаѓаше. Роналд Реган стана популарен со кратењето на социјалните бенефити за сиромашните (тврдејќи дека сиромашните мамат за да обезбедат дополнителни исплати). Бил Клинтон ги продолжи тие намалувања. Денес ниту еден политичар не се осмелува да спомне помош за сиромашните луѓе. Големите донатори во кампањите и на двете партии даваат пари за да се осигурат дека нивните лични интереси ќе доминираат во политичките дебати. Тоа значи дека и двете партии се' повеќе ги бранат интересите на богатите, иако републиканците тоа го прават малку повеќе од демократите. Дури и скромното зголемување на даноците за богатите е малку веројатно дека ќе наиде на поддршка во американската политика. Резултатот на сево ова, најверојатно, ќе биде долгорочен пад на моќта и напредокот на САД, бидејќи Американците повеќе колективно не инвестираат во својата заедничка иднина. Америка уште долго ќе остане богато општество, меѓутоа такво кое ќе биде се' поподелено и понестабилно. Стравот и пропагандата може да доведат до повеќе меѓународни војни предводени од САД.
Голема е веројатноста она што се случува во Америка да биде повторено на други места. Америка е ранлива на социјално распаѓање поради тоа што е многу поделено општество. Расизмот и антиимигрантското чувство се важен дел од нападот врз сиромашните, односно во најмала рака причина зошто толку многу луѓе се подготвени да ја поддржат пропагандата против помагањето на сиромашните. Додека другите општества се борат со сопствената се' поголема различност, би можеле да ги следат САД во кризата. Швеѓаните неодамна и' дадоа доволно гласови на десноориентираната, антиимигрантска партија, која обезбеди место во парламентот, рефлектирајќи ја се' поголемата силна реакција против растечкиот број имигранти во шведското општество. Во Франција, владата на Никола Саркози се обиде да ��а врати популарноста кај работничката класа со депортирање на ромските имигранти, цел на распространета омраза и етнички напади. И двата примера покажуваат дека Европа, како и САД, е ранлива на политиката на поделбите, бидејќи нашите општества стануваат етнички се поразновидни.
Лекцијата од Америка е дека економскиот раст повеќе не е гаранција за благосостојба или политичка стабилност. Американското општество е се' побезмилосно. Богатите Американци го купуваат патот до политичката моќ, а сиромашните се оставаат на нивната судбина. Во приватните животи Американците станаа зависни од консумеризмот, кој го троши нивното време, заштеди, внимание и наклонетоста за ангажирање во дела за колективно сочувство. Светот треба да внимава. Доколку не ги урнеме ужасните трендови на големи пари во политиката и незапирлив консумеризам, ризикуваме да добиеме економска продуктивност по цена на нашата хуманост.
(Авторот е професор по економија и директор на институтот „Земја“ во Универзитетот „Колумбија“, специјален советник на генералниот секретар на ОН за милениумските развојни цели и пишува за „Проект синдикејт“. „Утрински весник“ е дел од мрежата на „Проект синдикејт“.) |