ДИК заминува, отчет и казни за изборите нема
Не се знае колку чинеа вонредните парламентарни избори
Катица Чангова
Државната изборна комисија со која раководеше Јован Јосифовски и која практично е на заминување направи три големи пропусти во работењето. Вонредните избори завршија пред цели шест месеци, но ДИК не подготви финансиски отчет, ги амнестира партиите од казни за скапите кампањи и не направи ништо за зајакнување на дисциплината на дел од изборната администрација.
Изборниот законик не ја обврзува ДИК на рокови за изборен извештај, но половина година за преглед од неколку странички, кои и да се причините, е премногу време. Со оглед на тоа што отчетот не е готов, не е објавен на Интернет-страницата на ДИК www.dik.mk и не е проследен до парламентот, моментно може само да се погодува колку буџетски пари се потрошени за јунските избори.
Од издвоените 250 милиони денари во ребалансираниот буџет, според приближни процени, изборите ја олесниле народната каса за 200 милиони денари или за околу 3,3 милиони евра. Редовните избори за пратеници две години претходно чинеа 1,9 милиони евра. Во буџетот 2009 за мартовските локални и претседателски избори се издвоени 400 милиони денари или речиси 6,6 милиони евра.
Во ДИК признаваат дека извештајот не е готов, но велат дека доцнењето било оправдано. Оттаму се децидни дека извештајот со финансиски преглед ќе го предаде стариот состав, пред да се конституира новата ДИК.
„Финансискиот извештај е во предлог-фаза, но ќе се достави до Собранието од стариот состав на ДИК. Има две причини за доцнењето. Првата што општинските изборни комисии имаа нерегуларно подготвени извештаи и втората, новото упатство за исплата на пари од Министерството за финансии со кое на претседателот, заменикот и на членовите на ОИК требаше да се пренесат пари поединечно, на трансакциска сметка“, изјави портпаролот на Државната изборна комисија, Зоран Таневски.
ДИК во два изборни циклуса, во 2006 и сега во 2008, не собра сили да го казни луксузирањето на големите политички партии, иако имаше несоборливи докази дека во кампањата потрошиле повеќе пари од законскиот лимит.
Пред две години, кога се одржаа редовни парламентарни избори, извештаите на државата ревизија беа дополнителни аргументи за ДИК да ги санкционира политичките субјекти. Но, оваа Комисија остана глува и нема за изборните трошаџии. Тоа беше голем поттик партиите да продолжат со исто темпо во кампањите од 2008.
Невладините организации реагираат на молчењето на ДИК кога станува збор за партиите и за кампањите. Доаѓаат претседател��ки и локални избори, а јавноста се' уште не знае колку точно пари потрошија политичарите за избори и колку претераа со трошењето. Навистина тие доставија податоци за кампањите до ДИК, но тоа не е ни близу до вистинските трошоци. И наместо ДИК да ги санкционира партиите што ги пробија законските граници, стана нивни соучесник, оценуваат невладините.
„Во ниту еден закон не стои дека финансирањето на политичките кампањи претставува тајна. Граѓаните имаат право на целосен увид, на секој потрошен денар. Но, кога се во прашање финансиските извештаи на политичките партии, јавноста останува во целосен мрак. Ако се објават реалните цифри, тогаш ќе излезе на виделина дискрапанца меѓу скапите кампањи и длабоката сиромаштија на граѓаните. Но, ДИК не ги санкционира партиите“, коментира Сузана Салиу, потпретседател на „Транспарентност - нулта корупција“.
Од запоставување на обврските од ДИК воопшто не е изненадена ниту „Транспарентност - Македонија“. Исто се однесува и Антикорупциската комисија, велат во „Транспарентност“, и нагласуваат дека институциите свесно го намалуваат угледот на Македонија.
Катастрофалните избори од 1 јуни годинава, со жртва, повредени, многу инциденти и нерегуларности, а за кои добивме единица по демократија од меѓународните институции, ја поттикнаа ДИК во прв бран да смени шестмина претседатели на ОИК. За жал, ова највисоко изборно тело застана тука и не продолжи со дисциплинирање на оној дел од администрацијата што си дозволи да биде соучесник во нерегуларностите.
„ДИК ќе бара одговорност од членови на ОИК, но ќе се расчисти и со вината кај претседатели и членови на избирачките одбори“, изјави по првиот круг од вонредните избори претседателот на ДИК во заминување, Јован Јосифовски.
Експертите кажаа дека не е доволно да се разрешат само претседатели на ОИК, бидејќи ДИК ќе застане во одбрана на партизацијата на државната и јавната администрација.
„Престапите нема да се повторат ако за изборни нерегуларности се загуби работа. Одлуките на ДИК ќе помогнат во процесот на враќање на довербата на граѓаните во државните органи. Тоа ќе биде добар сигнал за успешно продолжување на европската приказна“, изјави професорката на Правниот факултет Ана Павловска-Данева. |