Што се случува во ЈСП?
Ацо Младеновски, претседател на НСВ-ЈСП
Сакајќи да ја запознае пошироката јавност, Независниот синдикат на возачи при ЈСП (НСВ-ЈСП) најнапред сака да ги изрази огромната разочараност и огорченост од состојбите во ЈСП и околу него.
Моментно најмалку што можеме е јавно да го кренеме гласот за да укажеме дека поради неодговорниот однос раководството на ЈСП не заслужува, како што беше досега, штитење од јавна критика.
Капката што ја прелеа чашата е извештајот на ревизорската комисија за недомаќинско потрошени 335.000 евра. Ништо повеќе од чисто лицемерство во време кога ни е намалена платата под изговор дека враќаме долгови, плаќаме нафта, светска рецесија, па дури и дека сме имале големи плати. Уште поголемо лицемерство е кога истото раководство убедува дека ЈСП нема пари за да си го расчистува и внатрешниот долг.
Моментно ЈСП треба да им врати или да им плати над 8.000 дена само за возачите (што е во директна врска со хроничен недостаток од возачи, за зголемен обем на работа), но, за жал, се примаат и непродуктивни кадри, со години не се плаќаат три проценти сменска работа на возен персонал што работи во двосменски служби, прекувремената работа не сакаат ни да помислат да се плаќа, велат дека така ќе сме ја затвореле фирмата. На ваквите несмасни и несоодветни изговори само по себе се наметнуваат и логични прашања:
- Како досега ЈСП не го затворија сите оние што склучуваа штетни кредитни договори што се' уште не можеме да ги исплатиме?
- Како досега ЈСП не го затворија оние што дозволија губење на однапред изгубен судски спор поради непочитување договор, поради кој се плаќаат 30 милиони денари (18 милиони главнина и 12 милиони камата)?
- Како досега ЈСП не го затворија оние што дозволија склучување штетен договор со „Макпетрол“ за набавка на гориво?...
Но, изгледа како на ЈСП да не му е судено да има одговорно раководство што ќе води повеќе сметка за своите постапки. Освен сегашното раководство, така и претходните, основната причина за неостварување на обврските, според ЗРО и Колективниот договор, ја барале во немањето пари.
Сите оние што се амнестирани и заштитени од нивните грешки, а кои сите ние вработените во ЈСП мораме скапо да ги плаќаме со својот труд и мака. А за да биде маката поголема, свој придонес и удел во лошата состојба на ЈСП има и нашиот основач, Градот Скопје.
Се' уште сегашното, исто како и претходните раководства на градот, не најдоа начин, средства и волја да го застанат ЈСП на здрави нозе. Се' уште на ЈСП му се даваат инфузии (слаби субвенции) колку да се преживее од плата до плата. Во ситуацијата кога ЈСП одамна е со скршен ’рбет, прво поради дотраените автобуси, а уште повеќе и поради нелојалната конкуренција, градот му генерира, а не му ги решава проблемите на ЈСП. Од една страна, се' уште по 20 години Градот Скопје толерира сива економија во јавниот превоз, без да создаде услови и најде начин како во цел свет да си ја збогати градската каса и од нив. Од друга страна, ЈСП е принуден како јавен сервис да вози по социјални цени оптоварени со високи бенефиции (пензионери, ученици итн.), но трошоците од работењето да се остваруваат по пазарни цени поради што повеќе од нормално е дека ЈСП ќе има големи загуби.
Доколку и натаму се остави ваквиот третман кон ЈСП и да функционира хаосот во јавниот превоз, како и неспроведувањето на еднотарифниот систем со плаќање по километар, ниту доаѓањето на новите автобуси нема многу да ја подобри состојбата.
Револтот кај вработените моментно кулминира, па затоа упатуваме јавен апел, да се сфати многу сериозно состојбата на ЈСП, со предупредување дека релевантните фактори ќе сносат целосна одговорност од причините и последиците што ги наметнаа и предизвикаа самите. Многу лесно може да се случи револтот да излезе на улица.
|