Број 3627  понеделник, 11 јули 2011
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Онлајн вести

Насловна








Site Meter
На прво место

Седете дома да не изгорите надвор

Од Службата за итна медицинска помош во Скопје велат дека срцевите и мозочните удари се во пораст деновиве

Јасмина Јовановска


Тропски горештини што ја зафатија деновиве нашата земја ги коси хронично болните, но тешко ги поднесуваат и здравите луѓе. „Наглата промена на климата, зголемувањето на дневните температури, како и големите температурни разлики и разлика во притисокот меѓу денот и ноќта, тешко ги поднесуваат здравите лица, а не, пак, болните“, предупредуваат лекарите. Многу е штетно и зрачењето од сонцето, кое го надмина 9 УВ-индексот

Од Службата за итна медицинска помош велат дека деновиве срцевите и мозочните удари се во пораст, а многубројни се повиците и од астматичарите и пациентите со срцеви заболувања, кај кои доаѓа до нагло влошување на нивното здравје. Пријавените случаи најчесто се жалат на тешко дишење, зголемен крвен притисок, болки во градите, вртоглавици.

„Бројот на срцеви инфаркти и мозочни удари секојдневно расте и дневно се забележуваат 20-30 отсто повеќе случаи со вакви критични здравствени проблеми отколку претходните денови. Дневната фреквенција е околу 100 повици, што е нормално кога има климатски промени, кои секако негативно се одразуваат на хронично болните“, објаснува Лепосава Бошковска, дежурна лекарка во Службата за итна медицинска помош во Скопје.

Во последните 24 часа, од оваа служба велат дека немаат регистрирано случај на колабирање или сончаница, како последица на топлото време, иако зрачењето од сонцето е многу штетно и УВ индексот е над 9. Д-р Бошковска смета дека граѓаните веќе се научија како да се штитат од високите температури и ги почитуваат лекарските препораки. Поволно е и тоа што е викенд време, па голем број граѓани имаат заминато надвор од Скопје, а оние што се останати, седат во домовите или на ладни места и многу не се движат, зашто повеќето се без работни обврски. Останува и натаму препораката на отворено да не се излегува од 10 до 18 часот.

Но, доколку, сепак, некој мора да излегува, д-р Бошковска советува да не излегува без капа или шешир, очила за сонце и шише вода. „При секое излегување од дома, да се понесе шише вода, зашто спасот е во разладувањето и да не се дозволи организмот да дехидрира. Секако, мора да се понесат шешири и капи, како и очила за сонце. Да се внесуваат повеќе течности и полесна храна, пред се', овошје и зеленчук и да се избегнуваат алкохолни и газирани пијалаци. Хронично болните, пак, навреме да ја пијат препишаната терапија. Доколку не им помага тоа, веднаш да побараат помош во најблиската здравствена установа или, пак, во итната помош“, порачува д-р Бошковска.

И од Министерството за здравство укажуваат да се почитуваат општите мерки за заштита од високи температури. Работодавците, пак, се потсетуваат дека одредени производни и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик за здравјето на изложените работници. Затоа Министерството за здравство им се укажуваа на газдите на обврската за почитување на законските прописи за заштита на работниците од топлото време.

Лекарите предупредуваат дека високите температури ја зголемуваат и опасноста од стомачни инфекции и труења со храна. Затоа, сугерираат на добро миење на овошјето и зеленчукот, почесто миење раце и одржување повисока лична хигиена, како и да се внимава и од каде се консумира храна.

„Подготвената храна побрзо да се консумира. Во спротивно, да се стави во фрижидер и ако повторно се консумира, да се загрее на 100 степени“, препорачуваат од Министерството за здравство. (Ј.Ј.)


#
Статијата е прочитана 2364 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
На прво место
Тиквешко Езеро спас од пеколните горештини
Посебна телефонска линија за пасоши за иселениците

"""