Православните христијани ја прославија Голема Богородица
Православните христијани вчера го одбележаа еден од најзначајните верски празници Успение на пресвета Богородица - Голема Богородица.
Одбележувањето на празникот почна синоќа со вечерни богослужби и света божествена литургија во сите храмови на Македонската православна црква (МПЦ), а продолжува денеска со посета на верниците на црквите и манастирите што го носат нејзиното име.
Богородица се смета за заштитник на сите христијани и на градот Скопје. Традиционално, масовен црковно-народен собир се одржува во манастирот во Долна Матка, a со божествената литургија, како што е најавено, ќе чиноначалствува архиепископот на Македонската православна црква - Охридска архиепископија г.г. Стефан. Напладне во дворот на манастирот концерт ќе одржи познатата македонска група „Љубојна“, а ќе настапат и изведувачи на македонска изворна музика.
Успение на пресвета Богородица се слави на петнаесеттиот ден од август (28 според новиот календар). Нему му претходи двонеделен Богородичен или Преображенски пост. Овој празник го слави успението, воскресението и прославувањето на пресвета Богородица и нејзиното преселување во Царството Божјо во полнотата на нејзиното духовно и телесно постоење. (МИА)
Честитки од државниот врв за Голема Богородица
Претседателот Ѓорге Иванов, по повод големиот христијански празник Успение на пресвета Богородица, упати честитка до поглаварот на Македонската православна црква, г.г. Стефан, до Светиот синод и до сите православни верници што го празнуваат овој голем ден.
„На овој голем христијански ден што го слави успението, воскресението и прославувањето на пресвета Богородица, уште еднаш ги потврдуваме во себе начелата што го водат нашиот живот - чистината на духот, скромноста, човечноста, подготвеноста да споделиме и радост и тага со нашите ближни и да му помогнеме на оној на кого му е потребно тоа“, се вели, меѓу другото, во честитката од претседателот.
Претседателот на Владата, Никола Груевски, упати честитка до поглаварот на МПЦ, г.г. Стефан, по повод големиот христијански празник - Успение на пресвета Богородица.
„Пресвета Богородица, да си споменеме за нејзината добрина, кроткост и трпеливост, да си споменеме за нејзината љубов и мајчинска грижа и да ги умножиме овие вредности во нашите семејства, со нашите најблиски, со нашите пријатели и сограѓани, како една голема водилка на традиционалните вредности на македонското општество“, се вели во честитката од премиерот Груевски. |