Број 3360  вторник, 17 август 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Site Meter
Македонија

Печалбарите ја оживеаја Лакавица

Од 1.500 жители на селото, половината се во Германија, Швајцарија, Америка, Австрија, Италија

Киро Кипроски

ГОСТИВАР - Селото Лакавица, оддалечено 14 километри од Гостивар, летово е мошне раздвижено и весело. Зачестија свадбите и веселбите. Ова гостиварско село од каде што потекнуваат корените на американскиот нобеловец Ферид Мурат заживеа благодарение на печалбарите.

Од 1.500 жители на селото, половината се во Германија, Швајцарија, Америка, Австрија, а во последниве години печалбарска дестинација стана и Италија. Доволна потврда дека има многу луѓе кои заминуваат во странство е се' помалиот број ученици во подрачното училиште. Ако од прво до осмо одделение пред пет-шест години се школувале околу 200 ученици сега оваа бројка е намалена за 50 ученици. Печалбарите одат со семејствата и затоа има намалување на бројот на ученици.

„Печалбарите не го забораваат родното место. Речиси сите, по два пати во годината, на лето и на зима, доаѓаат на одмор во Лакавица. Тие ги реновираат и ги прошируваат куќите. Има и такви кои на темелите на старите објекти градат нови, со впечатлива современа архитектура. Плановите за куќите ги носат од државите во кои престојуваат. Во последниве години никнаа 60 нови куќи“, вели Бујар Асани, претседател на Месната заедница „Лакавица“. Според него, неколкумина печалбари планирале да отворат и бизниси, а со тоа на блиските и на соселаните да им обезбедат работа.

Седумде��етгодишниот Хамза Узери, кој четириесет години работеше како молер во Франција, конечно, се врати дома. Тој во близина на селото гради мелница на вода. Житото сака да го меле на традиционален начин, со камења што ќе ги вртат водите на реката Лакавица, како што тоа се правело пред повеќе од половина век. Узери планира да инвестира во мотел и ресторан за што ќе потроши над 50.000 евра.

Лакавичани се задоволни од активностите на Дирекцијата за заштита и спасување, која неодамна го расчисти коритото на реката Лакавица од отпадоци. Ариф Авзија вели дека ова се прави првпат, што според него е добро, бидејќи реката нема повеќе да се излева и да создава неприлики особено на плодните ораници.

Но, жителите имаат големи проблеми со комуналниот отпад и со пречистување на фекалиите од канализацијата што ја загадуваат реката. Тие се подготвени да помогнат во изградбата на пречистителна станица, меѓутоа не се моќни сами да го понесат товарот, без поддршка на Општина Гостивар и на државата, кои треба да бидат главни финансиери.

Жителите на Лакавица се занимаваат со земјоделство и сточарство, а некои се вработени во државните институции и приватни фирми во Гостивар. Најголемиот дел од младите сметаат дека егзистенцијата треба да ја обезбедат во странство. Сепак, дваесетгодишниот Алит вели дека се' потешко можат да најдат соодветна работа, бидејќи Западот не е како што бил, владее голема криза, а бројот на невработените е во пораст.

Во Лакавица се' уште се памети настанот кога нобеловецот Ферид Мурат пред десетина години, по добивањето на Нобеловата награда за медицина, го посети селото на својот татко Мурат Ејупи, кој во САД се доселил во 1913 година. Лакавичани тогаш му приредија величествен пречек. Тој беше пресреќен и задоволен кога влезе во куќата во која се родил татко му. На средбите со лакавичани, Ферид Мурат вети дека почесто ќе се среќаваат и дека ќе помага колку што може. Тројца студенти од Лакавица, на негов трошок, студираат медицински науки во САД. Еден од нив дипломираше, специјализира хирургија, се врати и се вработи во Клиничкиот центар во Тетово.


#
Статијата е прочитана 1079 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Македонија