Фељтон
Македонците крем на бугарското општество (11)
Татарчев голем заштитник на бугарштината
Виктор Цветаноски
Додека беше главен обвинител, Иван Татарчев организираше хајки против Македонците на годишнините од смртта на Јане Сандански
Иван Татарчев, внук на Христо Татарчев, еден од основачите и прв претседател на ВМРО, седум години, од 1992 до 1999 година, беше главен обвинител на Бугарија, трета функција во државата. Како што често знаеја да речат бугарските новинари тогаш, над него бил само господ. Додека ја вршеше многу важната функција, не се прослави многу, го следеа разни афери, а во медиумите не беше омилена личност.
Периодот кога тој беше совеста на бугарската држава најмногу ќе го паметат Македонците, против кои организираше хајки, особено во деновите на одбележувањето на годишнината од смртта на Јане Сандански. По негова наредба патиштата ги блокираа полициски кордони и ниту еден Македонец не можеше да се искачи на Роженскиот манастир за да положи цвеќе на гробот на македонскиот револуционер. Сите што ќе се обидеа да се качат беа тепани и враќани назад.
Омразата што ја манифестира спрема Македонците, а посебно спрема членовите на ОМО „Илинден“, е огромна. Тој не испушта ниту една прилика да го извалка нивното национално и човечко достоинство, нарекувајќи ги пијаничишта, пропаднати луѓе и предавници на бугарскиот род.
И тогаш, кога му заврши функцијата, не престана да ги напаѓа. По една прослава на Македонците на Рожен, го повика Обвинителството да поведе истрага против нив, зашто наводно на гробот на Јане викале „Умрете, Бугари“. „Требало да ги задржат, јас би им наредил дури да ги натепаат“, се закануваше Татарчев, додавајќи дека во негово време било поинаку и дека преземал лична одговорност за да се пресмета со „лумпените и предавниците на родот“, користејќи го познатиот арсенал од навредливи зборови за Македонците. Тој смета дека толерантноста спрема членовите на ОМО „Илинден“ била престап спрема бугарштината.
Своите големобугарски ставови и негирања на Македонците Татарчев јавно ги промовира уште во Петрич на еден конгрес на ВМРО-СМД, кога се' уште беше главен обвинител и во добри односи со Красимир Каракачанов. Тогаш беше избран за почесен претседател на организацијата, а присутните ги поздрави со зборовите: „Ние треба да сме горди што сме членови на оваа организација и што сме Бугари и ќе се бориме за Бугарија до последната капка крв“. Како темна страница од поновата бугарска историја ја нарече 1946 година кога, како што истакна, Бугари биле натерани од други Бугари сосила да се откажат од својата националност. „Имаше и такви кои тврдеа дека Бугарите во Македонија не се Бугари... Ние треба да мислиме и за нашите браќа кои се' уште страдаат од србокомунизмот, нашите браќа што живеат во Вардарска Македонија. Не треба да заборавиме дека ние сме родени од браќа и треба да се бориме за создавање претпоставки за идно обединување на сите Бугари“.
Татарчев како главен обвинител даде налог да се затвори и бившиот бугарски премиер, неговиот братучед Андреј Луканов (нивните баби биле родени сестри - ресенки), за гревови од времето на Тодор Живков, што подоцна не беа докажани. Инаку, двајцата братучеди приватно не се сакале, а нивната нетрпеливост произлегувала од тоа што едниот припаѓаше на левоориентираните, а другиот на десноориентираните политички сили на Бугарија.
Македонецот Татарчев со потекло од Ресен го сметаат за поголем Бугарин од самите Бугари и еден од најцврстите бранители на бугарската кауза. Неодамна во интервју за весникот на ултранационалистичката партија Атака, чија програма целосно ја одобрува, се пожали дека имал многу пријатели кои подоцна го предале. Притоа, тој се закани со одмазда и ако било како во 1933 година, кога дејствувала ВМРО на Ванчо Михајлов, знаел како да им врати. „Тогашната организација ги казнуваше предавниците на погоден начин. Беа доста, да речеме, 50 стапа на голо. Има една македонска изрека: ќе те скусам само една педа. Сакаш одозгора или одоздола“, вели Татарчев.
Тој беше многу задоволен кога излезе скандалозниот бугарски водич за Охрид и, според него, крајно време било да се напишела вистината за Охрид кој, смета тој, бил „големата трагедија на Бугарија“. „Што се однесува до населението таму, грешката на бугарското раководство е дека допуштаат премногу компромиси, а тоа е предавство“, истакна своевремено бившиот главен обвинител на Бугарија.
Додека беше совеста на Бугарија, најтиражниот весник „Труд“ често го критикуваше, а еднаш објави и психолошки портрет на анонимен главен обвинител, во кого сите го препознаа Татарчев. Заклучок на весникот беше дека едно од најодговорните врвни места во државата го држи искомплексирана личност и неизживеан човек. Еднаш Татарчев се пожали дека од пред куќата му е повлечено обезбедувањето, без да го информира некој. Се крена голема врева околу тоа, а „Демократија“, весник на СДС, тогашната владејачка партија, информира дека му е вратено обезбедувањето, иронично забележувајќи „за да го обезбедува него и, како што истакнуваат соседите, и неговата сакана мачка“.
Покрај тоа, главниот обвинител цели пет години имал платен телохранител кој го следел на секој чекор. Самиот Татарчев во почетокот се спротивставувал да го обезбедуваат. Се движел само со возачот и со себе го носел службениот пиштол „макаров“. „’Јас сум Македонец и не ми е страв од никого‘, сака да кажува бившиот адвокат со гаден карактер“, продолжува со ироничниот тон „Демократија“, притоа потенцирајќи дека кога Татарчев ќе решел да го посети саканиот пирински крај, таму не му требало обезбедување, зашто секој момент за него се грижеле „здравите и верни арамии на ВМРО“.
На секоја изјава на висок бугарски раководител што е во прилог на Македонија и на македонската нација тој реагира мошне жолчно. Бившиот претседател на Бугарија Жељу Желев еднаш истакна дека македонската нација постои и дека таа реалност треба да ја прифатат. Тогаш Татарчев го обвини дека е национален предавник. Додека беше главен обвинител, често водеше војна против тогашниот премиер Иван Костов, посебно со неговиот министер за внатрешни работи, Богомил Бонев. Тоа беше повод весниците да почнат да му ги вадат валканите алишта.
За главен обвинител Татарчев бече избран од редовите на десницата, но почна да и' пречи со своите непредвидливи потези. За да биде иронијата уште поголема, кога го напаѓаа неговите, го бранеше опозицијата, на негова страна беа социјалистите, а тој го градеше својот имиџ во бескомпромисната борба токму против нив.
По заминувањето од функцијата, тој за малку за свој наследник не го постави својот заменик Бојко Рашков, исто така Македонец, роден во селото Огњаново, Гоцеделчевско, Пиринска Македонија. Меѓутоа, оваа негова намера ја осуети тогашниот претседател Петар Стојанов.
Иван Татарчев е роден во 1930 година во Софија. Неговиот дедо Михаил му бил брат на Христо Татарчев. Според неговите тврдења, дедо му бил убиен во 1917 година во Ресен од Србите, а стрико му Христо го осудиле на смрт во Скопје во 1945, што нема врска со вистината. Има завршено Правен факултет, работел како адвокат. Во 1961 година му било забрането да се занимава со адвокатура и пет години делкал камен. Бившиот бугарски главен обвинител е ерген и живее сам во куќа во центарот на Софија.
(продолжува)
|