„Охридска свадба“ - втор дел
Слично како и во описите на Долард од пред 80 години, викендов во Охрид засвиреа зурли ем тапани
Веле Митаноски
Охрид - Тоа што животот го пишува не можат ниту најдобрите романсиери. Викендов на Охрид му се случуваше „Свадбата на седумте Цигани“, односно охридска свадба - втор дел. Асоцијациите се кон книгата со овој наслов на многу плодниот холандски автор, вљубеник во патувањата, во Македонија и во Охрид, градот за кој ќе напише: „Овде е родена ренесансата“. Познат е како А. ден Долард, што е негов псевдоним, додека неговото вистинско име е Корнелис Спулстра (1901-1994).
Долард ги прослави Охрид и Македонија со романот „Свадбата на седумте Цигани“, веќе прев��ден и објавен и на македонски јазик (2006) со наслов „Свадбата во Охрид“. Се мисли дека описите на Долард за егзотичните места во Охрид и Македонија одиграле пресудно влијание за поклонението на холандските туристи на овие простори.
Нешто слично, како и во описите на Долард од пред 80 години, викендов во Охрид засвиреа зурли ем тапани, младоженецот Раен Деонарајн на кочија (чеза) од хотелот каде што е сместен на езерскиот кеј тргна по својата невеста од Охрид, на улица „Крали Марко“, Ромката Ирена Сеиран, потоа ја прошета со кајакот на капетан Драган за, на крајот, младоженците и сватовите да го продолжат славењето во охридскиот ресторан „Џелал“, во населбата Воска, каде што живеат охридските Роми, односно Египќани. Поттикнат од Охрид и од убавините на Охридското Езеро, Долард го напишал романот „Свадбата на седумте Цигани“ („Де бруилофт дер зевен Зигеунерс“), во кој главното дејство се одвива во градот и покрај езерото. Прв пат бил објавен во 1939 година, доживеал дури 12 нови изданија, додека Долард ја пишувал книгата шест години, на релација Белград – Скопје - Охрид. Ја започнал 1933 година во Скопје, а ја довршил и објавил во својата земја, непосредно пред Втората светска војна.
Во книгата на Долард, младоженецот, фотографот Бранко, Србин се жени со убавата охриѓанка Душка, додека во новата охридска љубовна романса младоженецот се вика Раен Деонарајн, Индиец по корен од Суринам, на бизнис во Холандија. Ете уште една врска, со книгата и ситуациите на Долард. Таткото на Реан, Валди, дошол во Холандија, во Хаг, во 1973 година. Од Индија, од Калкута, во Суринам се иселил неговиот татко, дедото на младоженецот. Суринам, поранешна холандска колонија, е земја голема по површина, но мала со жители. Одвај половина милион, главно, доселеници. Валди знае дека во Калкута живееле мисионерката Мајка Тереза, но не знае дека е од Скопје, од Македонија по потекло. И тој е пресреќен од изборот на синот, покрај Реан има уште два сина. За Македонија веќе слушнал, ја запознал преку спортот, знае за македонскиот репрезентативец и интернационалец Горан Панчев.
„Тоа беше љубов на прв поглед“, вели младоженецот. „Ја сретнав Ирена во Хаг, каде што водам бизнис за чистење станови и други објекти. Кога ја видов прв пат, помислив дека е Турчинка. Не знаев дека е Египќанка, како што се декларира Ирена. По втор пат сум во Охрид, сега за прекрасната свадба што ја имавме во ресторанот ’Џелал‘, со 150 гости, од Македонија и од Холандија. Дојдовме со 25 сватови“, додава Раен.
Раен е презадоволен од Охрид и од Македонија. Посебно од семејството на невестата. Охрид како историски град го воодушевува, затоа што ја сака историјата. Посебен впечаток му оставаат рестораните, кои се чисти, љубезната послуга, прекрасните јадења. Не сака да издвои нешто што не му се бендисува, освен економијата. Татко му, свекорот, веќе им ветил на младите дека ќе им купи куќа во Охрид, а во Хаг веќе имаат свој стан, во кој ќе живеат одвоено од родителите. Невестата, нормално, е пресреќна. Во Холандија била на одмор, останала девет месеци, таму ја нашла среќата.
„Пресреќна сум јас, пресреќни ми се родителите. Имам мајка, која работи девет години како домаќинка во Аргировски, татко кој не е вработен, повремено го ангажираат на физички работи. Имам уште две сестри и најмалото братче. Сите се среќни и задоволни од мојот избор. Ќе останеме тука до 6 септември, а потоа ’доме мој’ во Холандија“, вели Ирена. |